Сплотени кон една цел – Македонија!

Македонската ракометна репрезентација пред некој ден со 34:26 ја победи селекцијата на Фарски Острови, надоместувајќи негатива од седум гола, со што се пласира на Светското првенство во 2025 година.
Македонските ракометари, предводени од селекторот Кире Лазаров, повторно се учесници на најголемото ракометно натпреварување, покажувајќи дека местото на оваа земја е секогаш меѓу најдобрите и дека во таа борба, секоја цел, колку во прв момент да изгледа недостижно, сепак е остварлива кога во остварувањето на целите се вложуваат сето срце, храброст, знаење и упорност.
Токму сите овие атрибути на нашите ракометари се потребни и кај домашните политичари ако сакаат да ги придвижат процесите напред. На 8 мај народот кажа дека сака земјата да оди напред, кон нејзината јасно поставена цел, членство во Европската Унија.
Ракометарите преку својот пример покажаа дека патот кон секоја цел е поплочен со постојана борба, борба да се избегнат сите пречки, опасности, да се следи стратегијата подготвена од страна на селекторот, за да може тимот да биде вистински тим, а не раштиман оркестар на поединци што бесцелно трчаат по теренот.
Така е и со оваа наша држава, која во клучните моменти повеќе личеше на раштиман тим во кој секој си зема право да солира, занемарувајќи ги целосно интересите на сопствената држава и на својот народ.
Затоа е важно сите да се угледаат на успесите на спортските селекции, оти истиот рецепт важи и за сите општествени процеси.
Имено, ако државата настапеше како тим пред да се потпише фамозниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија во 2017 година, тогаш сигурно немаше односите меѓу двете земји да бидат на најниското можно ниво, туку за отворените прашања ќе се разговараше врз рамноправна основа, без непотребна тензија и, што е уште поважно, без доведување на државата во подредена улога. Тимски требаше да се одбие и францускиот предлог и да се бара, нов, подобар, онака како што тоа претходно го направи Бугарија одбивајќи ги германскиот и португалскиот предлог.
Истото тоа ќе важеше и за Преспанската спогодба, кога повторно поединци непотребно „солираа“ и одлучуваа за судбината и идентитетот на еден цел народ, свесно дозволувајќи да се отвори процес на идентитетски инженеринг, кој токму сега, последниве денови, буквално ни се удира од глава.

Ако тогаш Македонија настапеше тимски, тогаш повеќе од сигурно ќе влезевме во НАТО и без промена на името, а во најлош случај без ерга омнес, односно никој немаше да ни попува како ќе се нарекуваме дома и ќе ни го забранува нашето најинтимно лично чувство. Да немаме никакви илузии, и порано имавме раштимани екипи, ама ниту една не потфрли кога стануваше збор за крајниот резултат во преговорите и со Бугарија и со Грција, бидејќи беа свесни дека со пораз, не само што ќе испаднеме од лигата туку ќе нѐ снема и од натпреварувањето.
По неколку години апатија, зачмаеност и градење на постојано чувство на онеправданост, нацијата повторно се буди и бара враќање на достоинството и работа и храброст во остварувањето на поставените цели.
Некој ќе каже сами не можеме, треба Европа да ни помогне. Па, на ракометарите, на кошаркарите, на фудбалерите и на сите други не им помогна Европа, туку со свои сили ги извојуваа победите. Можеби имаше понекој натурализиран поединец во тимот, но и тој е дел од селекцијата на Македонија, се бори за Македонија и сака таа да оди напред.
Сега е клучно новата енергија да се распространи насекаде, во најситната пора од ова македонско општество, за одново да се роди вербата дека можеме да ги оствариме сите цели, но заедно и тимски. Времињата на поделби по партиска, етничка, верска или каква било друга поделба поминаа, се виде до каде нѐ доведоа таквите поделби.
Затоа, исклучително е важно земјава да се посвети на исполнување на копенхашките критериуми, не заради Европа, туку заради сите нас. Тоа е нашата цел, тоа е нашата „негатива“ што треба да ја бркаме ако сакаме да се пласираме на големите натпреварувања. Принципот на владеење на правото мора да стане неприкосновен и без никакви отстапки, а тоа ќе повлече ефикасна борба со корупцијата и криминалот. Секој што се огрешил од законот, што правел криминали, да одговара во согласност со прекршоците што ги сторил, без оглед дали бил на власт или во опозиција. Толеранција во ова општество повеќе нема за никого.

Тој процес нека си тече, а паралелно треба да почне и реформата на јавната администрација, граѓаните да добијат администрација што ќе одговара на нивните потреби, а не ликови од типот „нишај врата, земај плата“, кои никој не ги видел на работа, а веќе набиле соодветен „работен“ стаж. Веднаш треба да почнат и проектите за реформа на здравствениот и образовниот систем, за конечно граѓаните да добијат квалитетно здравство и образование и да почувствуваат дека може и тука пристојно да се живее. За инфраструктурата воопшто и не треба да зборуваме. Тимски пристап е потребен за изградба на нови енергетски капацитети, нова железница, нови и безбедни патни правци на кои нема луѓето да гинат, производство на домашна храна, зеленчук и овошје, оти имаме земја во која и камен да насадиш, повторно ќе роди. Посебно внимание треба да ѝ се посвети на економијата, да се овозможат мерки што ќе го стимулираат економскиот развој, што ќе отворат нови и подобро платени работни места, кои ќе ги премислат луѓето во намерата лебот да го бараат во странство бидејќи и тука убаво ќе заработуваат и, што е најважно, ќе бидат свои на своето.
Има уште многу работи на кои луѓето што ја предводат државата треба да се посветат. Несогласувањата со Грција и со Бугарија прекуноќ ќе станат минорни и неважни и за Европа, бидејќи Брисел ќе сфати дека си има работа со држава што си ги потсредила работите дома, многу повеќе од некои актуелни членки на Унијата. Затоа, наместо да се троши енергија на непотребни расправи, да се посветиме на нашата цел, „пласман“ во ЕУ, со силна и убедлива победа да влеземе во тоа елитно друштво со кренати глави како победници. Впрочем, таков е и нашиот менталитет, победнички.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Јанев: Не игравме според договореното!

Женската младинска репрезентација на Македонија на СП во...

Чурлиновска собра 12 одбрани и стана МВП против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло...

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Македонија со две промени против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија денеска ќе го...

Македонија доживеа дебакл, но шансите за главната рунда останаа

Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло...