Темелна реформа… на свеста и на системот!

На Судскиот совет му е потребен ремонт!

Така вели Ковачевски! Така вели премиерот во владата и претседател на партијата која повеќе од шест години управува со сите процеси во државата. Се е во ред, само едно мало ремонтче на Судскиот совет и тераме понатака. Навистина „завиден“ успех на една политика! Политика, која од сите можни реформи, подобрувања, унапредувања, надградби и зајакнувања на правосудството во Македонија, дотурка до еден обичен ремонт. Можеби ги потрошија и девалвираа сите можни термини со кои во овие шест години го отворија судството како пупка, па зборот ремонтот некако му доаѓа како сламка за спас, нов термин за продолжување на „реформскиот процес“.

Не беше така одамна кога Заев се подготвуваше да ги направи најголемите реформи во македонското судство. Кога беше усвоена владината Стратегија за реформи во правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година. Кога го формираше Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата во правосудството 2017-2022. Иако сето ова веќе е паднато во длабок заборав, се разбира, под влијание на секојдневните владини скандали и секојдневната борба за преживување на обичниот Македонец, не можеме да не потсетиме на моментот кога Заев самиот се стави на чело на овој совет и заедно со тогашната претседателка на СЈО требаше да бидат најголемите реформатори на македонското судство.

Моментите кога Ковачевски беше обичен извршител во владата и ревносно ги зацврснуваше сопствените позиции во скутот на Заев, засолнет под покривката на длабоката политичка анонимност.

Таквиот Ковачевски, наследникот на реформаторот Заев, сега бара ремонт! Тој само бара! Не рече дека ќе стори нешто за да стави крај на оваа агонија или дека има некаков план за акција. Во негов стил, инертно, неспособно и по линија на послаб отпор ќе чека да му кажат што и како да прави и тогаш во својство на портпарол ќе ни ги соопшти плановите.
Запрепастува и фактот што после една плејада на министри за правда, кои продефилира низ владата овие шест години, дотуркавме до потреба за ремонт?!

Зарем после таква репрезентација на кадри кои со невидена сигурност и самодоверба не убедуваа во исправноста на нивните политики, дојдовме до еден автомеханичарски термин, ремонт. Зарем после Десковска, Маричиќ и Тупанчевски дотуркавме до ремонт? И после сите оние силни експерти кои го сочинуваа Советот за реформи и кои доаѓаа од владиниот и невладиниот сектор премиерот на државата констатира дека е потребен ремонт. Трагично!
Почитувани експерти, НВО активисти, сите вие кои во меѓувреме сте фино распоредени и удобно сместени по разноразни државни извори на приход, ве молам кажете нешто! Сите вие кои го заложивте сопствениот кредибилитет и стручност во функција на реформите кои што не се случија, ве молам дајте некоја изјава во јавноста.

Не го оставајте Ковачевски сам, во вакви моменти, кога веќе сè му се руши како кула од карти да остане без вашата креативност, принципиелност и стручност. Вие кои се колневте во извештајот на Прибе и кои го знаевте наизуст, вие кои сте сивата еминенција на македонското правосудство и ја дадовте целата своја поддршка на процесите кои што се зад нас, треба да кажете зошто дотуркавме до ремонт?! Зошто дотуркавме до 2-3% доверба во македонското судство? Кажете, не ја оставајте „меѓународната заедница“ сама да се брука со сопствените наоди и заклучоци за тоа дека полтиките и политичарите на кои им дадоа огромна поддршка ја изневерија нивната доверба и очекувања.

Интересна е онаа публикација на Антикорупциската комисија и ОБСЕ која неодамна беше промовирана. Публикација во која е поместена анализата и истражувањето за Проценката на ризиците од корупција во правосудството во Македонија, која беше претставена пред десетина дена.

Уште поинтересен е начинот и моментот на нејзиното претставување, како и меѓународната организација која уествувала во овој проект. ОБСЕ, меѓународната организација со која Македонија преседава во моментов, на која формално-правно шеф над шефовите во моментов (иако тоа нема врска со реалноста) е Бујар Османи, преку својата мисија во Скопје, врз основа на истражување, доаѓа до заклучок дека во македонското судство врие од притисоци и корупција.

Заклучокот е во ред, точен е!

Но, впечаток е дека некако млитаво се наметнува оваа мека моќ на меѓународната заедница. Впечаток е дека меѓународната некако срамежливо укажува дека работите во судството се лоши. Каде е тука сериозната медиумска поддршка, кампањите, активирањето на дежурните невладини организации кои треба јасно и гласно да кажат дека работата не чини, онака како што тоа го правеа во минатото?!

Каде се тука дебатите, тркалезните маси, семинари и другите начини на вложување на европски пари во функција на поддршка на процесите на закрепнување на македонското судство, онака како што се правеше до пред некоја година?!

Доказ за тоа дека резултатите од истражувањето на Антикорупциска и ОБСЕ се веродостојни, беше повикот на претседателот на Судскиот совет, Георгиев, кој ги повика сите судии кои трпеле политички или други притисоци да се охрабрат и да пријават дека се предмет на притисок.

Теоретски гледано, сосема коректен повик!

Но, како е во пракса?

Ќе имаат ли сила судиите, оние кои чесно и одговорно си ја вршат својата работа, да се одважат на таков потег? Ќе имаат ли сила, на пример, за почеток да ги пријават претседателите на судовите кои по правило се контакт точката за менаџмент на процесите и комуникација со извршната власт? Ќе има ли кој да ги заштити доколку го сторат тоа? Ќе има ли систем и механизам кој ќе превенира овие судии да станат жртва на посилните, поконектирани и поорганизирани предатори во македонското судство?

Од друга страна, се поставува уште едно, дијаметрално спротивно прашање. Дали некои од судиите, оние кои несовесно ја извршуваат својата работа, сакаат да пријават притисок?

Можеби тие сакаат да бидат под притисок, во контакт, во комуникација со надворешни структури и на тој начин да тргуваат со влијание. Работата си е работа, платата си е плата, но трговијата со влијание на еден судија му носи далеку поширок спектар на можности со кои ја зајакнува личната и семејната позиција.

Ова се само дел од прашањата кои заслужуваат сериозна анализа и одговор. Заслужуваат систематски пристап и решение кои ќе бидат дел од пакетот решенија за излез од оваа состојба.
Секако дека има уште многу други прашања за кои треба да се најде одговор. Прашања за кои што оваа власт до сега не успеа да ги најде одговорите и покрај силните декларативни заложби и стратегии за реформи во правосудството.

Тоа се прашања за кои е потребен стручен пристап, но потребна е политичка волја и решеност за да се истуркаат процесите до крај. Во моментов експертите молчат, а политичка волја, решеност и способност се нема.

Ремонтот кој што го бара Ковачевски е нешто многу мало, парцијално и далеку од она што реално му е потребно на македонското судство за да излезе од сопствената криза во која како вртлог го вовлекува целото општество.

Ремонтот како поим говори за свеста на Ковачевски, за неговото реално непознавање на состојбите во судството и за тоа што не очекува доколку продолжи овој тренд на реформи и ремонти кои траат во континуитет, од Заев до Ковачевски… заедно со нивната репрезентација на министри за правда.

На македонското судство и општество во целина му е потребна темелна реформа, првин на свеста, а потоа на целиот систем!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

СП младинки: Познати се осум учесници во главната фаза

Денеска на Светското првенство во Македонија беа одиграни...

Трикратниот освојувач на ЛШ ќе игра и на 37 години

Поранешниот репрезентативец на Германија, Тобијас Рајхман, ова лето...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...