„Тиранија на малцинството“ – Нова Македонија

„Тиранија на малцинството“ – Нова Македонија

Одредено малцинство во Македонија прави сѐ што е во негова моќ за да се обиде да ја уништи нашата демократија за сопствената агенда. Тоа несомнено е вистина, без оглед како сака да се претстават барањата на една од албанските политички партии. Решителното албанско малцинство се обидува да ги обликува основите на македонското владеење за своја корист од почетокот на независна Македонија. Повеќе од триесет години водиме жестока борба меѓу силите што се обидуваат да ја ограничат демократијата и оние што сакаат да ја прошират. Во 2024 година, земјата повторно е потопена во клучна битка за тоа кого политичкиот систем треба да го служи и да го претставува. Очигледно најголемото малцинство во државава има поинакво сфаќање за демократијата. Сега го гледаат моментот кога сакаат да ја завршат работата чувствувајќи се обезвластени. Тука сме да го урнеме целосно демократскиот систем на владеење во Македонија. Време е да се ослободиме од него, зашто не сме дел од власта. Ова е пораката што неформално ни ја испорача најголемата албанска политичка партија во Македонија, толкувајќи го Охридскиот рамковен договор како правен акт повисок од Уставот на државата, во духот на своите желби и политичката алчност.
Нашите влади од деведесеттите до денес предолго беа изградени врз серија компромиси што требаше да ја одржат новата држава заедно. Овие одлуки, сепак, на крајот ја поставија основата за поделбите што ја распарчуваат земјата денес, кога екстремните сили отворено зборуваат за уништување на демократијата. Наметнатите фантомски решенија за менаџирање на меѓуетничките односи поставија темпирана бомба во срцето на македонскиот политички систем на владеење. Структурните нееднаквости вградени во системот експлодираа во 2001 година. Но, како закон на физиката, проблемите што требаше да бидат решени со Охридскиот рамковен договор се забрзуваа, при што една нееднаквост ја влошуваше другата. Земјата повторно е на точка на пресврт во однос на политичката моќ и застапеноста. Ако триесет и повеќе години нѐ плашеа со „супериорна сила на заинтересираното и надмоќно мнозинство“, централната закана со која сега се соочува македонската демократија е иронична и вознемирувачка инверзија на мнозинскиот принцип: „тиранија на малцинството“. Реакционерните политички сили на малцинствата во државава користат неуставни политичко креирани институции за постојано да го опструираат, или дури и да го отфрлат мнозинскиот систем на управување со државата.

По изборите сме сведоци како етничкиот принцип на политичкото организирање станува сериозна закана за демократијата, со кој се сака да се поништат изборните резултати. Ова што се случува со барањата на ДУИ покажува дека заканата за демократијата оди подалеку од нивниот лидер и веќе длабоко е вкоренета во партијата. Барањата на ДУИ се остро предупредување до сите оние што прифаќаа политички жртви со цел да не ја поткопаат мултиетничката демократија во државата, преку систематско унапредување на малцинските интереси. Зарем треба повторно да разговараме и да се објаснуваме за нови политички реформи за да се усогласи потребата од владеење на мнозинството со потребата да се заштитат малцинствата, кога мислевме дека ова прашање го затворивме пред околу дваесет години. Или ќе го отвораме секогаш кога едно малцинство смета и се чувствува обезвластено.
Со години нѐ убедуваа дека мора да бидеме сензитивни, непромисленото и импулсивно мнозинство да не ги погази правата на малцинствата и да ја загрози одржливоста на владеењето во Македонија.

Го прифативме неприфатливото во гарантирањето на правата на малцинствата со цел да се заштитат малцинствата од тиранијата на мнозинството. За конечно, во однесувањето на ДУИ да се увериме каде лежи клучниот дел од сложувалката за поларизација по етничка линија во Македонија. Граѓаните конечно гледаат дека неограниченото мнозинство е секако опасно, но и премногу моќните малцинства, исто така, претставуваат јасна и присутна опасност за демократијата. И да не заборавам: нашата иднина зависи од премостувањето на вештачки култивираниот политички јаз меѓу мнозинството и малцинството во државава, кој им служи само на одредени политички мотивирани интереси, фундаментално спротивни на нашата заедничка благосостојба. Она што го доживуваме денес не е само ерозија на демократските вредности, туку активно демонтирање на самата демократија. Како можеме да напредуваме како разновидно и демократско општество ако гласното малцинство ги киднапира слободите содржани во нашиот устав? Одговорот лежи во препознавањето на маневрите на ДУИ за она што се – очајно разбирање за контрола и власт – и одговорот не треба да биде раководен со бес, туку со усогласена граѓанска акција за враќање на демократскиот карактер што треба да нè дефинира како држава.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ