Тивко е на југот?! – Република

Васко Шутаров

Нели е малку необично да бидеме постојано бомбардирани со турбулентни политички вести од сите страни од нашево непосредно соседство, па и регионот, а само од нашиот југ да ни пристигнуваат строго одмерени и во сè умерени вести, небаре таму, политичката дебата и борбата за власт се одвиваат, само господски и само по академски терк. Човек добива чувство, дека во Грција веќе никој не ја ни спомнува и никој посебно не се занимава со Македонија, па информациите што пристигнуваат до нас мора да бидат третирани што е можно повеќе неутрално и академски, како да не нè тангираат воопшто! А, дали е баш така?!

(Да не се лажеме, Грците после „Преспа“ само мудро си ја следат генералната геостратешка проекција, дека „на крајот најмногу ќе добијат оние што во меѓувреме прават најмалку грешки“, поврзани со нас! И не е воопшто случаен тој наметнат впечаток, дека во Грција е сè така мирно и спокојно, кога сме во прашање ние и нашата иднина!)

Колку е тивко на југот, најдобро чувствуваме и знаеме ние од југот, пораснати по солунските улици уште од мали, кога како деца ги влечкавме родителите за ракав понесени од неодоливиот блесок на солунските излози или не помалку возбудени со првите тинејџерски освојувања на слатките слободи, кои ги откривавме деноноќно, токму во „Градот на Белото Море“ . Не постои парче од солунскиот асфалт, дали пред бутик од скапите улици покрај морето, дали пред таверна или клуб, во кои не биле истресени и последните драхми, марки или евра за некој типичен, само солунски кеф.

(И кога на малите споредни улици „Ерму“ или „Агиа Софија“ ќе стасаше некоја добра колекција кондури или патики или некое екстравагантно парче гардероба, тие слатки тајни, гевгеличани само меѓу себе си ги разменуваа! И колку пати така, низ тие дневно-ноќни освојувања на солунските улици, случајно сме наидувале на френетични политички митинзи или налетувале на уште пофренетични учични протести, тогаш апсолутно незаинтересирани за нив, но,денес доволно искусни и печени, да не подлегнуваме на вешто креираните приказни дека политичката сцена во Грција е само господска и само академски настроена кон нас.)

Да ја скратам приказната! Изборната кампања во Грција заврши, но ќе има своја реприза и ќе продолжи повторно за некој ден, сè до 25 јуни, кога се очекува уште поубедлива победа на владејачката Неа Демократија и досегашниот премиер Кирјакос Мицотакис. Кон општоприфатените анализи за вака убедливата победа на грчката конзервативна десница, дека минатогодишното зголемување на странските инвестиции во Грција за 50% или економскиот раст од 6% (еден од највисоките во евро-зоната) се најзначајни причини за оваа голема победничка разлика, ќе додадам уште една, културолошка причина, за нештата да станат барем малку појасни!

(Можеби некој, во овој културолошкиот контекст ќе препознае и нешто повеќе, што можеби има подиректна и подлабока врска со нас, кој знае?!)

Во актуелниов „академски“ политички неинтерес за Грција (од пусти страв некаде да не ја згрешиме, нели?!), многу работи поврзани со владата на Мицотакис останаа недоречени или потполно неречени. Едно од тие подрачја е секако работата на последната грчка министерка за култура, д-р Лина Мендони.

(Еднаш веќе пишував за Мелина Меркури, легендарната грчка актерка и министерка за култура и митот поврзан со нејзината борба за враќањето на грчките артефакти од Партенон. Сеопштата светска перцепција за неа беше дека: „кога ќе ја погледнете во очи, прво Партенон и Атина ги гледате во нив!“ Д-р Лина Мендони е на најдобар пат, со својата работа на план на заштитата и промоцијата на грчката култура во последниот владин состав, да биде барем достојна за споредба со славната Меркури. А, има и зошто!)

Најнапред, Лина Мендони, успеа да врати три фрагменти од скулптури на коњ и две машки глави од Партенон, кои до скоро беа чувани во музеите на Ватикан. „Иницијативите како оваа, го покажуваат начинот на кој артефактите од Партенон можат повторно да бидат споени и така да зараснат раните од варварските раце нанесени врз нив, пред толку години“, ќе каже Ментони во таа свечена пригода. Овие фрагменти набргу се приложени во колекцијата на музејот кој е отворен во 2009 година, во подножјето на античкиот локалитет во Атина.

(Лина Мендони, како ниту еден грчки министер за култура по Мелина Меркури, вршеше исклучително силен, стратешки добро осмислен и постојан притисок кон Британскиот музеј за враќање на артефактите од Партенон, отуѓени од британскиот дипломат лордот Елгин во 1803 година, со дозвола на отоманските власти кои тогаш владееле со Грција. Велика Британија и Британскиот музеј уште од 1983 година, од времето на Меркури, одбиваат да го предадат наследството од Партенон, но Лина Мендони започнува оркестрирана меѓународна кампања, посебно по излегувањето на Британија од Европската унија, како и за време на пандемијата со коронавирусот и поплавата што тогаш зафати простории од Британскиот музеј.)

Грција никогаш нема да прифати дека Британскиот музеј е сопственик на највредното од грчкото културно наследство, кое е опљачкано!“, ќе повторува Мендони во секоја можна прилика пред европската и светската јавност и така стекнувајќи силна меѓународна поддршка за таа своја културно-дипломатска акција. Едно од поприштата на тој притисок врз Британија беше и Меѓународниот комитет на УНЕСКО за промовирање на враќањето на културните добра на земјите на нивно потекло, каде Грција успева да излобира „Препорака,“ која во еден дел се однесува на лошите услови во кои се изложени атинските скулптури во Британскиот музеј. Во препораката експлицитно се вели, дека:Комитетот најитно ја повикува Велика Британија да го разгледа својот став и влезе во преговори со Грција, што е, несомнено, во најголем дел дело на грчката дипломатија, посебно на грчката културна дипломатија предводена од Лина Мендони.

Грција и јас лично имаме уставна и морална обврска да го вратиме грчкото културно наследство во Грција, ќе каже грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во средба со неговиот тогашен колега Борис Џонсон, а Лина Мендони со истиот став ќе настапува во широката меѓународна кампања за притисок кон Британскиот музеј. А, во меѓувреме, Грција и лично Лина Мендони успеваат да добијат и една меѓународна правна битка, која полни 17 години беше водена против компанијата на големиот британски трговец со антиквитети Робин Сајмс. За време на нејзиниот мандат во Грција се вратени 351 предмет од големата колекција со антиквитети на Сајмс.

Во своето министерско портфолио со добиени битки, Лина Мендони ја впишува и долгогодишната судска битка со големата аукциска куќа Сотби, каде од продажба е спасен и вратен во Грција, еден исклучително вреден експонат, скулптурата на бронзен коњ од 8 век п.н.е.

„Грција очигледно постигна огромна победа – веќе е создаден правен преседан, судски преседан, а преку примерот со Грција се фаворизираат сите земји од кои нелегално се извезуваат културни добра“ пишува „Ројтерс“ по овој повод

A Лина Мендони ќе додаде:

„Во истата одлука се признава дека барањето културни права од страна на една земја, од Грција во овој случај, се однесува на суверено прашање, прашање на суверени права. Ова е многу, многу важно!“

Лина Мендони беше и иницијатор за заштита на културното наследство во контекст на актуелните климатски промени и за таа своја акција доби меѓународна поддршка од Обединетите нации, УНЕСКО и Светската метеоролошка организација. Министерката Ментони, беше иницијатор и на еден исклучително голем и важен проект, „Година на кинеско-грчката култура“ кој финишираше со организирање импозантна манифестација под падините на Акропол, со откривање на скулптура на која беа претставени Сократ и Конфучиј, а посебно впечатлива беше нејзината реч при отворањето на овој настан:

Ние ги третираме нашите традиции со почит, признавајќи дека културата е кислородот на нашите општества, но и најзгодниот начин за зближување на народите еден до друг”.

Какви се придобивките за грчкиот туризам по овој процес на културно препознавање и доближување на кинеската и грчката култура, допрва ќе дознаваме и ќе се исчудуваме!

Конечно, повторно Солун!

Во 2006 година беа удрени темелите за иградба на солунското метро, а изградбата на неговата прва фаза финишираше неодамна, непосредно пред почетокот на парламентарните избори. Која е поуката од „Градот на Белото море“, која Грците ни ја сервираат како на послужавник, а се однесува токму на заштитата на културното наследство?!

Солунското метро, трето на Балканот после атинското и софиското, е најголем државен проект во изминатите години и ја чини државата повеќе од 2,23 милијарди евра (повеќе од коридорите Бехтел и Енка кај нас!) а е финансиран целосно од грчкиот државен буџет и со кредити од Европската инвестициска банка. И секако, него го гради грчка фирма, „Атико метро“, која го градеше и атинското метро! (прва добра поука, нели?!)
Овој исклучително важен државен проект ќе му овозможи на Солун,превоз на 250.000 патници дневно и за време на долгогодишната изградба важеше за најприоритетен државен проект. Но, неговата градба беше во повеќе наврати прекинувана најмногу заради огромниот број археолошки наоди, кои се појавуваа при ископувањата. (втора добра поука, нели?!)

Првиот прекин се случи уште во 2008 година, со откривањето на преку 1000 гробови, а ископувањата подоцна повторно беа прекинувани заради откривањето на остатоци од римскиот пат Виа Игнација, па повторно прекинувани заради откривањето на гробот на македонска принцеза погребана со 8 златни венци, под сегашните темели на Универзитетот „Аристотел“, па по којзнае кој пат прекинати со откривањето на калдрмен пат изграден за време на македонскиот крал Касандар и тоа под денешните улици Ерму и Агиа Софија – истите оние улици, за кои своевремено разменувавме слатки тајни, но од сосем други побуди! (трета поука, нели?!)

Лина Мендони, за која културата и културното наследство значат кислород на грчкото општество, својот мандат го завршува и со преку 300.000 откриени артефакти од ископувањата на метрото во Солун, во најголем дел веќе конзервирани и подготвени да бидат изложени во двата нови музеи во Солун, едниот во џамијата Хамзи-бег, а другиот на аголот помеѓу улиците Игнатиа и Венизелос, како и со јасно ветување дека културното наследство откриено под темелите на денешен Солун, ќе биде целосно заштитено и изложено на увид на јавноста во секоја метро-станица!


Не е воопшто тивко на југот, само кој да ги чуе и разбере пораките кои се емитираат од таму?! А и тешко е, од позиција на актуелните македонски власти, удавени во сопствената реа од негрижа за сè што е македонско, во реата од негрижа за македонската култура и културно наследство, да се чујат и разберат толку јасните и едноставни пораки за културата, кога станува кислород за живот и развој на едно општество?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ИЗБЕРЕТЕ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – ЖЕНИ (АНКЕТА)

Втора сезона по ред редакцијата на 24Ракомет, единствениот...

ИЗБЕРИ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – МАЖИ (АНКЕТА)

Зад секој успех на тимот стојат и поединци...