Трајкоски: Номинацијата за најдобар млад ракометар ми дава мотив за поголеми успеси

Трајкоски: Номинацијата за најдобар млад ракометар ми дава мотив за поголеми успеси

Натпреварувачката сезона во суперлигашката конкуренција ќе финишира викендов, а македонските љубители на ракометот имаа можност да видат неколку перспективни ракометари на терените. Еден од нив е левото крило на Прилеп, Давид Трајкоски, кој се најде меѓу номинираните за најдобар млад ракометар на сезона 2023/24.

Прилепчанецот одигра одлично во првиот и вториот дел од сезоната и на дел од натпреварите имаше 100% реализација. Уште на натпреварот против Еурофарм Пелистер го покажа својот раскошен талент и квалитет што го поседува. На повеќе натпревари освен во нападот, одигра на висина на задачата и во одбраната. Иако паузираше одреден временски период поради повреда, во претходното коло, против Вардар Неготино, имаше успешен камбек на терените.

,,Номинацијата за најдобар млад ракометар во Супер лигата ми значи многу, прво лично, бидејќи ми дава сѐ поголем мотив да напредувам, а ѝ на професионален план да се стремам кон сѐ поголеми успеси заедно со мојот тим. Чувството да се игра со најдобрите играчи од македонските клубови е неописливо, прво затоа што сум млад играч, а имам ваква шанса. Двата натпревари со екипата на Еурофарм Пелистер и моите 12 реализации ќе ми останат во најголемо сеќавање, за тоа сум му најблагодарен на мојот тренер за укажаната доверба”, изјави Трајкоски.

19-годишното лево крило е меѓу најмладите во тимот на Божидар Мојсов, па често добива корисни совети од постарите колеги. Од натпревар во натпревар собира драгоцено искуство и се развива во квалитетен играч, на кого тимот сериозно смета во иднина. Прилепчани во него гледаат голема перспектива, а тоа за Трајкоски не претставува никаков притисок, само го мотивира да напредува уште повеќе.

,,Во сениорскиот тим на Прилеп сум одлично прифатен. Атмосферата е на највисоко ниво и сите играчи се секогаш тука за помош и за мотивација. Доколку имам некаков проблем, сите заедно, тимски го решаваме. Ми укажуваат каде грешам и максимално ми помагаат за да ги надминеме потешкотиите. Довербата од прилепчани ме мотивира дополнително да напредувам и да давам максимум од себе на секој натпревар, посебно е чувството кога играш пред прилепската публика”, вели Трајкоски.

Тимот на Прилеп во последното коло од плеј-аут фазата на свој терен ќе се сретне со Еурофарм Пелистер 2. Двете екипи се борат за директен опстанок во елитата, па така за избраниците на Мојсов императив ќе биде само победа.

,,Еурофарм Пелистер 2 е сериозен противник и нормално како и нас ќе целат на директен опстанок, но сега ние имаме предност бидејќи играме пред својата публика, која е нашиот осми играч на секој домашен натпревар. Фокусот ни е на максимум и очекувам возбудлив натпревар со силен напад, но и стабилна одбрана. Сметам дека со максимален ангажман од секој играч можеме на најдобар можен начин да ја завршиме сезоната, а тоа е секако со победа и директен опстанок во елитата”, заврши Трајкоски.

Прилеп со давањето шанса на младите играчи на натпреварите во Супер лигата потврди дека сериозно работи на создавање квалитетен кадар за во иднина. Освен во сениорскиот тим, под полна пареа се работи и во младинските категории, во кои се наѕираат уште неколку перспективни ракометари.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ