Треба ли? – Република

Петар Поп-Арсов

Бугарија ќе отвора школо на бугарски јазик во Голо Брдо?! Бугарија ќе врши асимилација на Македонците во Албанија!

Така беше протолкувана посетата на бугарската потпретседателка Јотова на овој дел од Албанија во кој живеат етнички Македонци. А, како поинаку да биде протолкувана посетата, кога жената тргнала со торба пасоши со цел од Македонците да прави Бугари? И сето тоа во очи на пописот во Албанија.

Гнасно! Неевропски!

Далеку од сите стандарди за добрососедски односи за кои постојано нѐ обвинуваат дека не ги применуваме, како и надвор од сите норми содржани во Договорот за добрососедство којшто го потпишаа со Заев.

Ќе создаваат Бугари во Албанија?!

Што е следното?

Блокада, барање за уставни измени и внесување на Бугарите во албанскиот устав? Ако имало Бугари таму, зошто барањето за почитување на нивните права не го ставија во истиот пакет со барањето за почитување на правата на Бугарите во Македонија соддржано во францускиот предлог? Зошто преговарачката рамка на Албанија е растеретена од ваквата обврска? Зарем „Бугарите“ во Албанија се помалку вредни Бугари од „Бугарите“ во Македонија?

Зошто не отиде Јотова во Грција со торбата пасоши, па таму да бара Бугари? Зошто не ја демонстрираат својата агресивна политика и врз Грција со цел да ги заштитат тамошните „Бугари“? Или таму не смеат, страв им е, како што секогаш им било страв во текот на последниве стотина години! Таму не смеат ни да помислат да сторат нешто за „своите Бугари“. Како тие да се поневредни дури и од оние во Албанија.

Не би ја ширел темата до бескрај. Ќе кажам само една работа во врска со прашањето на „Бугарите“ во Албанија.

Таму нема Бугари! Таму има Македонци!

Тоа го констатираат сите наоди и експертски мислења на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа. Тоа го констатира Комитет на европски експерти! Најдобрите меѓу најдобрите! Претставници од сите европски земји, членки на Рамковната конвенција. Комитет кој работи по сите стандарди на Советот на Европа кои што се прифатени и почитувани од цивилизираните европски земји.

Тука морам да потенцирам една работа. Тоа се експерти, луѓе кои работат врз основа на она што го гледаат на терен. Тие не се политичари кои креираат политики и кои сопствените политики и интереси се обидуваат да ги наметнат и да ја променат реалноста.

Во прилог ќе оставам неколку хиперлинка за да можат оние кои што ги интересира да погледнат, подлабоко да се запознаат со темава и по можност да видат дека токму европските норми и стандарди всушност се најсилното оружје кое што го имаме во сопствените раце во борбата за заштита на правата на Македонците кои што живеат надвор од Македонија. Во билатералните активности се покажавме како исклучително слаби, неефикасни и во постојана дефанзива. Ова е особено изразено и видливо кога не водат влади како владите на Заев и Ковачевски. Затоа, мултилатералните договори и конвенции се исклучително силна алатка во рацете на помалите и послабите држави. Во овие хиперлинкови се содржани сите релевантни и важечки документи креирани од Советодавниот комитет на Рамковната конвенција, како и резолуциите на Комитетот на министри на Советот на Европа во однос на Албанија.

Во овие документи може јасно да се види дека терминот „бугари“ за прв пат се појавува дури во 2017 година, кога започнува целокупната операција на бугаризација на Македонците на Балканот. Операција која што е поддржана и од официјалните македонски влади, водени од Заев, а подоцна и од Ковачевски.

Ако тезата дека македонската држава ги супресира Бугаририте за да не можат слободно да се изјаснат како такви, некако може да ја тркала и брани официјална Софија, со што ќе ја бранат тезата дека албанската држава, до 2017 година, ги супресирала Бугарите и ги терала да се изјаснуваат, не како Албанци, туку како Македонци?! Како ќе го толкуваат фактот дека до 2017 година немало Бугари во Албанија?

Воопшто не се добри овие движења на Балканот околу македонското прашање кои последниве шест години се произведуваат во Софија. Воопшто не се европски, ниту пак имаат врска со цивилизациските придобивки остварени низ историјата. Уште полошо е тоа што сите овие процеси се поддржани од владата на Ковачевски. Сите активности што ги прави оваа влада имаат за цел да ја реализираат зацртаната политика на Софија.

На пример:

  • Во моментов функционира македонска влада составена од поддржувачи на уставните измени, без да се води сметка за пропорционалната застапеност на Македонците во неа. Тежнеењето да се дојде некако до двотретинско мнозинство е поважно од сѐ, дури и по цена на воведување на апартхејд во Македонија.
  • Постои селективна примена на законите во функција на политичка пресметка и прогон на неистомислениците и политичките опоненти. Подоцна, таквата селективност и политички прогон се трансформираат во политичка трговија на штета на националните интереси. Таков беше примерот со претходните уставни измени.
  • Се Усвојуваат закони кои се надвор здравиот разум. Закони кои стимулираат криминал, корупција и неказнивост. Закони кои испраќаат порака дека е неисплатливо да се биде чесен. Закони со кои актуелната власт си создава простор за да не одговара за направените криминали, а во исто време си прави илузии и повторни обиди за политичка трговија на штета на македонските национални интереси.
  • Се злоупотребува македонското собрание и неговите деловнички процедури, повторно во функција потребата од уставни измени и реализацијата на политиките зацртани во Софија. Злоупотребата на европското знаменце заради забрзување на постапките или дискреционото право на спикерот заради закочување или ставање на истите во хибернација, се применуваат по потреба, само и само за да бидат во функција на остварување на политиките кои што ги креира официјална Софија во однос на Македонија и Македонците.
  • ЕУ се прави недоветна, неинформирана и без став во однос на злоупотребата на европското знаменце при усвојување на законите во Собранието. Нормално, гледа низ прсти како не би го нарушила процесот за кој што зборуваме, имплементацијата на политиките на Софија. Тоа што подоцна си ги мие рацете со формални изјави дека не биле информирани или дека не се согласуваат со злоупотребата на европското знаменце, се класично лицемерие.
  • Паралелно се одвива грабеж; коруптивни скандали; се случува онкологија; се воведува целосна неизбалансираност и нееднаквост во системот на плати финансирани од државниот буџет; нема учебници; неконтролирано поскапува се, особено основните продукти за живот; судството е со нула доверба; обвинителството не реагира по допрен глас, освен ако гласот не допира од зградата на Илинденска.

Има ли потреба од дополнителна аргументација? Има ли потреба уште да се зборува дека политиките кои што ги води оваа влада се крајно деструктивни за македонските национални интереси?! Има ли потреба да повторуваме дека владата на Ковачевски метастазира во македонското национално ткиво и дозволува да биде растргнато од агресивните политики на Софија?! Има ли потреба повторно да се каже дека се уништува целокупниот систем на вредности на овој народ, создаван со генерации наназад?! Има ли потреба да се потенцира дека сме економски и финансиски се посиромашни, за што зборуваат бројните протести и изрази на незадоволство на различни групи на граѓани?!

Треба ли уште еднаш да се повтори дека се потребни итни парламентарни избори за да се сопре оваа налудничава политика на владата на Ковачевски која од Македонија и Македонците создаде експериментално гето за пласирање на „ГМО“ политиките на европскиот политички инженеринг?!

Треба ли?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ваљадолид се збогува со Дарко Димитриевски

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во новата сезона ќе...

Хрватска со нов селектор против Македонија на ЕП

Младинската репрезентација на Хрватска ќе има нов селектор...