Уметноста на возможното – Република

Петар Поп-Арсов

Изборите завршија, резултатите ги знаеме. Ги знаеме победниците и поразените. Бројките се јасни, а математичките комбинации лесно предвидливи. Во моментов на сите страни се прават анализи за исходот од изборите и предвидувања за понатамошниот тек за случувањата во македонската политика.

Но, политиката не е само обична математика која што претставува особено формална и егзактна научна дисциплина. Политиката не се состои само во обични бројки и едноставни математички операции на собирање и одземање. Таа е нешто сосема поинакво, нешто кое што често пати се коси со логиката и остантите математички закономерности. Политиката е, како што би рекол Бизмарк,  уметност на возможното.

И тоа не е сѐ!

Таа е и нешто друго. Политиката е и нешто кое што се поистоветува со најстариот занает со што и се дава оној вообичаен негативен контекст при нејзиното поимање. Без разлика дали е наука, уметност или занает, таа е неизбежна и присутна во сите сегменти од нашето живеење.

Сепак, во овој текст не би се плеткале ниту со математиките ниту со старите занаети. Ќе направиме обид да се задржиме на „уметноста“, која што како таква ќе ни послужи како еден вид на подлога за да одгатнеме кои беа супстанцијалните причини кои што доведоа до ваквиот исход на македонските парламентарни избори.

Уметноста пред сѐ!

Таков е животот на нас уметниците…, а барем да бевме уметници!

Ќе започнеме од ЗНАМ, па ќе одиме нагоре по ред, од ниско кон високо.

ЗНАМ ја искористи својата шанса?! Или можеби не?! Повеќе би рекле дека одговорот е под б), отколку под а), но тоа е прашање на субјективна перцепција. На што се заснова субјективноста во перцепцијата дека ЗНАМ не ја искористи својата шанса отколку дека ја искористи?

Има неколку причини и параметри кои не водат кон таков заклучок. ЗНАМ уште од почетокот имаше исклучително празна и плодна политичка почва која што му беше препуштена од „постариот брат“, СДСМ. Ако на почетокот на разидувањето на челниците на овие партии, чие што гласачко тело, патем кажано, претставува еден заеднички базен на гласови, беа личните битки помѓу Димитриевски и Спасовски, во продолжение тие добија идеолошко-политичка димензија. Ваквото идеолошко-политичко разединување одеше по онаа стара македонска линија на поделби, при што СДСМ доброволно прифати да ја игра улогата на оние што од историјата ги познаваме како врховисти, а челниците и поединците од ЗНАМ, кои што дотогаш беа на истата страна со постариот брат, како последица на конфликтот Димитриевски-Спасовски ја искористија приликата да го сменат наративот и со извесно временско издолжување да скокнат во времето на АСНОМ и тука да го изградат своето најсилно утврдување.

И така, ЗНАМ доби своја политичка физиономија која што беше сосема спротивна од онаа на СДСМ на Заев, Спасовски, Ковачевски и останатите. Сосема спротивна која што навистина имаше можност да ги преполови гласовите од истиот базен и да ги стави на свое конто.

Но, тоа не се случи! Не се случи, иако првиот круг од претседателските избори навестуваше можност дека ЗНАМ ќе освои многу повеќе гласови отколку тоа што беше перцепирано низ призмата на македонскиот политички стереотип.

Кои беа причините?

Можеби непрепознатливата кадровка понуда?! Недоволно разгранетата мрежа на оперативни структури и општински организации?! Колективната меморија на македонските граѓани која што ја помнат поврзаноста на структурите на ЗНАМ со прапочетоците и имплеметација на политиките на Заев?! Програмската понуда или политиката на “one man show”?!

Веројатно од сѐ по нешто! Сума сумарум, тоа беше одлука на македонските граѓани кои на ниво на индивидуална уметничка проценка со елементи на математичка пресметка го „наградија“ ЗНАМ со шест пратенички мандати.

Левица сепак направи одреден камбек после неуспехот во првиот круг од претседателските избори. Резултатот на оваа партија е збир на повеќе параметри и кој повеќе говори за расположението и револтот на македонските граѓани во однос на внатрешното и надворешното битисување на државата отколку што е производ на некоја политичка понуда која што нуди перспектива. Левица е антипод на се она што е меинстрим политика и претставува издувен вентил за одредена група на граѓани кои што во оваа партија можат да пронајдат прибежиште во кое можат да ги обединат своите гласови. Гласови, претежно засновани на антагонизам, но сепак гласови и луѓе кои што се реалност во државата и кои што ја искористија можноста да ја упатат својата порака, опомена или како и да ја дефинираме нивната одлука кон сите од внатре и од надвор.

Можеби ќе имаа уште поголем успех да не беа оние нејасни идеолошко-политички егзибиции и испади на раководството кои што ги гледавме во континуитет последнава година, но тоа е. Не се мали, веројатно знаат што прават.

Коалицијата ВРЕДИ го претставува најголемото освежување на македонската политичка сцена. Речиси беше непоимливо да се очекува пораз на ДУИ кои во минативе дваесетина и кусур години имаа доминација кај албанските гласачи. Веројатно клучен фактор во албанската гласачка равенка беше експлицитната поддршка која што оваа коалиција ја доби од косовскиот премиер, Курти, со што се даде сериозен импулс во рововската пресметка помеѓу овие два политички блока. Колку што не држи сеќавањето, ова беше првата јасна и недвосмислена поддршка на еден сериозен центар на политичка моќ од албанскиот свет кој отворено застана контра Али Ахмети.

Гласовите ги добија, мандатите исто така. Останува да се надеваме дека ќе покажат политичка зрелост со која ќе бидат цврст и доверлив партнер во идната влада. Останува да очекуваме дека нема да ја направат грешката на ДПА од периодот помеѓу 2006 и 2008 година, која со својата политичка нестабилност му ја направи најголемата услуга на ДУИ враќајќи го повторно на власт. Потлитичката конзистентност и стабилност која што се очекува од ВРЕДИ е неопходна за нормално функционирање на влада та и државата, но во исто време е потребна да му овозможи доволен период на ДУИ да ги направи потребните реформи во сопствените редови како партија во опозиција.

СДСМ доживеа колапс! Како и зошто, не би сакале да се повторуваме. А, убаво им се нудеше можност, па дури и барања од опозицијата за оддржување на предвремени парламентарни избори минатата есен. Беа напишани безброј текстови и колумни за нивните погрешни политики кои тие самите не сакаа да ги видат. Сега имаат доволно време за сопственото преиспитување, нека се вратат малку нананзад, нека прочитаат па можеби ќе ја најдат раскрсницата на која што тргнаа во погрешна насока. Барем да беше една раскрсница!

На овие избори ДУИ покажа дека има сериозно влијание во севкупната македонска политичка сцена. Не само кај албанските гласачи, туку и поширокои. Како прво, ДУИ успеа да ги привлече во својата коалиција довчерашните лути противници Тачи и Села, но исто така за прв пат формираше коалиција со политички партии кои се репрезенти на Ромите и Турците. Бројот на гласови што оваа коалиција ги освои е респектабилен, но во исто време е показател дека ДУИ не е ексклузивниот и најголемиот претставник на гласачите Албанци во Македонија. Сепак, ДУИ покажа дека пред изборите имаше сериозен коалиционен капацитет и дека имаше бројни алатки на располагање кои придонесоа да бидат привлечени голем број на гласови на нивното конто.

Во исто време, ДУИ покажа дека има влијание и кај гласачите Македонци, но во обратна смисла. Имено, националистичките скандирања и провокации на Ахмети пред првиот круг претседателски и бојкотот во вториот круг, претставуваа сериозен стимуланс и поттикт за значителен број на гласачи Македонци кои масовно излегоа за да придонесат во постигнувањето на цензусот. Токму тие гласачи, кои во најголем број ја дадоа поддршката на кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ (што може да се види од резултатите), се додадената вредност на гласови на контото на ВМРО-ДПМНЕ кои што беа мотивирани токму од ДУИ. Данке ДУИ!

ВМРО-ДПМНЕ имаше многу сериозна и темелна кампања, поткрепена со богата програмска понуда. Постепено и континуирано го градеше својот политички рејтинг кој што процес траеше буквално до самото затворање на гласачките места. Партијата претходно успеа да одолее на неколку замки кои што и беа поставени од СДСМ, меѓудругото и онаа од минатата пролет кога на лидерска средба на ВМРО-ДПМНЕ му беше понудено да влезе во некаква широка коалиција предводена од СДСМ. Тоа беше моментот кога ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ја презеде целосната иницијатива на македонската политичка сцена и кога започна сериозниот и очигледен раст на поддршката од страна на македонските граѓани кон оваа партија. Сето останато што следуваше се одвиваше како по книга, а резултатот е очигледен.

Тој резултат е голем успех и голема обврска која што стои пред оваа партија. Првите реакции и однесување на оние кадри од ВМРО-ДПМНЕ, кои што се визибилни за јавноста, се приземни, скромни, конзистентни и охрабрувачки. Партијата има искуство со артикулирање на волјата на граѓаните и нејзиното имплементирање во сопствените политики, но и искуство во водење на процесите во интерес на државата и граѓаните под притисокот и влијанието кое што произлегува од надворешните и внатрешните политички околности.

ВМРО-ДПМНЕ ја има диригентската палка во своите раце и во никој случај не смее да се откаже од интерпретирање ниту на песната Заветна, ниту на Одата на радоста. Постојаното оставање на овие две песни на сопствениот репертоар ќе ја оддржуваат оваа партија долго време на пол позиција во македонската политика. Тоа ќе биде сериозен предизвик и вистинска уметност, но мора да се тера во тој правец.

Уметноста оди пред науката. Тоа што уметноста го загонетнува, подоцна или многу подоцна науката го објаснува и докажува. На крајот од денот секоја уметност се претвора во наука и може да биде објаснета преку научни методи. Да биде објаснета исто онака како што можат да бидат измерени и математички објаснети пропорциите на делата на Да Винчи, фреквенцијата на нотите на Бетовен или емотивните бранови предизвикани од текстот на Барбаровски. Политиката е спој на науката и уметноста, а нејзините резултати треба да се перцепираат исклучиво како математички прецизна уметност.

За останатото, треба да се засукаат ракавите!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...

Колку заработија екипите што играа во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во изминатата сезона подели...

United in Isolation, Putin and Kim Keep the World Guessing About Their Sanction-Busting Plans

Nearly a quarter-century after his last visit to Pyongyang,...