
Македонија повторно е заглавена во политички лавиринт. Власта не успева да поттикне кај партиските лидери (значи и кај самите себе и во опозицијата) политичкиот дијалог и никако да се донесат решенија и компромиси заради излегување од многуте празни ходници каде се заглавија.
Поминуваат две недели откако премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски одржаа средба од која се очекуваше малку појасен патоказ. Ама…
Договор меѓу власта и опозицијата како да станува се подалечен, се поневозможен. Се создаде таква атмосфера, наместо продолжување на договорот се случи обратно: почнаа меѓусебни обвинувања околу тоа којшто прифатил, а кој што понудил и не прифатил…
Дали власта (која ја има најголемата одговорност) всушност посакува да дојде до договор или само сака нејзиното да се спроведе, а за тоа да „плати“ со неколку министерски места?

Се поочигледно станува дека без земање во предвод на предлозите и ставовите на опозицијата нема да има пратеничко двотретинско мнозинство кое ете со сите сили се бара. Ќе се промени нешто во пристапот или…?
-Освен хистерија, лажни вести и блокади, Христијан Мицкоски и ДПМНЕ немаат ништо, буквално ништо направено ниту за државата, ниту за македонскиот идентитет, соопштија деновиве од партијата чијшто лидер е Димитар Ковачевски, а кој постојано тврди дека Мицкоски “ги прифатил уставните промени“.
Од друга страна, Мицкоски завчера соопшти дека темата за уставните промени е веќе затворена.
-Јавноста беше сведок на жестока хајка од власта со море на дезинформации и лажни етикети околу темата со уставни измени. Темета за уставни измени за мене и за ВМРО-ДПМНЕ е затворена, порача Мицкоски.
Дали овие изјави на двете најголеми македонски партии даваат надеж за договор? Не, конфликтот сега само е уште поголем отколку што беше пред лидерската средба.
А Македонија не е добро да чмае во лавиринтот. Се поочигледно е дека најдобро би било излезот да се бара во брзи предвремени избори. Граѓаните нека кажат кој, како и каде понатаму да ги бара решенијата за одглавување на македонскиот автобус кој сега го возат Ковачевски и Груби.