Вселенската патријаршија ќе има надлежност врз македонските епархии во дијаспората?

Македонската православна црква полека го изодува патот кон целосна автокефалност. Додуша за некои афтокефалноста е веќе одобрена од СПЦ, но за други важен бил и се чека последниот чекор на Вселенскиот патријарх. 

Пораки викендов стигнаа од митрополитот на Вселенската патријаршија Кирил, кој управува со епархијата Имврос и Тенедос во која е и родното место на Вселенскиот патријарх Варотломеј. Тој кажа дека „процесот на доделување на Томосот за автокефалија е на добар пат“. Претходно, кога пред некој месец беше во посетата на Бигорскиот манастир тој најави дека Томосот ќе биде доделен уште во текот на годината. Сето тоа кажува дека документ за нашата црковна автокефалност наскоро и ќе биде доделен во храмот на Охридската Архиепископија – црквата „Света Софија“ во Охрид.

Но, ваквите оптимистички изјави кои што ги дават достоинствениците од Вселенската патријаршија дали значат и дека полека и се расчистуваат сите оние прашања кои внесуваа неизвесност околу добивањето на Томосот?

Таквите прашања и дилеми не се малку:

  1. Кое име ќе го носи МПЦ-ОА за домашна употреба, ќе и биде ли забранета придавката „македонска“?

2. Каква титула ќе има архиепископот г.г. Стефан, ќе ја има ли и придавката „македонски“?

3. Дали Вселенската патријашија ќе има надлежност врз македонските епархии во дијаспората?

4. Дали Фанарот ќе има егзархат и во кој манастир во Македонија?

5. Ќе биде ли воспоставена второстепена цариградска црковна судска инстанца?

Има и други нејаснотии, барем за јавноста.

На постоењето на ваквите дилеми и проблеми неодамна отворено укажа и македонскиот митрополит Петар кој рече дека Вселенската патријаршија бара името што таа ни го определила „Охридска Архиепископија“ да биде „ерга омнес“, односно, и за надворешна и за внатрешна употреба, дека се бара да ги преземе надворешните епархии и слично, а што тешко може да се прифати.

Искуството на Православната црква во Украина која доби Томос од Вселенската патриајршија, но се откажа од епархиите во странство и од другите атрибути на автокефална црква, е доволно предупредувачко.

Постоењето на ваквите барања од Вселенската патријаршија сигурно дека им даде и поттик на струите во македонските црковни редови, но и околу нив, да јакне тезата дека Томосот што ни го даде Српска православна црква е доволен документ со кој се потврдува нашата црковна самостојност. За таа цел, за да не се отстапи од уставното име на нашата Црква наведено во Томосот од Белград, се собираа и петиции и потписи на граѓаните, а што отворено го поддржуваше и владиката Петар.

Значи ли дека сега, по изјавите на вселенскиот митрополит Кирил, работите се расчистени? Но, дилемата којашто веднаш се поставува е: на кој начин се расчистени?

Македонските владици предводени од архипископот охридски и македонски г.г. Стефан молчат околу тоа што е постигнато како можно решение кое ќе биде наведено во текстот на Томосот. Од нив не се слуша ништо што би потврдило дека се доаѓа до решение коешто и нам ќе ни одговара. Дали е тоа добро и дали македонските верници не треба да знаат ништо околу тоа што се договора како документ за односите на МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија? Треба ли да се дојде во ситуација да се објави дека Томосот ќе биде доделен, а потоа да се види дека во него се предвидени некои обврски коишто се (не)прифатливи за македонската црква и нејзините верници? Тоа, секако, не би требало да се случи и македонските владици треба да бидат свесни за тоа бидејќи и искуството со „Нишкиот договор“ беше доволно горчливо.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ваљадолид се збогува со Дарко Димитриевски

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во новата сезона ќе...

Хрватска со нов селектор против Македонија на ЕП

Младинската репрезентација на Хрватска ќе има нов селектор...