Yaa-seen-it-all генерации и хербариум институции

Yaa-seen-it-all генерации и хербариум институции

Васко Шутаров

Хербариумите од нашето детство

Чичко ми беше наставник по биологија во едно мало гратче на југот на Македонија и при крајот на школската година, кога е сè раззеленето и процветано, ги водеше учениците на настава во природа. Јас уште премал за на школо, а пресреќен дека ќе се дружам со поголеми ученици, се радував баш како што мало дете се радува на откривањето на природата. Многу години подоцна, разбравме дека сме биле вистински благословени деца, затоа што најубавите детски години сме ги поминале во игра и во освојување на природата! Ништо толку моќно не обединува и спојува, колку заедничкото откривање на природата!

Учениците на тие часови во природа собираа цвеќиња и билки и имаа задача од нив, до крајот на школската година да направат хербариуми, а чичко ми натоварен со еден куп папки, сите педантно врзани со врвки, ќе ги донесеше дома за да ги прегледа и оцени! Хербариумот, тој пресуван спој од бои, мириси и сончевина (нели секој цвет во својот корен чува светлина!), просто маѓепсуваше! Секој лист хартија, сам за себе беше и приказна и уметност и маѓија! А уште и наука- бидејќи сите тие собрани билки, внимателно пресувани, сушени и залепени на бел лист хартија, се класифицираа според видови, семејства и родови, со латинското име на билката, местото на собирање и името на ученикот-колекцонер.

Во сè што е природно (и кога е така откраднато од неа, исушено и изложено!) има нешто волшебно, вистинито и поучно, а цело наше детство беше токму такво!

Фрагментите од природата заробени во школските хербариуми се само делче од сеќавањата за природата и зеленилото од нашето детство! На прсти се броеја часовите одвоени за детска програма на единствениот телевизиски канал или програмите за деца на радиото, возрасните во семејствата беа постојано зафатени со работа, па не бевме прекорувани ако исчезневме и цело претпладне во природа, на некое од блиските ритчиња.

Оставени сами на себе со природата, учевме, според звуците и крајоликот низ кој движиме, во кое зеленило може да налетаме на гуштер или каде може да налетаме на некоја змија изложена на припек, распознававме спокоен пој, но и преплашен крик на птица, впивавме опој од расцветано полско цвеќе и ловевме „царски пеперутки“ со големи шарени крилја, за да ги донесеме дома и пуштиме повторно на слобода во нашите дворови. Слободата и безбедноста, тоа се првите денешни сеќавања за едно детство, поминато во склад со природата (или на денешниов модерен јазик кажано, аналогно со природата!)

Сите цветови и зеленила на една младост

Во социјализмот „со човечки лик“ ни помина и најголем дел од нашата младост, а природата никогаш не престана да биде наше прибежиште, кога требаше да се освојуваат, веќе други слободи од животот. И немаше потреба никој да нè подучува за разноразни „зелени агенди“, па секогаш сами си ги собиравме остатоците од нашиот, најчесто таен и ноќен престој меѓу борчињата на Вардарски Рид или меѓу врбите по крајбрежјето на Вардар!

Во младоста, за првпат се соочивме и со институциите и со бирократијата која одлучуваше за нашите слободи и за нашите животни судбини. Учевме трпеливо да чекаме, пред сите наши тогашни и подоцнежни, важни шалтери во животот.

И наместо природата, социјалистичката (и брутална!) архитектура од тогашните институции, стануваше наш втор дом! Имавме право и да критикуваме кога системот беше нефункционален и неправичен, но и тогаш, како и денес, ќе се изначекавме пред шалтери дури завршиме некоја работа! И денови, недели и месеци од нашите животи, поминаа чекајќи пред некакви неизбежни шалтери, за важни работи од нашите животи…

И тогаш, како и денес, така чекајќи, ќе се изнагледа(в)ме на саксиско цвеќе кое беше задолжителен декор во сите поважни институции од нашата младост – дали во пошта, на факултет, во библиотека или во читалница, во болница или во банка, на автобуска или во железничка станица, каде фокусна точка бил некој фикус во аголот. Социјализмот со човечки лик од нашата младост, така умешно знаеше да балансира помеѓу суровоста и стерилноста на бирократските амбиенти, облагородувајќи ги со зеленило, со нешто што навестува или потсетува на топлина и сплотеност со природата – и со нормалноста!

Се чини дека постоеше и сè уште постои тој премолчен договор според кој во болниците, училиштата, поштите, банките, комуналните претпријатија, всушност во сите шалтер-сали и јавни простори – саксиските зеленила, исто така јавни, да заземаат така важни места! Не е можно да се навлезе во историјата на овој феномен, бидејќи не е лесно да се најде конкретната врска со општествениот или културниот простор во кој се појавуваат толку силно овие социјалистички пејзажи, овие простори преполни со луѓе во работно време, да се претворат во топли ентериери – со цел да се прикрие нивната стерилна функционалност! Тој ненаметлив зелен дефокус, балансер помеѓу функционалното природно и помалку функционално општествено го преживеа и социјализмот и долгиот постсоцијалистички транзициски период и денес тврдокорно и жилаво вирее и кога институциите и установите тивко пропаѓаат – и однатре и однадвор!

И ден денешен, во многу установи и институции, кои никако не стасаа на ред да бидат модернизирани, како за инает на сите, сè уште опстојуваат социјалистичките саксии со украсни растенија и билки.

Фикуси, филадендрони, дифенбахии, бршлени, дрва на животот, шефлери, сансеверии (свекрвини јазици) или кактуси (карактеристични за транзицискиот период) пркосат на времето и жилаво опстојуваат и во услови на хибернација. Впрочем, како и мноштво установи и институции, и од државната управа и локалните самоуправи, кои вегетираат во вистинска хибернација, налик на зеленилото наследено од социјализмот! Таквите установи и институции некој од милост и со полно право ги нарекол, хербариум – институции!

……………………………………………………………………………

Мала дигресија од зеленилата од нашата младост

Деновиве на социјалните мрежи се споделува еден текст, кој прилагоден на нашиве прилики би бил соодветен и за нашите хербариум-генерации: „родени сме во 40-50-60-тите години…и пораснавме во 50-60-70-тите години…студиравме во 60-70-80-тите години…се забавувавме во 70-80-90-тите години…се заветувавме на вечност, па го преоткривавме светот во 70-80-90-тите години…се стабилизиравме во 2000-тите…во 2010-тите станавме помудри…и еве веќе одлучно се движиме кон 2030 година… излегува дека сме живееле во осум различни децении.. во ДВЕ држави, во ДВА различни века и во ДВА различни милениуми…и поминавме од статични телефонидвојници, до видеоповици насекаде во светот….од кина и видеокасети преминавме на YouTube и Netflix, ..од винилни плочи до онлајн музика,.. од рачно напишани писма и машини за пишуваење, до е-пошта и WhatsApp. …од фудбалски радиопреноси во живо, до црно-бела телевизија, па до HD TV…ги разработивме  првите компјутери, графички картички, флопи и дискови и сега имаме гигабајти и мегабајти во рака на нашите мобилни телефони и iPads…се вакциниравме редовно, често и во ист ден….и избегнавме полио, менингитис, грип H1N1 и  последно, ковид-19….. возевме ролшуи, трицикли, велосипеди, мопеди, бензински или дизел автомобили, а сега возиме хибридни или 100% електрични!“.

„Помладиве би можеле да нè класифицираат како „суштински“луѓе родени во тој свет во 1950-60-70-80-тите, кои имале аналогно детство и дигитална зрелост,  своевидна „Yaa-seenall-in“-генерација која буквално живееше и виде сè, постојано прилагодувајќи се на сите можни „ПРОМЕНИ“!

Освен едни значајни промени кои никогаш не ги доживеавме, а кои требаше суштински да го променат на подобро квалитетот на нашите животи на -промените во хербариум-институциите со хибернирано социјалистичко зеленило, по аглите и скалите!

И еве нè повторно пред предизвикот наречен промени!

Ќе доживеат ли конечно и мојата и нашите „Yaa-seen-it-all“ генерации, (денес веќе сениори и во дигиталнава ера), а посебно денешниве млади родени со дигиталните уреди во раце (кои за хербариуми само од нас можат да чујат!), вистински квалитетни промени во животот, поврзани со системска и суштинска реформа, како и трансформација на институциите во модерни, дигитализирани и потполно функционални сервиси за граѓаните, кои ќе одговараат на предизвиците на времето во кое живееме?!

Оние кои подобро ги познаваат актуелните состојби во институциите, велат, дека новата власт која најави суштински реформи и јавна и транспарентна отчетност на јавната и државната администрација, ќе наиде на руини и дека ќе мора планини да поместува, за да се пресоздаде еден  институционален амбиент со здрави, нормални и модерни правила на игра, функционален и обединувачки систем од институции кој ќе ги почитува и практикува компетитивноста, меритократијата, нултата толеранција за корупција и постојаното унапредување на заштитата на интересите и достоинството на граѓаните и државата!

(Дали ќе се создаде потребното двотретинско парламентарно мнозинство кое би ја одразило и мнозинската волја на граѓаните за системски промени во органите на државната управа, ќе знаеме набргу, веќе за некој ден! И тоа ќе биде првиот, но не и еднократен реформски чин!)

Добро е да се редефинираат, рекомпонираат и да се создадат нови ресори, да се укинат позициите заменици-директори, со што во најмала рака ќе се намалат непродуктивните трошоци во работењето, добро е да се применат најдобрите европски практики и да се скратат најмалку 10 % од вкупниот број органи на државната управа, институции и јавни претпријатија (верувале или не, ги има 1.371 на број!) да се редуцираат на минимум гломазните управни и надзорни одбори и на установи и институции, со два-тројца вработени, да се воведе централизиран систем за заеднички административни, сметководствени и логистички работи, за институциите со слични или сродни надлежности-и да почне да се намалува армијата од директори и функционери кои со години непотребно (а веројатно и немилосрдно!), го оптоваруваа буџетот на држaвата.

Колку потполно атрофирани установи и институции (како хибернираното социјалистичко цвеќе во саксии!) ќе излезат на виделина, колку атрофирани „клати врата-земај плата“ вработени ќе бидат евидентирани, или колкав ќе биде бројот на регистрирани вработени кои само фигурираат, а воопшто не се појавуваат на работа (од балансерски или други „зелени причини“, на една партија која еднаш и еднократно се самопрогласи за „зелена“).

Ќе доживееме ли конечно и ние, кои ги поминавме и преживеавме сите промени, од аналогното детство и младост, до дигиталново зрело дома, а посебно младите генерации родени во дигиталново доба, со само неколку клика да си ги завршуваме обврските или со исто толку клика, да си ги завршуваме работите кои лесно, без дополнителни бирократски процедури и без долго фокусирање по фикусите во институциите се завршуваат-како во цел нормален и модерен свет?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Магдебург најде дефанзивец – доаѓа Шпанецот Серадиља

Поранешниот европски првак Магдебург го промовираше второто засилување...

Една од најдобрите руски ракометарки става крај на кариерата!

Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја...

Познати 20 учесници на Мундијалот во 2025 – еве ги можните ривали на Македонија

Откако беше комплетирана листата на учесници од Европа...

🎥 Тимур Дибиров тренираше под палката на неговата сопруга Ирина

Хрватскиот првак Загреб се уште не ги започнал...