За глупоста – Република

Атанас Кирјаковски

Глупоста е насекаде. Не може да се избега од нејзината сеприсутност – нејзината сенка е со нас дури и во најтемните облачни денови. Со неа гушнати, заедно гледаме како сонцето залева и како повторно изгрева следното утро. Си легнува со нас и тивко си потпевнува во доцните ноќни часови додека се превртуваме во креветот и се обидуваме да заспиеме држејќи го телефонот в раце – таа е неуморна, своеволна, тврдоглава, горделива и за наша несреќа – пресреќна.

Во едно од највлијателните дела од ренесансниот период, генијалниот Еразмо Ротердамски – принцот на сите хуманисти, во својата „Пофалба на глупоста“ напишана во 1509 г. на сатиричен начин ја персонифицира и глорифицира истата. Таа самобендисано држи говор пред публика во кој тврди дека дека има боженствено потекло и се фали дека без неа човештвото не би постоело. Дека треба да сме ѝ благодарни. Начинот на којшто е прикажана и на којшто се однесува глупоста е токму начинот на кој се однесуваат глупавите луѓе. Во тоа е и сатирата и критиката на Еразмо. Глупавите луѓе најчесто се и бескрајно самоуверени и сигурни во тоа што го проповедат додека – според познатиот филозоф и логирач Бертранд Расел – паметните се полни со сомнеж и несигурност во себе. Затоа и глупоста најчесто владее и доминира. Похрабра е.

Во современата смисла на зборот, глупоста ја сфаќаме како отсуство на интелигентно однесување, погрешно расудување, неможност за разбирање на комплексности или воопшто некаква неспособност за учење и прилагодување во дадена ситуација. Луѓето кои се однесуваат или пак размислуваат непромислено и брзоплето, без притоа да покажат одреден сензибилитет и свест за нерационалноста и деструктивноста на сопственото однесување – ги нарекуваме „глупави“. Но глупоста е далеку поинтересна и посуптилна од циркуларната дефиниција како отсуството на интелигенција. Сосема е возможно и натпросечно интелигентни луѓе да се однесуваат глупаво. Најдобар пример за тоа е покојниот технолошки гуру и милионер – Стив Џобс кој прерано почина од рак на панкреасот во 2011 г. Иако бил сосема рационален, прагматичен и прониклив во неговиот пристап во однос на развојот на епл уредите, овој вундеркинг истовремено верувал и во „магично размислување“ кое го менува светот. Бил посветен вегетаријанец и будист, цврсто верувајќи во алтернативна медицина и духовно лечење. Кога му бил дијагностициран ракот во операбилна фаза, Џобс одбил да се оперира верувајќи дека со билки, акупунктура, постење и овошје, плус тук-там дополнето со некаква си „духовност“ – ќе успее на „природен“ начин да го победи подмолниот убиец. Кога после една година болеста напреднала уште повеќе, кога сфатил дека таквото негово однесување нема никаков ефект врз ракот, конечно прифатил да се оперира – но веќе било предоцна. Како последен и очајнички обид, направил и пресадување на џигерот, но веќе деновите му биле одбројани. Прилично глупаво за еден таков натпросечно интелигентен могул, нели?

Тоа што интелигентните луѓе може да се однесуваат и да веруваат во глупости, ја прави глупоста парадоксална. Но таа е парадоксална и во смисла на тоа дека секој обид некој да се „одглупави“ и сфати дека е глупав, мора да има одредена интелигенција и метакогнитивен капацитет, што не би го класифицирало како глупав на прво место, нели? Парадокс. Токму поради комплексноста на проблемот, глупоста мора да се разбере научно, мора да се сфати како предмет на психологијата и когнитивните науки, како нешто што треба внимателно да се дисекцира и разбере. Во таа насока, ќе се обидам да идентификувам неколку облици на глупоста во следните параграфи, разбрани и како причини за истата, односно можни извори од кои глупоста блика.

Прво, луѓето често се глупави поради нивниот ограничен когнитивен капацитет. Со други зборови – едноставно биологијата толку им дала. Човекот е еден од најваријабилните животински видови и опсегот на когнитивниот капацитет е огромен, од луѓе коишто едвај разбираат 2 + 2 до вонсериски гении. Дури може да оди и дотаму да се заклучи дека глупоста е и намерно вградена особина на сите животински видови, вклучително и човекот, како дел нашиот когнитивен дизајн. На еволуцијата не ѝ е битно дали нешто е вистинито, таа не се мачи да мозга и да го разбере настанот во детали, интелектуално, туку на наједноставен и „глупав“ начин (хеуристика) одлучува за дадениот проблем. Во најголем дел од случаите таквото резонирање функционира, без разлика што не ја подразбира реалноста објективно. Пример за ова е резонирањето во однос на белите китови и нивната загрозеност – нашиот став најверојатно ќе се базира не врз тоа колку објективно тие се загрозени (ова бара мозгање, истражување и суптилно расудување), туку нашиот став повеќе ќе се базира на тоа колку нам ни изгледаат „слатки, интересни и привлечни“. Понатаму во истиот контекст, човекот и животните имаат развиено доминантно автоматизирани емотивни системи кои имаат за цел да мотивираат однесување без многу мозгање. Многу често прво чувствуваме па расудуваме за одредена појава. Автоматичноста на емоциите во најголем број од случаите, повторно, функционира во наша полза иако не може да се каже дека се нешто посебно „интелигентни“. Впрочем, секој заљубен маж или жена може да посведочи дека љубовта нѐ прави поглупави.

Дополнително, нашата глупост произлегува и од интеракцијата меѓу комплексноста на природата и ограниченоста на нашите сетила. На пример, ние сме способни да восприемиме само фракција од целиот видлив електромагнетен спектрум на светлината (отприлика 400 до 700 нанометри бранова должина), што значи дека најголемиот дел од светлосната информација е недостапна за нас. Тоа по „дифолт“ нѐ прави глупави, бидејќи најголемиот дел од физичката реалност едноставно не можеме директно да го искусиме. И ова е само еден пример на комплексен физички елемент како што е светлината, а физичката реалноста се состои од безброј такви димензии. Светот едноставно е прекомплексен за нас и нашиот голем и импресивен, но сепак мал мозок. Скокајќи од атомскиот физички свет кон социјалниот, ние можеме да бидеме глупави и поради ужасните индоктринации со опојно глупави идеологии, вбризгани во нас уште од мали нозе или пак постојано и умешно повторувани низ разните форми на пропаганда. Човече, некои луѓе навистина веруваа дека за „Северна“ ќе има „бесплатно здравство во ЕУ“. Како длабоко социјален вид, под притисок на групата, многумина – и покрај нивниот нормален психосоцијален развој – ќе веруваат во небулози, манипулации и послужен булшит. Глупоста нема граници кога е мотивирана од приказни, наративи, замајувања и бесмислици. Неограничена е.

Глупоста е со нас, во нас и над нас. Таа е братучетка на хаосот, сестра на ентропијата и честа мецена на човековото страдање. Најопасна е кога се манифестира во глупави луѓе со диспропорционална моќ во општеството. Токму затоа мора да ја почитуваме, разбереме и сфатиме – само така веројатно може и да ѝ одолееме.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ