Загрижувачко: Македонија ќе е полна со трње, а увезува кромид и лук

Нема веќе купувачи на пазарот кои ќе земат над килограм кромид, дури и тоа е многу. Ова пред некој ден ни го изјави продавач на тезга на Зелено пазарче во Скопје. Тоа е и разбирливо откако неговата цена почна да ги урива сите рекорди на пазарите и во маркетите – чини 80, 90, 100… денари за килограм.

Зошто се случува на македонскиот пазар да има толку скап кромид? Со години ваков проблем немало.

Не се сади доволно? Се даде можност за увоз на странски и поевтин да го сруши македонското производство и сега се плаќа цената? Нема млади кои сакаат да работат на нивите? Државата со многуте свои подрачни земјоделски институции не дава доволно упатства, насоки, помош…?

Деновиве се објави во медиумите дека големи количества на кромидот од Албанија се увезени во Македонија. Зарем тоа не е поразувачко за македонското земјоделие?

Македонија е преполна со плодни ниви. А дојде такво време да увезува дури и лук и кромид.

Многу, многу загрижувачко.

Што ќе расте на нашите ниви? Трн? Па нели многу добро се води земјоделската политика во земјава?

Традиционално со години во Македонија има проблеми со пласман на јаболките, некогаш на зелката, друг пат на краставиците, бостанот, праските… Затоа земјоделците – оние што останаа – намалија со производство. Може тоа е причината и за кромидот?

Надлежните нешто мора да преземат. Мора да се најде начин земјоделците да се мотивираат да го одгледуваат овој зеленчук. Лани во земјава имаше криза со сончогледот па откако на земјоделците им се вети откуп се зголемија засеаните површини. Таков рецепт мора да се примени и за кромидот. Се разбира, под услов во македонските села се уште да има земјоделци коишто сакаат да ги обработуваат ораниците.

Плодното земјиште не смее да остане необработено! Многу е лошо Македонија да увезува основни земјоделски производи за кои баш тука има најдобри услови да растат.

Само треба да расте одговорноста на надлежните и желбата за работа кај населението. Во спротивно и пиперки за „ајвар“ и „патлиџан“ за шопска ќе увезуваме. По која цена? Е тоа странци ќе ни кажат.

ПС Инаку, има и трње кое е корисно и може да се продава на фармацијата, ама и за тоа треба организација и работа. Кај нај трњето си расте само по нивите, оти се празни и одамна не виделе мотика.

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ