Затвори го пенџерчето – Нова Македонија

Зарем ќе дозволиме оваа бројка и натаму да расте, а ние да седиме со скрстени раце? Зарем навистина толку се загадивме во нашите души, па и самите станавме токсични како личности, карактери, како темперамент, со загадени принципи, меѓусебни односи, загадена одговорност кон општеството… Предалеку отидовме

Ѓаволот веќе ја однесе шегата. Сакав денешнава колумна да ја започнам и на шеговит начин да ја обележам со насловот на некогашниот хит на Мирко Митревски „Отвори го пенџерчето“. Но, работата е премногу сериозна за да се прават шеговити асоцијации. Дојдовме дотаму што ќе мора да ја препееме песната и гласно да извикаме „Затвори го пенџерчето“.
И навистина, загадувањето станува толку загрижувачко што едноставно мора да се откажеме од ритуалот на отворање на вратите или прозорците за да проветриме дома, да влезе свеж воздух, а излегувањето оддома да го сведеме само на неопходните ситуации. Воздухот во Скопје е толку загаден што секое излегување оддома е на сопствен ризик. Само по неколку минути надвор оддома чувствувате непријатна, заканувачка миризба за која сте свесни дека не носи ништо добро. Дополнително, во грлото веднаш ќе ги почувствувате последиците од вашето изложување на немилоста на атмосферата, која станува неподнослива.
И секоја зима за жал истата приказна, без никаква промена веќе со години. Никој ништо не знае, никој за ништо не е одговорен. А, пардон, има промена. Ситуацијата е сѐ полоша од година на година. Мислам дека годинава е најсериозно од изминатите години.
Но она што загрижува уште повеќе од неподносливото загадување е неподносливата леснотија со која надлежните (не) го третираат овој проблем. Може ли некој да се сети кога последен пат некој од надлежното министерство или од друг државен орган излегол со некаква сериозна анализа за да објасни што се случува околу нас? Или, пак, да дадат некакви препораки како да се однесуваме и што да правиме? На социјалните мрежи се појавија загрижувачки бројки за бројот на починати како последица на загадувањето, но се чини дека полека згаснува и еланот на невладините, кои досега редовно алармираа во обид да ја разбудат совеста на надлежните. Така што сега ни останува да се потпираме само на поединечни пројави на најзагрижените активисти и да дишеме. Редуцирано.

Повторно би се навратил на леснотијата со која надлежните го одминуваат овој проблем. Не можам да верувам дека сите тие успеаја навреме да ги евакуираат своите најблиски во некои еколошки безбедни зони и дека нема зошто да се грижат. Па, излегуваат ли тие ликови на улица, надвор од своите топли автомобили и уште потопли кабинети? Се мешаат ли со нас обичните луѓе за да видат и да слушнат што се случува тука на земјата?
Некој рече деновиве дека сме имале одлична законска регулатива, ама проблемот бил што никој не ја почитувал и спроведувал. Па, добро, може ли некој да објасни како успеваме да се правиме глуви и слепи при ваква алармантна ситуација? Како може да биде помило снопче пари од некој аздисан газда загадувач од животот на своите најблиски, па во крајна линија и сопствениот?
И само како пример, ако добро ги разбрав работите. Да не беше ревносниот општински инспектор за животна средина од Ѓорче Петров, кој го откри складиштето со топено олово на неколку километри од центарот на Скопје, до кога ќе се труевме и ќе бевме изложени на зрачење? Зарем само тој инспектор имаше совест да работи според законот, зарем навистина никој друг не ги виде купиштата опасен отпад пред нашиот нос?
Дотолку ли успеа загадениот воздух да нѐ загади сите, па да станеме загадени личности, кои од зелената боја на банкнотите не гледаме ништо подалеку од она што ни е кажано да го гледаме?
Звучи сурово? А како поинаку да се протолкува состојбата во која се наоѓаме. Со години само се констатира дека воздухот е загаден над сите дозволени граници, иако градоначалничката на Скопје вели дека не е точно и дека тоа го тврдат нејзините непријатели, а дека градот не е толку загаден.

Но, таа е сосема друга приказна и да ја оставиме за другпат. Во случајов е нејасно како можеше со години да не се лоцираат причинителите за енормното загадување и да не се елиминираат. Секое друго оправдување е несоодветно. Ќе рече некој – скапо е. Да, но која е цената на човечкиот живот. Ако е точно дека само во 2021 година починале 5.600 луѓе како последица на загадувањето, како што алармираат еколошките активисти, тогаш за што зборуваме? Патем, овие бројки не се произволно пласирани, туку се резултат на процените на Европската агенција за животна средина, според стандардите на Светската здравствена организација.
Зарем ќе дозволиме оваа бројка и натаму да расте, а ние да седиме со скрстени раце? Зарем навистина толку се загадивме во нашите души, па и самите станавме токсични како личности, карактери, како темперамент, со загадени принципи, меѓусебни односи, загадена одговорност кон општеството… Предалеку отидовме.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...