„Зелената“ енергија доаѓа, но јагленот сѐ уште не треба да замине

Инвестирањето во обновливи извори на енергија е нужно потребно, но не смеат да се заборават постојните капацитети на јаглен, изјавија деновиве енергетските експерти на дебатата во МАНУ. Не треба да се заборави на постојните капацитети што произведуваат енергија од јаглен, од кои би требало да зависи над 70 отсто од целокупното домашно производство на електрична енергија

Како да стана вообичаено секое исклучување на кој било од блоковите во РЕК „Битола“, не само во Битола туку најчесто и во државата, се третира како хаварија или колапс на комбинатот. И неодамнешното исклучување од мрежата на ТЕ „Битола 1“ заради, како што објаснија од АД ЕСМ, ревизија на работата на блокот, многумина „добро информирани енергетичари“ го коментираа како нова хаварија на првиот блок, кој иако одамна го надживеа својот „животен“ и работен век, сепак сѐ уште жилаво се држи и ги произведува потребните количества електрична енергија според инсталираниот капацитет. Во истиот момент кога блокот беше исклучен од системот, во јавноста беше пласирано дека првиот блок повторно „колабирал“. Од друга страна, и АД ЕСМ настојуваше со сите сили да ги демантира таквите „информации“ дека не станува збор за дефект, туку за редовен технички процес, кој го вршат вработените стручни лица за да се направи техничка ревизија на блокот.
Но да го оставиме тоа да се води во рамките на медиумското расправање и настојувањето и на едната и на другата страна квантитативно да надвладеат со написи, информации и дезинформации и со такво нешто да се смета дека се окупира јавноста. Важно е сосема нешто друго. РЕК да биде подготвен во полн капацитет да произведува домашна струја! Заедно сите да стравуваме кога не работи, а заедно сите да се радуваме кога тој за стопанството и за граѓаните ќе произведува електрична енергија што за целата наша Македонија значи едно – енергетска сигурност и стабилност!
Ако се знае дека РЕК го произведува мнозинството од потребите за електрична енергија на Македонија, навистина сосема е разбирлива загриженоста на јавноста за (не)работењето на овој комбинат. Но тоа што загрижува е што за (не)работењето на РЕК „Битола“ најголема загриженост се преточува во беспоштедната меѓупартиска пресметка во државата, а особено во Битола. И тоа не е отсега. Во зависност од тоа кој е на власт, така се коментираат (не)работењето на РЕК „Битола“ и појавувањето на дефектите.
Најголемиот број битолски политичари своите партиски прес-конференции најчесто ги држат пред оџаците во комбинатот. Кога тие чадат, никој не прашува за (не)работењето на РЕК „Битола“, но кога некој од оџаците не чади, тоа за опозицијата е знак дека нешто не е во ред и дека се случила хаварија, која власта ја крие од јавноста и која скапо ќе ја чини државата. И така во круг, безмалку во сите изминати неколку децении.

Работата на битолските термоцентрали со различна политичка диоптрија беше коментирана и кога во јавноста беше пласирана информацијата дека ЕУ дава над четири милијарди евра за затворање на битолските термоцентрали и транзицијата на производство на електричната енергија во Македонија од јаглен на т.н. зелена енергија. Без никаква задршка беше искажана загриженоста дека комбинатот ќе се затвори, следствено на тоа и дека илјадници работници ќе останат без работа.
Транзицијата на електричната енергија од јаглен во зелена енергија е предизвик со кој интензивно се занимава не само раководството на РЕК „Битола“ и ЕСМ туку и Владата. А богами и опозицијата. Но, да бидеме начисто. Таа транзиција за производство на електрична енергија од обновливи извори, а не од јаглен, кој загадува, не само што нема да биде брза туку нема да биде ниту едноставна. Нам ни треба домашна и евтина струја. Засега, додека не постигнеме соодветно ниво на кондиција да ја произведуваме домашната струја од обновливи извори, термоцентралата ни е тежишниот дел од решението. И тоа мора да го разберат и Европа и светот. Апсолутните бројки за емисиите на стакленички гасови од земјите во развој се мерат со промили, а лавовскиот дел го зафаќаат токму развиените земји. Така што иако принципот е ист, теркот на пресметки (и толеранција за земјите во развој) треба да биде различен.
За таканаречената транзиција деновиве се расправаше и на Копаоник, каде што се одржа Втората регионална конференција на еколошките и бизнис-лидери „Погледни нагоре 2“. На конференцијата активно учествуваше и директорот за развој на инвестиции на АД ЕСМ, Виктор Андонов, кој нагласи дека зелениот план во фокус ја има на РЕК „Битола“, Македонија, земјите од Западен Балкан, односно така е затоа што најголемиот број држави електричната енергија ја произведуваат од јаглен, кој загадува. И кога сте исправени пред дилемата производство на евтина електрична енергија од јаглен или чист воздух, во голема дилема и збунети се не само граѓаните туку и експертите. Тоа е сосема нормално ако се знае дека чистиот воздух што ние непотребно го загадуваме е скап, а и дека скапа е т.н. „зелена транзиција“. Македонија иако одамна се определи за таква транзиција и постепено преминување од производство на електрична енергија од јаглен во производство од обновливи извори на енергија, сепак барем засега не сака (и не треба) да се откаже од производството на струја од јаглен.
Во овој момент никој не размислува ни за брзо затворање на ниеден од блоковите во РЕК „Битола“. По појавата на светската енергетска криза, тоа не го направија не само голем број држави од соседството туку дури ни земји од ЕУ, кои во настојувањето да добијат што поевтина електрична енергија продолжија да произведуваат електрична енергија од јаглен.

Најдобар пример за тоа е Германија, која повторно го обнови процесот на производство на електрична енергија од јаглен и ги вклучи термоцентралите.
Сите во регионот сме исто така зависни од јаглен и следствено на тоа декарбонизацијата ќе биде голем предизвик за сите нас, велат енергетските стручњаци. Во Македонија и во регионот интензивно се работи на привлекување инвестиции за поддршка на овие проекти, а со овие напори и со сето она што е постигнато досега во однос на декарбонизацијата, државата е на добар пат кон побрза и полесна транзиција кон зелената агенда.
Инвестирањето во обновливи извори на енергија е нужно потребно, но не смеат да се заборават постојните капацитети на јаглен, изјавија деновиве енергетските експерти на дебатата во МАНУ. Не треба да се заборави на постојните капацитети што произведуваат енергија од јаглен, од кои би требало да зависи над 70 отсто од целокупното домашно производство на електрична енергија.
Вложувањето во домашното производство на електрична енергија е многу значаен ресурс, бидејќи носи економска исплатливост, велат од ЕСМ, од каде што нагласуваат дека и проектот „Феникс“ има цел да ја забрза транзицијата кон чиста енергија преку замената на постројките на јаглен во безбедни мали модуларни нуклеарни реактори (СМР) со користење на постојната инфраструктура и преквалификација и задржување на локалните работни места.
Но, тоа е во некоја подалечна иднина, а во најголемиот електроенергетски капацитет во државата не само што во моментот не размислуваат за затворање на некоја од термоцентралите туку сериозно се размислува за продолжување на нивниот работен век и подмладување на стручниот кадар.
За таа цел секоја година се даваат стипендии за студентите од техничките факултети, а во последно време и средношколците постојано во неделата еден училиштен ден го заменуваат со работен и учат како се произведува струја од јаглен.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...