Жени – Нова Македонија

Оваа колумна им ја посветувам на жените. На оние што се најчесто гледани од „високо“, на оние вредни и способни жени преку чии глави се гледа, за да не бидат видени. На оние што можат да бидат не знам колку способни, но општеството и нашата мачо средина ги гледа како „страничен ефект“. На оние чиј ум и разум се неспоредливи во однос на многумина мажи во нивните околини, но имаат голем хендикеп. Жени се.
Затоа, она што се случи на 8 мај, на изборите за претседател на Македонија, го гледам како триумф не само на една висока интелектуалка, со докажан политички и морален интегритет, туку за мене се случи чудо: жена да триумфира и зад неа да застанат толку многу граѓани. Неспоредливо повеќе од вториот кандидат на листата, маж. Тоа е неочекувана, ако не и единствена, победа на разумот, на еманципацијата на општеството, тоа е прв силен продор на политичката сцена. И ме радува многу. Ако е ова некаков почеток, пресврт во вкоренетата машка култура, навистина сум горда на моите сограѓани. Не се поведоа по отровните и, би рекла, примитивни навреди од типот: „бабо, оди чувај си ги внуците“, како да се дедовците неспособни да го прават тоа, не се поведоа по разни споменати тетки, стрини, вујни и што не. Со други зборови, покажаа достоинствен отпор кон ниските и лични удари, дизајнирани да навредуваат една жена.
Велам почеток, бидејќи оваа убава приказна не е затворена. Таа го отвора патот, ја крши челичната врата, но тешко и долго зрее, макотрпно се раѓа. Со таа борба на жените да бидат еднакво третирани, секоја жена се бори „од лулка до дупка“. Дека е тоа така, подолу ќе се обидам да ја насликам грдата, па дури наместа и комична слика што ние жените ја гледаме и културно ја премолчуваме. Мене не ми е во природата да молчам пред неправдите и си давам за право да кажам неколку збора за сите нас, „невидливите“.
Жените кај нас имаат „голема“ чест, еднаш во годината да добијат некоја роза за 8 Март, и толку. За сѐ друго ќе причекаат и прашање е дали ќе дочекаат. Постои тивка дискриминација, која не може да се покрие со никакви задолжителни (понижувачки) квоти, со бројки и клуч. Може да е жената стопати поинтелигентна, повредна, почесна од мажот на иста стартна позиција, но предност му се дава на мажот. Ако во минатото за ова имало и некакво оправдување, или и сега во многу тврди капиталистички земји каде што мажот „обезбедува“ за фамилијата, а жената се грижи за децата, кај нас процесот е срамен, дури ретрограден. Ние се враќаме назад во своите извојувани права што ги стекнавме во минатиот систем. Систем во кој жената имаше барем делумна рамноправност, а не „задолжителна“. Велам делумна, бидејќи и тогаш не била целосна.

Оваа колумна ја пишувам од интимно искуство. Затоа тезата ќе ја илустрирам со лични или блиски примери. Но, пред да почнам со примерите, ќе ве прашам колку лидери на партии има жени и каков е нивниот третман. Колку жени има, споредено со мажи, ректори, на функции, на високи позиции во фирмите? Ќе видите дека тој процент е срамно мал. А водете сметка дека, дури и на техничките факултети, кои традиционално се сметаа за машки, бројката на студенти и студентки се изедначува. На многу факултети има повеќе студентки од студенти. Но, кога ќе завршат, ќе се соочат со реалноста, која ќе се обидува да ги става во втор план. За жал.
Во Штип, во далечно време пред Втората светска војна, мојата баба Костадинка Шопова била учителка и поетеса. Од неа поаѓа семејниот талент за пишување поезија, кој кулминира со појавата на познатиот македонски поет Ацо Шопов. Но, што е тука важно? Костадинка имала два брата што се занимавале со занаети. Зошто? Затоа што нејзините родители ги препознале токму нејзиниот талент и желба за учење и, со тешки одрекувања, ја испратиле токму неа да се школува во Солун во француски колеџ. Затоа на нејзините деца, покрај македонскиот, францускиот им бил втор јазик. Која храброст да испратиш во туѓина, на тежок факултет да се школува токму ќерката, а ниту еден син. Каква еманципација во една забиена паланка каков што бил Штип во тоа време. Но, тоа е еден изблик и никако не е правило.
Втора епизода, поврзана со мојата мајка, универзитетската професорка Милка Шопова. Таа беше професорка на Факултетот за биологија и на Медицинскиот факултет. Беше генетичарка од светски ранг. Двапати по една година работеше во Велика Британија во најпознати научноистражувачки лаборатории. Беше единствената во Македонија што објави уште млада, како доцентка, два труда во најпрестижното научно списание „Нејчр“ (Nature), кое и денес има највисок рејтинг. Предаваше и во САД, беше авторка на над сто научни труда. Но, кога дојде да биде избрана во нашата МАНУ за академик, предност му беше дадена на нејзин колега, се разбира маж, кој се занимаваше со наука од 19 век. Методи што беа прегазени од времето, но доволни за нашите мачо академици, кои не можеа да замислат една жена да биде посилна во науката од нив.
Се случувале неправди, кои денес звучат како анегдоти. На пример, при изборот на декан на Факултетот за биологија при ПМФ, во секој мандат закономерно се избирал маж. Кога веќе се извртеле сите мажи во малиот колектив, почнале да се прашуваат „кого сега пак да назначиме?“, гледајќи преку главите на четири-пет професорки, жени, сите до една способни. Гледаат, за да не ги видат. И повторно, се разбира, одлучиле да се избере Петко, Трајко, кој и да е. Од кал да е, маж да е. Се разбира, жените се смееле на овој примитивизам и си ја терале струката најпрофесионално.
И така е секогаш кога ќе дојде до ситуација жена или маж. Се сеќавам дека во 2009 година, како проректорка на државниот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип (мојот локалпатриотизам ме однесе таму, по УКИМ), бев учесничка, заедно со сите ректори на државните универзитети кај нас, на министерската конференција за Болоњскиот процес, кој се одржа во градот Лувен, Белгија. Исклучително важен, историски настан за високото образование. Како што бива по балкански, нашиот тогашен министер за образование, кој требаше да го потпише коминикето и да даде извештај за примената на процесот во Македонија, во последен момент реши да не доаѓа. Го снема, заедно со извештајот што мораше да го презентира.

Нашата делегација се најде во тесно и на прагот на голема брука за државата. Јас почнав да вртам броеви на стручни луѓе во нашето министерство со цел да добијам барем основни податоци, кои потоа ги споделив со нашите ректори. Но, кога дојде ред да се презентира извештајот, сите се повлекоа. Се сеќавам дека ректорот на нашиот најголем државен универзитет, УКИМ, непосредно пред почетокот на сесијата ми се обрати се следните зборови: „Солза, ајде ти презентирај, жена си, ти личи“. Дали да се смееш или да плачеш? Да ми речеше дека само јас знам на убав англиски јазик да се изразам, притоа дека знам што треба да зборувам, ќе му речев дека нема проблем. Но, дека сум жена? Само затоа што тие како тајфа пазареа и шетаа низ Брисел кога требаше да ги следат сите презентации и да дискутираат? Наместо убаво да ме замоли со признанието дека сум подобра од сите во тајфата, најпосветена на работата, тој во небрано го извади аргументот „жена“. Бев навредена од односот, но да не ја резилам државата што ме испратила, сепак презентирав. Тоа ќе го помнам целиот живот. Бедно. По завршувањето на конференцијата, не им останав должна и видоа на дело што навистина значи „жена“. Останаа со наведнати глави таму, но штом авионот ни слета во Скопје, важни се прибраа во службените возила што ги чекаа на аеродромот. Јас, скромно, си дојдов со моето приватно возило.
Кога ми заврши мандатот како пратеничка, службите во Собранието ме испратија до излезот со зборовите: „Бевте поголем маж од сите мажи во Собранието“. Убаво, но зошто беа изненадени од мојата женска храброст и посветеност? Зарем тоа е одлика само на мажи, од кои повеќето уста не отворија на говорница?
И сега се обидуваат да ми гледаат „преку главата“ за да не ме видат. Но, не знаат дека јас не ја црпам силата од нив, туку таа е во мене и извира од мене. Сум ја создавала со години, со многу работа и во рамките на едно високоеманципирано семејство и околина. Никој не може да ми ја одземе. Кога размислуваш така, стануваш недопирлив.
Има многу такви живописни случки, но тие, ако сте силни ќе ве насмеат, ако потклекнете и дозволите друг да ве одмерува, ќе ве болат и навредат. Можеби мажите или поточно „мажиштата“ воопшто не се свесни каков им е односот кон нас. Тоа однесување е влезено во генетскиот код, се смета за нормално и најлошо од сѐ е што се пренесува и на децата од најмали нозе.
Затоа и не само затоа, блескавата победа на една жена, во борба за една од двете највисоки политички функции во државата, толку многу ме израдува и ме направи горда. Македонија заслужи жена, претседателка.
Земјо моја, оди напред и не застанувај тука!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...