Знае ли точно Маричиќ од што стравуваат македонските граѓани?

Власта е упорна да дојде до нова промена на Уставот иницирана од странство. Населението во Македонија упорно покажува дека тоа е неприфатливо.

Граѓаните, а особено етничките Македонци, и натаму категорично и со убедливо мнозинство се против внесувањето на Бугарите во Уставот како наметната работа. Тоа го потврдува и најновата анкета која за потребите на „ТВ Сител“ ја направи Институт за политички истражувања во периодот од 2 до 6 мај на примерокот од 1.112 испитаници.

Вкупно 56,1 проценти од граѓаните сметаат дека не треба да се промени Уставот и во него да се внесат Бугарите и останатите народи за да се продолжи со преговорите со ЕУ. Само 27,5 проценти од анкетираните даваат поддршка за уставни измени. Најголем дел од тие кои што поддржуваат уставни измени се етнички Албанци. Дури 79,3 отсто од етничките Албанци даваат поддршка на внесувањето на Бугарите во Уставот додека дури 72,4 проценти од Македонците се против. Поддршка на уставни измени дава само еден од десет Македонци или 11,2 отсто од анкетираните, се наведува во истражувањето.

Анкетата покажува дека 75,4 проценти од анкетираните рекле дека знаат во што се состојат уставните измени, наспроти само 17,3 проценти кои рекле дека немаат информации.

-Од анкетираните, 60,8 отсто се на ставот дека уставните измени ќе имаат негативни последици за земјава додека 19,1 отсто не очекуваат негативни последици, покажува анкетата.

Слични анкети и бројки имаше и во минатиот период. Сето тоа не ја предомислуваше власта, таа ја форсира промената на уставот. А има и објаснување зошто така мисли народот.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата имаше свое објаснување, тој рече дека причините треба да се бараат во стравот што го ширела опозицијата во земјава.

За жал овие податоци според мене се дело или производ на долгогодишната политика на страв која што е промовирана од опозицијата, од Левица и ВМРО-ДПМНЕ, особено минатата година на која што се напластуваа сериозни слоеви на дезинформации, лажни информации и сеење страв кон граѓаните дека нам ќе ни се одземе идентитетот, дека ќе има некаква бугаризација, дека јазикот ќе ни биде одземен и дека со ова се прави кој знае што, рече Маричиќ

Дали граѓаните во Македонија се во страв од зборувањето на опозицијата околу Уставот или пак од следни можни отстапки кои би ги направила власта по барање на странците – останува недоразјаснето. Јасно е само дека политичарите треба да го слушаат и уважуваат мислењето на мнозинството граѓани.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ