Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Ние сме контејнери од кожа, а не луѓе | KOLUMNI.mk

Ние сме контејнери од кожа, а не луѓе

Реквием за нашите деца

На траурот и тагата најстрашен непријател им се зборовите. Зборовите се немоќни да утешат. Сепак, како професор и писател, како долгогодишен колумнист, имам потреба да оставам некое слово, по ужасната трагедија што ја погоди Македонија во Кочани. Сочувство е малку: треба конечно да покажеме ЧУВСТВО, а не сочувство.
Знаеме кој ги уби дванаесеттемина ваташки младинци во 1943 година. Тоа беа „други“, тогашни непријатели. Сега сами ги убивме сопствените деца. Зошто? Како дојдовме до тоа да им бидеме крвници на своите синови и ќерки?!
Па, дојдовме до ова поради хронична човечка и професионална негрижа, јавашлук. Ако ни останат вишок делови кога склопуваме авион, велиме – може и така, еве, авионов лета и без тие делови. Дојдовме до ова дереџе не само поради незнаење, туку, што е пострашно, поради лакомоста на неговото височество – капиталот. Ние сме обични контејнери од кожа, контејнери за човечки отпад: лакомост, грабливост, среброљубие, бесчувствителност, без трошка чувство за другиот, со максимална покорност кон неговото височество Џебот. Контејнери од кожа со кожни паричници полни пари, беден остаток од некогашниот сјаен и чувствителен, одговорен човек на хуманизмот, ренесансата, дури и на оној човек од социјализмот. За христијанството нема ни да говорам.
Ние сме капиталистичка транзициона беда, човек свртен во спротивна насока од еволуцијата на Дарвин. Ние сме расчовечени животни, зашто и животните се поочовечени од нас денес.
Со децении пишувам колумни и се чувствувам како некој што на глуви уши им пее. Најчитани се оние колумни кога заземаш партиска страна, напаѓаш едни, а браниш други. Оние колумни што говорат за човештина и хуманизам, со децении немаат ни по два лајка. Таквите колумни, за острастените партиски војски и војсководачи се обично филозофирање, чукање празна слама. А за мене отсекогаш биле најважни. Со децении пишував (со уште неколкумина интелектуалци) дека денес, во демократско време, нема добар и лош систем, туку само добар или лош човек ставен во системот. И оваа истрага ќе заврши така: системот бил добар, законите добри, ама човекот што требало да ги спроведе, не бил добар. Затоа, не верувам дека ако имаш добар систем, по дефиниција тој систем ќе произведе добри луѓе. Човек го создава системот и му дава изглед на добар или лош. Не може системот, макар бил и најдобар, да создаде добар човек. Добар човек се создава само со воспитание, а воспитанието порано се потпираше на школите и семејството. И едното и другото денес се раскантани, претворени (повторно) во контејнер. Нема да мрднеме ни чекор додека меѓу нас има морално невоспитани. Нека имаат сто дипломи, ако немаат морално воспитување – ќе прават штети и трагедии.
Нека им е светло во станот Небесен на сите оние млади души што се веќе таму. Таму подобро ќе се грижат за нив. Ние овде паднавме на испитот. Не успеавме да се погрижиме за нашите деца, вакви какви што сме. Беда, тага и бол.

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ