Скопје со Софија ќе се поврзе со железница најкасно до 2030 година
До 2030 година, Бугарија и Македонија ќе го завршат железничкото поврзување. Тоа било истакнато на состанокот во бугарското Министерство за транспорт и врски меѓу министерот Корман Исмаилов и македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Поповска.
Првата од трите делници на македонска територија за железничкото поврзување со Бугарија, Куманово-Бељаковце е пуштена, а на втората Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 34 километри, завршени се над 30 проценти од работите. Неодамна беше пробиен и последниот тунел од вкупно 15-те.
Останува за доградба уште последната делница од Крива Паланка до бугарската граница, која е со должина од 23,4 километри, со планирани 22 тунели и 52 моста.
Бугарската Национална железница веќе објави тендер за проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостасува од бугарска страна за железничко поврзување на Скопје и Софија.