Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Новинарскиот леб е вкусен сѐ додека не ти застане во грло | KOLUMNI.mk

Новинарскиот леб е вкусен сѐ додека не ти застане во грло

  • Повод: постојаните напади што имаат карактер на хибридна војна од Бугарија кон нашиот весник „Нова Македонија“, но и кон дел од редакцијата. Со која цел Граѓанското здружение „Трибуна“ од Прилеп поднесе четири жалби пред ЗНМ само за еден месец? Нашиот одговор е – имаме врвен медиумски производ според највисоките новинарски стандарди. Нашиот новинарски леб е со седум кори, испечен и вкусен само ако знаеш како да го јадеш и евентуално пријателски да го споделиш

Новинарскиот леб е леб со седум кори. Кој влегол во новинарството мора да го знае ова, зашто оваа мисла е добиена со долгогодишна филтрација – искуство се вика тоа. Зошто новинарскиот леб има седум кори? За да се дојде до конечниот производ, кој е своевидно чудо, мора да се помине низ неколку сериозни фази: приготвување на тестото, маја, избрано брашно, добра вода, месење, месење и размесување, па на крајот тестото се става во фурна за конечно од нејзината топлина да излезе лепчето, да се почувствува таа мискојна. Топол леб никогаш не се јаде, мора да остине, да си легне. Така е и со весникот. Безброј редакциски состаноци, се дебатира за теми, за шпекулации, за радио милева, за тоа кои теми се најважни, дали имаме добри и сигурни извори и на крајот дали изборот на темите е релевантен за јавноста. Новинарот секогаш се води од јавното добро, здравјето, образованието, заканите, војните… Кога сето тоа добро ќе се проанализира, е дури тогаш новинарите ќе седнат да пишуваат, весникот ќе излезе од печат (ќе се појави и на мрежата) и, уште весникот неостинат, во редакцијата ќе почнат да ѕвонат и редакциските и приватните телефони, а предупредивме дека леб изваден од фурна не се јаде веднаш. Па, зошто вака, а не онака, тоа не е точно, ќе демантираме… Ќе ве тужиме! Тужете, но ние ги поставивме сите прашања (кој, што, зошто, како, кога), сме се воделе според нашиот новинарски кодекс, знаеме што сме сакале. Затоа новинарскиот леб е со толку кори. Треба секому да му биде јасно ова, дека новинарскиот занает е и мајсторство. Ова е особено важно за редакцијата на „Нова Македонија“, која работи во и за весник што излегува од 1944 година. Тоа е една епоха. Весник што излегол како еден знак и признак од македонската победа над фашизмот, но и како столб и синоним на државноста. Тоа за нашата редакција е многу важно и ние свесно се придржуваме и си ги браниме со нашите новинарски алатки темелите што ги поставија основачите на современата македонска држава. Дали некому му пречи тоа? Секако дека да, а тоа новинарите во „Нова Македонија“ најдобро го знаат и го чувствуваат на своја кожа. Генерации новинари биле соочени со притисоци, закани, економски уцени, падови, одземање на имотот, на печатницата. Но, тој што верува, тој е успешен. Просто кажано, ние си имаме своја мисија и во редакцијата си ја знаеме, а нашите читатели го препознаваат тоа. „Нова Македонија“ некогаш имаше постојани дописници во Атина, во Солун, во Белград, некое време и во Лондон и Тирана, и тогаш се знаело зошто била направена таа новинарска мрежа. Некогаш нашите дописници беа цел на странските пропаганди, имале проблем слободно да известуваат, а еден наш дописник од Софија (Виктор Цветановски) доби и забрана за влез во Бугарија. Ќе речеме – друго време. Но, што се однесува до „Нова Македонија“, за нас времињата останаа исти, а ние и денес сме на радарите на нашите соседи на кои не им се допаѓа нашиот новинарски македонски вез.
Да се навратиме на реченицата што е сериозна закана – ќе ве тужиме! Само во еден месец на почетокот на годинава нашата редакција доби четири такви закани од само едно место. Да не зборуваме за секојдневните хакерски упади во серверите, за кои имаме сигурни податоци од каде доаѓаат, дека се обидуваат да ни шетаат низ серверите, да направат упад врз текстовите сѐ уште необјавени, да нѐ линчуваат на социјалните платформи, да фабрикуваат вести, како таа дека еден наш истакнат новинар имал бугарски пасош?! Замислете, има многу луѓе што имаат и хрватски и српски и косовски и канадски или австралиски пасоши, па никој не ги објавува со име и јавно (што е сериозно кршење на правото на приватност), само од Софија стигнуваат такви пораки, кои понекогаш се не само дискредитација тука и јавен линч. Околу тие лица, кои имаат (наводно) бугарски пасоши, потоа се плете приказна дека тие се Бугари и затоа ние требало да се прибереме.

Четирите жалби упатени до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) беа испратени од една адреса, а таа е во Прилеп, каде што свое седиште има Граѓанското здружение за слободно медиумско изразување „Трибуна“. На некој начин станува збор за наши колеги, кои си имаат своја интернет-страница, но нѐ оклеветиле во ЗНМ дека не сме го почитувале новинарските стандарди. Четири жалби само во февруари. И сите Советот за етика им ги отфрлрил затоа што не нашол прекршување на новинарските правила во нашите текстови. Тие и не се само наши, станува збор за пренесено интервју од амбасадорот Ристо Никовски и историски фељтон од проф. д-р Радко Начевски, за кои членовите на Советот сумирано кажале: текстовите не отстапуваат од професионалните и етичките стандарди при известувањето. Добро е што Советот го препознал ова, а како предлог од нашата редакција можеби во иднина би било добро, според принципот на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ваквите жалби да ги разгледува за да утврди прифатливост или веднаш да ги отфрли како неосновани. Зошто? Едноставно токму на вакви случаи какви што ни креира сега „Трибуна“, весникот и издавачот се ставени во состојба на своевиден штрек и мобилизација на ресурси и финансии. „Трибуна“ можеби е финансиски комотна да се расправа со една врвна редакција како нашата, можеби е и поддржана однадвор, нас тоа и не нѐ интересира, па можеби се подготвени да плаќаат адвокати и можеби предвидени судски трошоци, за економски да исцрпува медиум каков што сме ние. Сепак, многу е важно и ЗНМ, како и ние, да ја препознае намерата на „Трибуна“. Таа не е да се открие вистината или фактите, туку намерно да се предизвика штета во „Нова Македонија“, која досега артикулирано и врз база на длабинска анализа на меѓународните конвенции дошла до свој заклучок за Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а особено за двата дополнителни протоколи. Ние во само една реченица сме сумирале дека договорите се со важност за сите, но дека и тие имаат баланс кој се гарантира со правото на реципроцитет. Сѐ одека тоа го нема, а во овој договор, како и во Преспанскиот, тоа го нема, ние сметаме дека се тоа штетни договори за Македонија. И конечно, правилото на демократскиот свет е да се почитува мислењето на другиот, во конкретниов случај тоа е нашата медиумска слобода, која некој како „Трибуна“ се обидува да ни ја одземе. Но, за тие што го јадат лебот со седум кори, ова е само мала пречка и ние успешно ја проаѓаме. Еве конкретно и зошто: во нашите текстови нема јавен напад, линч врз поединец, негово омаловажување или повик за напад, па и физичка елиминација. Такво нешто ние никогаш не сме објавиле и нема да објавиме.

Ние сакаме јавна дебата, аргументи, факти, историја, факсимили. Поставуваме прашања: како на пример дали како што е „Трибуна“ регистрирана во Македонија, може некое ОМО „Илинден“ или „Антички Македонци“ или Македонски клуб на читатели да биде регистрирано во Бугарија? Ова ние прашуваме, а нема одговор, освен што со сигурност знаеме дека Софија ниту една од 17. пресуди на ЕСЧП не спровела. Ако нема ништо лошо што бугарски организации се регистрираат во Македонија, зошто би било тоа лошо за македонските во Бугарија? Тоа ние прашуваме, ама никако да добиеме одговор. Еве, нека се изјаснат нашите колеги македонски Бугари и големите новинарски пера од Бугарија. Ние сме да се тргне маглата на недоразбирање, фрлање клетви и пизми и настојуваме да најдеме начин за вистинска соработка и добрососедство. Не сме малото братче, кое постариот брат, кога маалски го викаат „батка“, го шета фатено за рачето. И ние сме високи, и израснати, па и горди. Не сакаме враќање на времето на „свиждање“ кога роднините еднаш годишно се среќаваа на погранична средба и си довикуваа меѓу себе: Јане, како сте? Имате ли принова во фамилијата? Не го сакаме ѕидот на Студената војна. Но некој упорно ја тера водата на пропагандистичките воденици и настојува и „Нова Македонија“ да ја стави во матрицата на великобугарскиот шовинизам. Ние се чудиме, зашто сметаме дека сме во 21 век, а не во 18 или 19. И, да, размислуваме со своја глава, зборуваме и пишуваме на македонски јазик, читаме и бугарска литература и бугарски поети и немаме ништо против тоа. Гледаме и понекоја бугарска ТВ-серија и понекој бугарски ТВ-канал. А вие? На кој камен седите? Прашавме и ќе кажеме – не јадете го нашиот леб ако не сте подготвени да споделувате, дотогаш си имате свој.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ