Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Соживотот е посилен од провокациите! | KOLUMNI.mk

Соживотот е посилен од провокациите!

Во време кога православните христијани во земјава го одбележуваат најголемиот христијански празник Велигден и кога пораките што пристигаат во целото македонско општество се за мир, љубов и разбирање меѓу луѓето, некои субверзивни елементи се обидуваат да внесат хаос и да предизвикаат раздор во традиционално одличните македонско-израелски односи.
Имено, во неделата, на Велигден, две лица најдрско се обиделе да ги опожарат објектот на Еврејската заедница во Македонија и синагогата, при што камерите поставени во близината брзо ги фатија во нивниот налудничав поход. Сега задача на надлежните органи е во најбрз можен рок да ги идентификуваат, да ги приведат, да ги проследат до правосудните органи и тие да им изречат соодветни казни за во иднина никој да не се осмели да направи нешто слично.
Реакцијата на првиот човек на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, по обидот за опожарување на нивните простории е сосема на место, со барање за јасна, гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани. Овој апел е упатен до совеста на македонското општество, да не дозволи омразата, стравот и незнаењето да станат погласни од разумот, човечноста и од правдата.
Македонското општество отсекогаш било отворено и сплотено, без оглед на нечија етничка, верска или каква било друга припадност. Затоа и сме опстојале сите заедно на овие простори. Верските празници се оние што сведочат за богатството на македонското општество, една до друга да се црква, џамија, синагога, секој со својата верба, но сите заедно во мислата да си помагаме, да се држиме едни со други, оти ако денес на едниот му е тешко, утре слична судбина може да доживее другиот. Кога меѓусебно си даваме поддршка, полесно ги пребродуваме премрежињата. Впрочем, дури и во оние најтешки времиња во Втората светска војна, македонскиот народ беше тој што се обидуваше на различни начини да им помогне на Евреите, кои беа на удар на фашистичкиот окупатор, кој од тука ги депортираше во логорите на смртта.
Само пред еден месец тука во Скопје одбележавме 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка, еден од најстрашните симболи на холокаустот.
Пораките што тогаш ги испрати македонскиот државен врв беа јасни и недвосмислени – не се сеќаваме само на трагедијата туку и на обврската да се спречуваат омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата во општеството. Токму овие зборови се тие што биле и ќе останат наша обврска како општество, да не дозволуваме некој друг да ги разгорува омразата, антисемитизмот и генерално сите појави на нетолеранција во општеството.

Во едно цврсто сум убеден. Ова не е чин на македонското општество кон еврејската заедница во земјава, туку на поединци што најпрво треба да бидат идентификувани кои се и од каде се и да се утврди кои се нивните инспиратори, наредбодавачи и веројатно финансиери. Ништо не треба да се исклучува, а истрагата треба да го покаже тоа. Македонија како држава мора да покаже карактер и брзо да го расчисти овој инцидент, оти какви било обиди за нарушување на меѓуверскиот соживот во земјава може да значи опасност од нејзино втурнување во немирните води кон кои плови светот. Тоа што се случува во Украина, Иран и на Блискиот Исток треба да го расчистат меѓународните организации и во согласност со меѓународното право да дејствуваат во обезбедувањето траен мир и соживот на сите народи насекаде. Ако некој е незадоволен од нешто, има демократски механизми како да ги искаже своите ставови, но да го прави тоа преку обид за потпалување на некој верски објект, едноставно е недозволиво и надвор од светогледот во македонското општество.
Дополнително, ваквиот чин не смее да се релативизира ниту да се третира како изолиран инцидент без подлабока општествена рефлексија. Напротив, тој треба да биде аларм за сите институции да ја засилат превенцијата, но и за јавноста да покаже јасен став дека за омразата нема место во нашиот заеднички простор. Ова е момент кога се тестира зрелоста на едно општество – дали ќе молчи или ќе застане гласно во одбрана на вредностите што го дефинираат.
Македонија низ својата историја градела мостови, а не ѕидови. Токму затоа, секој обид за нивно рушење мора да наиде на одлучен отпор.

Еврејската заедница е нераскинлив дел од македонското општествено ткиво, со длабоки корени, културен придонес и историско значење што не смее да се заборави ниту да се доведе во прашање. Напад врз нивните објекти не е само напад врз една заедница туку врз самата идеја за заедништво.
На крајот, останува обврската на сите нас како граѓани, институции и општество во целина да застанеме на страната на разумот, правдата и човечноста. Ова не е прашање на политика, туку на вредности. Македонското општество не дозволува и нема да дозволи вакви чинови, па така, во духот на Велигден, да продолжиме да ги возобновуваме и да ги одржуваме врските што никој не може да ги раскине. На крајот, да завршам во духот на Велигден – воскреснувањето ја симболизира духовната преродба на човештвото. Верникот преку овој настан е повикан да го „погребе“ својот стар грешен начин на живот и да „воскресне“ во нов подобар човек. Во вакви немирни времиња, ваквите пораки звучат како единствена вистинска насока кон што треба да се стреми целото човештво.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

“Suverenisti” su se razotkrili kao teški licemjeri i prevaranti

"SUVERENIZAM" je prazan pojam bez ideološkog sadržaja čije se...

Orban je bio “gromobran”. Sad Europa više nema izgovora

NAKON 16 godina Viktor Orban...

The West’s Russian Language Skills Are in Decline. That’s a Strategic Mistake.

On March 31, a Russian An-26 transport aircraft crashed...