Експериментална смрт. Или европската смрт на Македонците (1)

Веќе во првата колумна од новата серија ти најавив, драг читателу, дека ќе ја начнеме покрај гревот и срамот и темата на смртта, која како архетип е толку многу важна за човекот. Тој е суштество што станува свесно за неа уште со пречекорувањето на граничната линија што го дели рајот од земната судбина и природно се плаши од неа. Таков, тој страв е универзално чувство. Само децата во раната возраст не ја познаваат смртта, а тука се и животните, кои, како и тие, живеат во вечност, ослободени од чувството за минливост и крај.
Од најстарите епохи смртта била важна тема, која ја формирала мислата на човекот за смислата на постоењето, како резултат на што настанале главните религиски и филозофски системи. Нејзиното промислување така, колку и да звучи тоа парадоксално, најмногу го осмислувало и афирмирало животот, без разлика што Фројд вели дека „единствен начин да се говори за неа е истата таа да се порекнува“. Нам, пак, ни е поблиска размислата за неа на Хајдегер за кого без неа битието останува неосмислено од самиот факт што е таа негова есенцијална храна. Тоа важи не само за единката, индивидуата, туку и за колективот. За цели народи, па и цивилизации, кои не можеме да ги замислиме како егзистенцијални, историски и филозофски системи без неа. Особено древните цивилизации меѓу кои примерот на Стариот Египет е веројатно најимпресивен на тој план. Toa е цивилизација во која како кај никоја друга се вклопуваат и продолжуваат натаму една во друга струјата на животот и смртта. Цивилизација во која најхармонично се остварува тријадата живот – смрт – бесмртност. Таа тријада ја сретнуваме како доминантна и во христијанството, со таа разлика што во него таа е подраматична и конвулзивна. Не е толку спокојна и линеарна како во Стариот Египет.
Било како било не може да се побие фактот дека смртта за човекот е сепак страшна ако тој не умее да ја сублимира и трансцендира како индивидуа, но и како колектив. Онака како што го прават тоа сугестивно и фасцинантно иницијациски неографичките племиња. Оттука смртта не мора да биде само страшна како ужас и агонија, туку и радосна, трансцендентална, со мистична аура и карактер. Таква, таа е доброволна, осмислена длабоко во себе и прифатена како некоја света цел. Некогаш таа изгледа и амбивалентна, дефинирана со клучот на парадоксот, златната фигура на филозофијата како што мисли Киркегард. Неа убаво ја илустрира почетната реченица од еден расказ на Чехов: „Каков прекрасен ден, не знаеш дали да пиеш чај или да се самоубиеш“. Тука со право се прашуваме дали смртта не го прави убав денот исто како и пиењето чај како обреден чин на убавината на животот.

Сеедно. Кога зборуваме за радосната смрт како мотив и чувство, таа е речиси без исклучок поврзана со чинот на саможртвата како најважна цел на битието за остварувањето на некој идеал. Кај хероите, на пример, тоа е жртвувањето за слободата и татковината. Во христијанството, пак, тоа се мачениците, кои радосно ја прифаќаат смртта во име на верата за спасение на светот, следејќи го примерот на Христос, кој најубаво ја покажал нејзината вредност. Со неговиот чин на саможртва тој ја обзнанил најпарадоксалната и најоткровенска формула на спасение, на победата на смртта со смрт. Тоа е формулата што го изнедрува и обликува архетипот херој, формулата што како на Христос им беше добро позната и излегуваа од неа и нашите илинденски комити и асномски партизани со знамето „Слобода или смрт“. Тоа значи освојување на егзистенцијалниот и трансценденталниот простор на слободата што го симболизира апсолутниот живот во кој е укината границата меѓу него и смртта. Смрт разменета за живот за ова време и за поколенијата што доаѓаат од иднината. Тоа е смислата на чинот на саможртвата, драг читателу, и затоа неговото мартирство е озарено со најубавата радост на битието.
Но постојат многу видови смрт и на пристап кон неа, иако на неупатените што никогаш не ја промислувале неа им изгледа сè една и иста. Во фасцинантната двотомна книга на таа тема на францускиот антрополог Луј Вансен Тома, „Антропологија на смртта“, се дадени речиси сите нејзини варијанти. Цела една антрополошка прашума на тој навидум толку едноставен феномен. Да. Но мене, драг читателу, во неа особено ме привлече и од македонскиот судбински аспект размислата на Тома за најужасната од сите видови смрт, маркирајќи ја in medias res во неа. Тој децидно вели: „Што се однесува до најужасните облици на смрт, меѓу нив без секакво сомнение можеме да ја вброиме смртта со мачење, експерименталната смрт“ (подвлеченото е мое).

Можеме тука да речеме еурека, бидејќи влегуваме во самото срце на нашата тема драг читателу, а тоа е, погаѓаш, експерименталната смрт на Македонците, која од своја страна е озаконета со европски царски печат на цивилизацијата. Западната, ариевска, која себеси одамна се прогласила за натцивилизација со посебно право на доминација над другите народи, особено над послабите и сиромашните во кои спаѓаме и ние Македонците.
Македонската трагедија, која го достигна својот врв во Преспа 2018, е par excellence дијагностичка по однос на ариевизмот на таа и таквата цивилизација сега собрана во Брисел под синото знаме со сребрени ѕвездички. Тоа е Европа што е скриена под сугестивната маска на ЕУ, иако е цeлосно разголена. Европа што ние ја подразбираме и сфаќаме, бидејќи и сега е таква, во рамките на нејзините колонијалистички народи и држави со долга пиратска историја низ светот. На таа и таквата Европа, енормно страдајќи од неа, нашиот народ пред повеќе од едно столетие и ѝ ја испеа во дијагностички стил и без анестезија песната „Европо, блуднице вавилонска“. А тоа е блудницата, драг читателу, знаеш, што се појавува како оличение на неморалот и злото и во „Откровението“ на апостол Јован во последната книга од Новиот завет.
Сега тука е потребно да направиме една синкопа, еден важен хијатус за смртта не само на Mакедонците, сега веќе завлезена во завршна фаза, туку и за смртта на цивилизациите што може некому да му звучи монументално и шокантно. Kако се случува тоа? Постојат две спротивставени теории на тој план, едната е еволуционистичка, спокојна, а другата катастрофична, агонична. Првата брилијантно ја застапува во својата книга со сугестивен наслов „Пропаста на Западот“, неправедно заборавениот германски филозоф Освалд Шпенглер. Според него, цивилизациите се исто како и билките: ’ртат, се раѓаат, растат, цветаат, го достигнуваат својот апогеј, а потоа природно венеат и опаѓаат бидејќи се кон својот законит крај на смрт. Изгледа малку поетично и мистично. Шпенглер својата (хипо)теза ја изведува главно врз основите на културата, што значи на духовниот капацитет и растеж на цивилизациите. Како архетипална слика на таквата негова теорија тој ја има во преден план египетската цивилизација од која е безмерно фасциниран, до тој степен што старогрчката цивилизација пред која патолошки коленичи Европа тој ја посматра во однос на неа безмалку како џуџе кон џин. За него таканареченото „грчко чудо“ од цивилизација, кое го вергла некритички и митомански Европа, низ сите свои истории на уметноста и секакви енциклопедии не му е ни до колена на староегипетското цивилизациско чудо. Не му е иако во „грчката вреќа“, како што вели Х.Д. Лоренс, Европа по инерција трупа сè. Ја трупа во неа и целата македонска цивилизација почнувајќи од нејзината античка генеза сè до наши дни.

(продолжува)

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во...

Супер Глоуб станува „Светско клупско првенство“

Досегашниот формат на натпреварување познат како Супер Глоуб...

Македонија од трет шешир во ждрепка – може да игра во Хернинг, Осло, Загреб…

Светската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката...