Јас сум Америка, Навахо од Македонија, не сум Европа

Имав чуден сон. Во Македонија учениците имаат учебници. Неколку општини од ЕУ сами си го фатија патот кон Русија во потрага по бесплатен гас. Африка слави Кинеска нова година. Тексас стана членка на БРИКС. Јас на Хаваи. Меѓу два коктела ги убедувам Хавајците да излезат и да им кажат на своите политичари дека се против насилното членство на Хаваи во САД. Кога одеднаш, ете го тој дедото, почна да раскажува приказна за мачката што за малку ќе му изгорела. Колку некреативен пресврт за еден сон, си реков и се разбудив. Кафе, цигара, кафе, цигара… пак се разбудив, овој пат вистински. Фаќам мобилен и право на Фејсбук.

Па, дали сте вие нормални? Како можевте ова да ми го направите? А бе, вчера, колку само се израдував кога го видов оној клип со Александар Николовски каде што вели, ние (ВМРО-ДПМНЕ) сме антизападни и против евроинтеграции. Да имав шампањ ќе го отворев. Си реков, конечно вмроовциве станаа комплетно нормални, оти кој бре денес со два грама памет е прозападен и сака евроинтеграции? Мислам, како да си нормален и прозападен истовремено, по сиот оној геноцид врз Блискиот Исток? Како да си нормален и прозападен истовремено, ако знаеш дека откако лажеа за хемиско оружје во Ирак убија милион цивили, па уште онаа монструозна жена Медлин Олбрајт да ти каже дека тоа било за нивно добро? Ма кој нормален сака евроинтеграции, по триесетгодишна ЕУ-тортура врз нас, од Лисабонска декларација до денес, со намера да ни спроведат идентитетски геноцид?

И што гледам сега? Клипот со Николовски е фејк. Сечено, лепено и монтирано… познат нордистански ритуал за докажување дека интелектуалната бижутерија е… факинг бижутерија. Цареви сте да ми го расипете денот. Тамам, за првпат им поверував на прогресивниве фактчекери, кои можат и на вистината да ѝ докажат дека лаже. И сега, статива, вмроовците си остануваат прозападни, шест прста отворени за евроинтеграции.

Океј… ќе просурфам уште малку по фејс… о, Господе, што ми се случува со профилот? Каде се објавите на моите пријатели? Каде исчезнаа сите оние слики од поставени маси, селфија од убавите згодни дами, каде отидоа сите чудни коментари, корисни рецепти и лоши вицови? Мојата фејсбук-страница е окупирана од спонзорирани објави на цивили, фронтлајнери, рацини. Наместо украинска офанзива, зјапам во офанзива на мојот профил од американски ботови, беспилотни летала и камикаѕе-дронови, кои вообичаено, во моите очи извршуваат интелектуално самоубиство по првата прочитана реченица. Затоа и не одам таму… во нивната прва реченица и се задржувам само на насловите.

А едни наслови… По Содом и Гомор, Господ ќе фрли оган врз Нордистан ако нема уставни измени. Еволуцијата ќе тргне назад, од идни ЕУ-граѓани, ќе се вратиме на гранки за да си јадеме вошки, оти алката што недостига се уставните измени. Петтиот јавач на апокалипсата е Мицковски, а петтиот елемент не е Мила Јовович, туку Мило Јовев, нордистански Бугарин што мора да влезе во устав. Ако не се отвори устав, Адам и Ева ќе го напуштат Стариот завет и ќе фатат сами пат кон рајската градина на Борел. Амбасадорка облече креација на Скелетор, фустан со черепи, како симбол на некогашното ВМРО, за да им каже на сегашните вмроовци да заборават на коскеното минато и да се завртат кон мускулестата иднина каде што ги чека еврокомесарот Хи-мен до кој се стига само преку бугарскиот премиер Орков. Ескобар јава на булдожер и доаѓа во Нордистан за да ги натера вмроовците да шмркаат уставни измени.

И како сега да отидам подалеку од насловиве? И зошто да читам американски ботови кога можам да уживам во американски генијалци? Само што ми го донесоа од Белград романот „Виножито на гравитацијата“, еден од десетте најважни романи на американската книжевност, од генијалниот Томас Пинчон. Зошто да читам ботови, а не се ни Американци, за познавање на американскиот дух воопшто да не зборувам, кои сè нешто џавкаат за иднината, кога можам да се завртам кон минатото каде што ме чекаат Мелвил, Твен, Фокнер, Хемингвеј, Селинџер, Керуак, Буковски, Фанте и Карвер, кои пишувајќи за нивната сегашност што нас ни е минато, ја објасниле иднината. И на крајот на краиштата, зошто да читам ликови со спонзорирана љубов кон Америка, кога низ годиниве, сам се вљубив во американскиот дух летајќи на стиховите на Витман, Гинзберг, Ферлингети, Паунд и Сандберг преку Атлантикот.

Атлантик, да… Така се викаше операцијата на нордистанските тајни служби пред пар години, спроведена спрема сите нас што сме против наци-срањето од Преспа. Нè следеа, прислушуваа, снимаа, ни ѕиркаа во интима и слични европски вредности наследени од НКВД, Штази и УДБ-а, а јас си реков, океј, одлично, еден ден кога идните генерации ќе си ја вратат Македонија, ете им доказ дека сум заслужил име на улица. Читам, повторно го активирале кафкијанскиов процес, ама сега да ти бил насочен против руски ботови под чија сила црпена од Кремљ, ВМРО-ДПМНЕ не сака уставни измени. Ај, да не се мачите со мене, сè ќе ви признаам. Не сум руски бот, туку Русјаков, во презиме го носам она што го мразите, сеедно што во македонскиот јазик (од кој произлегува бугарскиот како дијалект), рус човек значи нешто сосема друго, јас сум скроз задоен со руска пропаганда, од Достоевски до Пељевин, од Гогољ, Хармс и Булгаков, до Сорокин, од Толстој до Довлатов, од Есенин до вечноста. И уште шетам сибирско хаски по улици. Во зима носам руска шубара. А да, ако некогаш запознаам жена со руска убавина, со нозе од стиховите на Пушкиновата поезија, ветувам, ќе се вљубам во неа.

Ете, ви „отпеав“ една љубовна песна за вистинските Америка и Русија, иако ние тука во средина… во Европа… уф, ние сме Европа. Колку генијален наслов за кампања. И со право. Во моментот кога на сила, од слободна Македонија, нè однесоа во гетото Нордистан, сè ми се чини дека сум во нацистичка Германија. Хм, ама па и тоа е Европа. Но добро е за децата да им се каже дека сме Европејци, оти немаат учебници за да научат дека Европа е континент на планетата Земја што припаѓа на Сончевиот Систем во галаксијата што не е Бугарија, црна дупка за идентитети низ која се влегува во Европската Унија. А јас, благодарам, ама не сум Европа. Јас сум Америка, Навахо од Македонија, ги презирам вирусите што ми ги подметнувате во ќебињата на стварноста. Јас сум и Африка, Масаи од Македонија, не сакам да робувам на вашите плантажи на лицемерноста, под камшикот на лажните вредности со кои сакате да ми ја ставите во пранги слободата.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

📷Војводина си направи малер – предвреме „прослави“ трофеј

Тимот на Партизан ја шокираше Војводина и го освои...

Хансен се враќа на терените – ќе биде спремен за двомечот со Веспрем

Легендарниот дански репрезентативец Микел Хансен моментално отсуствува од...