Драги мои, во Македонија медиумската индустрија е мртва. Таа во суштина не постои. Тоа што го гледате е само прашина на небото, светлина на ѕвезди што исчезнале, ама до нас уште не стигнала таа информација затоа што, како и многу други, и оваа смрт патува бавно.
Македонскиот телевизиски пазар ќе ја заврши 2025 година со околу 20 милиони евра бруто-приходи од маркетинг и адвертајзинг. До 31 март ќе го знаеме точниот износ, преку даночните биланси. Но, во секоја смисла може да констатираме дека ова е десетта година по ред кога губиме по два милиони евра годишно од вкупниот пазар на огласување каде што припаѓаат националните, регионалните и локалните приватни телевизии. Од овој колач, најголемото парче оди кај националните терестеријални телевизии, кои околу две третини од приходите расходуваат за плати, хонорари и трошоци за работа. Остатокот се аквизиции што во суштина подразбираат купување содржина, главно на програма произведена во странство. И без да биде човек многу информиран, лесно може да забележи дека најголем дел од купената содржина се играни серии, музички програми и филмови од Турција, Србија и САД, од каде што главно гледаме холивудска Б-продукција на филмови, во просек постари од десет години. На прајмтајмот, во најгледаното телевизиско време, речиси две третини националните телевизии програмираат, а гледачите консумираат странска содржина. Ова е феномен што ако му го кажете некому надвор, ќе мисли дека сте неинформиран или тенденциозен. Мал дел, главно телевизиите Алфа и Сител, произведуваат оригинална сопствена продукција или адаптирана франшиза. И тука завршува сѐ. Што се случува понатаму, откако овие телевизии ќе аквизитираат или произведат програма? Тука започнува драмата, која завршува со трагедија, драги мои. Трите најголеми оператори „Телеком“, А1, „Телекабел“ и дваесетина други помали ги пренесуваат содржините на националните телевизии Алфа, Алсат М, Телма, Канал 5 и Сител, без да им плаќаат каков и да е надомест за тоа.
Значи, да дефинираме. Кабелските оператори на своите канали на консументите во Македонија им нудат неколку стотини различни канали и програми од цел свет, без ограничувања, и со сите тие имаат склучени договори со кои на сопствениците на правата на тие телевизии им плаќаат надомест за тоа што го пренесуваат. Значи, тие им плаќаат на сите, освен на македонските телевизии, кои во суштина се најголемите производители на содржина во Македонија. Никој друг освен петте национални телевизии на никаков начин и со ништо не е ни блиску до обемот, формата и квалитетот на произведените содржини, вклучувајќи ја и МРТ, која од буџетот на државата добива околу 20 милиони евра, приближно колку сите други национални телевизии заедно. И кај е тука проблемот? Во чудото наречено погрешно поставен систем, во кој оние што произведуваат најмногу – добиваат најмалку! Ако се согласиме со фактот (проектиран од системот на Нилсен Македонија) дека околу половина од вкупниот број на консументи на телевизиски содржини во земјата се на петте национални телевизии, тогаш фрапантно и шокирачки звучи податокот дека најголемите телевизиски дистрибутери, продавајќи ги содржините на националните телевизии имаат десет пати поголем бруто-обрт од сите нив заедно. Кога на ова ќе ги додадеме двата државни регулатори, ААВМУ и АЕК, кои го контролираат и регулираат медиумскиот и пазарот на телекомуникации во Македонија, а имаат милионски буџети и овластувања, се соочуваме со парадоксот дека петте национални телевизии постојат и создаваат содржини главно за профит на една македонска и две странски компании, кои остваруваат стотина милиони евра добивка. Но и за оправдување на постоењето на две државни институции. Додека сѐ уште има национални телевизии! Умирам од желба да знам што ќе мониторираат тие мастодонти кога ќе нѐ нема нас?! Македонија е единствена земја во Европа, а сигурно и редок пример за африкански држави, со систем што петнаесет години ги експлоатира, искористува и употребува националните медиуми без ниту грам свест или знаење дека етерот односно медиумите се ресурс како што се водата, почвата и воздухот. И дека тие се трошат ако не се обновуваат. Етерот е ресурс што ако не се одржува, колабира и умира. Последиците се јасни. Ако ги уништите ресурсите вода, земја и воздух – ќе ви умре телото. Но ако го уништите ресурсот етер/медиуми, ќе ви умре душата! Разбирате ли сега кај се нашите проблеми кога сите зборуваат дека Македонија е во духовна криза, која ги произведува и потхранува сите други кризи – економската, политичката и социјалната.
Најголемиот аргумент што неуки луѓе го користат е (во овој момент со право!) што ќе ни се такви медиуми и национални телевизии што не произведуваат ништо македонско? Имено, поради ова и не произведуваат. Националните телевизии во Македонија се парата за поткусурување на сите општествени и политички антагонизми. Триесет години. Ние сме турлитавата со која се храни бедата на духот преку неприсуството на ништо од Македонија и ништо македонско. Јас не очекувам од никој нормален човек да има идентификација со содржини што не го рефлектираат, еманираат, критикуваат и афирмираат него и неговата земја и општество сега, во минатото и во иднината. Тоа е така и нема зошто да се лутиме поради тоа. Но, решението на проблемот е во сето она што го напишав погоре. Во превртувањето на системот навидум наопаку – а во суштина, поставување на своето место.
Систем што не враќа додадена вредност назад во дејноста што произведува вредности се систем и дејност осудени на пропаст. Јас немам никакви дилеми дали овој систем и оваа дејност, во овој обем и во оваа форма, ќе пропаднат?! Тоа е сосема јасно. Прашање е кога. И, можеби поважното прашање е што може да се спаси од тоа што ќе остане. На крајот, ако не разбереме дека веќе не постојат еднородни медиуми, туку мултимедиуми и дека во овој момент со развојот на технологијата се променети потребите од класични медиуми, тогаш пропаста ќе дојде со тресок и лом! Никој во Македонија не сака да разбере дека ако сакаме да опстанат, медиумите мора да бидат групирани или концентрирани. Традиционалните медиуми телевизијата и радиото со весници, печатени и дигитални, и сите заедно форматирани во социјалните мрежи, кои во суштина се иднината на медиумите. Некогаш се прашувам дали нашата незаинтересираност за себеси е во толкава количина што е дури и неразбирлива. Ме плаши дали ова е намера или само уште едно незнаење. Ако е незнаење, тешко нам! Колку за шлаг на тортата, Македонија во 2026 година е единствена земја на Балканот што не дозволува медиумско концентрирање. Македонија е единствена земја што не разбира дека иднината на медиумите е имено во медиумското групирање и во сопственото производство на содржини преку системот на концентрирани медиуми. Медиуми што само реемитуваат туѓа содржина се осудени на пропаст. Општество што не поддржува производство на сопствена содржина за своите информативни потреби е општество осудено на пропаст. Народ што не разбрал дека најскапиот производ на иднината ќе биде информацијата, онаа точната секако, е народ што ќе биде манипулиран и лажен со лажни и манипулативни информации за него и за светот околу него, создавани од некој друг, а не од него самиот. Затоа што во светот на медиумите ти си таков како што ти ќе се рефлектираш и прикажеш себеси. Сѐ друго е привид и лага.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“