Карпалак без споменик за хероите е презир кон бранителите на државата

Велат секоја загуба, а особено смрт страшно боли и отвора лути рани што не зараснуваат. Но најмногу болат кога човек ќе го даде животот за својата татковина, а таа, татковината и потомците, ќе го заборави.
Според некои податоци, Македонија во воениот конфликт од 2001 година (кој, за жал, сѐ уште нема официјален статус од страна на македонските државни институции, за тоа што се случи и кој е бранител, а кој агресор) загуби 68 македонски војници и полицајци. Тие главно беа млади луѓе, кои застанаа во одбрана на уставниот поредок на државата. Сите тие беа и остануваат херои на Македонија.
Некои од нив својот млад живот го положија на олтарот на слободата за татковината уште на самиот почеток на конфликтот, а некои пред самиот крај, пред потпишувањето на т.н. мировен договор.
На 8 август 2001 година, кога веќе беше на повидок наметнатото примирје во Македонија и кога се очекуваше во Охрид со посредство на меѓународната заедница да биде парафиран Охридскиот мировен договор, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, подмолно, од заседа беше нападнат армискиот конвој, кој ги превезуваше прилепските војници.
При тој напад од рафалите од терористите што го нападнаа конвојот на стотината прилепски армиски резервисти, кои тој ден тргнаа да ги бранат слободата и независноста на Република Македонија, животот го загубија десет прилепски војници и резервисти, и тоа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Додека во вилата „Билјана“ во Охрид домашните политичари и меѓународните преговарачи ги испишуваа последните реченици од Охридскиот мировен договор, албанските терористи (подоцна замаскирани со флоскулата „борци за човекови права“) со ракетни фрлачи и рафали од автоматско оружје од заседа го гаѓаа конвојот во кој се превезуваа војниците на АРМ.
Не само македонската туку и светската јавност беше шокирана и буквално вџашена од крвавиот настан, кој се закануваше да ги поткопа напорите за мирно решавање на конфликтот.

Со масакрот кај Карпалак беше прекршен веќе постигнатиот договор за генерален прекин на огнот.
Тој ден на 8 август, Прилеп беше завиен во црно.
Четири дена подоцна, на 12 август, во Охрид беше потпишан Охридскиот мировен договор и беше означен крајот на конфликтот.
Денес, 22 години подоцна од тој крвав масакр, кај најблиските на убиените војници, нивните другари и соборци, раните уште крвават и печат. Тие сѐ уште не зараснуваат, ниту исчезнуваат.
Особено нив ги боли прашањето што тие постојано си го поставуваат, но кое сѐ уште е без одговор, а тоа е кои беа тие што го извршија предавството за масакрот што се случи тоа кобно утро.
Сите изминати 22 години, Македонија и градот херој Прилеп им оддаваат почит на загинатите бранители на Карпалак.
И секоја година, секој 8 август најблиските на загинатите војници го поставуваат истото прашање, кога Македонија ќе им се оддолжи на прилепските херои со подигнување достоинствен споменик, кој ќе потсетува не само на тој крвав настан туку и на храброста на прилепските војници, кои ги дадоа своите животи за денешната слобода.
Тие покрај што се тажни и разочарани, истовремено се и гневни затоа што и по 22 години од масакрот кај Карпалак, на загинатите 10 бранители им се оддава почит на банкината од патот, пред една обична плоча, која со години по секое чествување е искршена.
Иако градот Прилеп на своите загинати сограѓани секоја година пред споменикот изграден во нивна чест во градот херој достоинствено им оддава почит на своите херои, сепак прилепчани сакаат и мечтаат главното чествување на крвавиот настан да биде на Карпалак, на местото каде што беа убиени од заседа прилепските војници.
Во изминатите 22 години речиси секоја година, на 8 август државните власти и министрите за одбрана нагласуваат дека кај Карпалак ќе изградат достоинствено спомен-обележје за загинатите прилепски бранители, но барем засега сѐ уште од тоа нема ништо.
Деновиве истото тоа го вети и министерката за одбрана Славјанка Петровска, која ја предводеше делегацијата од Министерството за одбрана и од армијата, која на Карпалак положи венец во спомен на бранителите.

– Изминаа 22 години и со голема тежина во срцето, од трагичниот настан на Карпалак, каде што животот го загубија десетте херои на безбедносните сили. Тие несебично се одзваа на повикот на татковината и тоа никогаш нема да биде заборавено. Длабока почит и сочувство до нивните семејства. Вашите синови ќе ги паметиме вечно како херои, кои за татковината го дадоа најскапоценото. Тие заслужуваат достоен споменик на кој ќе се оддава почит – истакна Петровска од месноста Карпалак.
По полагањето венец, таа најави дека до Општина Желино ќе испрати барање за издавање дозвола за изградба на споменик.
Каков апсурд, министерката за одбрана на Македонија, на земја што е членка на НАТО и која се грижи за сигурноста и безбедноста на граѓаните во други држави, треба да пишува писма до Општина Желино и да моли државата да добие дозвола за изградба на споменик или спомен-обележје на загинатите војници што таа ги претставува.
Патот на кој беа подмолно убиени прилепските војници не е сопственост на Општината Желино, ниту пак државата е во заложништво на општината, за државата да бара дозвола од оваа локална самоуправа за изградба на споменик. Изградбата на споменик за прилепските херои на патот за Карпалак, кој води од Скопје за Тетово, е најмалото нешто што Македонија треба да го направи за загинатите 10 војници во конфликтот, затоа што тие на Карпалак заминаа да ги штитат не само мирот туку и територијалниот интегритет и суверенитет на својата држава Македонија, во чии темели се вградени животите на илјадници синови на државата.

Не само десеттемина херои од Прилеп туку и сите борци и херои што ги дадоа своите животи за слободата и мирот на државата, во која слободно и во мир ќе живеат не само Македонците туку и мирољубивите Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, заслужуваат да им се подигнат достоинствени спомен-обележја и споменици, кои сегашните и идните генерации ќе ги потсетуваат на нивната храброст и патриотизам.
Министерката за одбрана треба и мора да знае со какви урбанистички решенија и дозволи се изградени спомениците на борците на УЧК, кои со агресија однадвор, во содејство со домашни терористички колаборационисти, со оружје в раце тргнаа да го срушат уставниот поредок на Македонија и да ја вовлечат во војна, која малку недостигаше да се претвори во конфликт со несакани и непредвидливи последици.
Зарем такви дозволи за изградба на споменици бараа(т) претставниците на Албанците, кои на своите (со)борци им изградија монументални споменици?
Разочарани се од односот не само кон загинатите прилепски бранители туку и кон сите бранители што се ставија на браникот за одбрана на државата и поради тоа што и по 22 години не се исполнети нивните барања за бесплатно здравство на членовите на нивните семејства и нивното барање да се донесе закон за бранители, со кој тие ќе бидат прогласени за борци.
Тие инсистираат со право државата и нив да ги внесе во Уставот, со статус на борци, како и да им обезбеди вработувања во безбедносните сили на државата, а децата на загинатите бранители да добијат статус на деца на борец.
Односот кон загинатите бранители треба да биде најдобра порака за живите членови на безбедносните служби, кои и во време на мир треба да знаат дека државата ќе биде секогаш со нив и во време на мир и во војна.
Само со такви луѓе во безбедносните служби Македонија ќе може да смета на својата безбедност и сигурност.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Пол Мaкартни стана првиот британски музичар милијардер

Пол Макартни стана првиот британски музичар милијардер, според листата...

Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во...

Супер Глоуб станува „Светско клупско првенство“

Досегашниот формат на натпреварување познат како Супер Глоуб...

Македонија од трет шешир во ждрепка – може да игра во Хернинг, Осло, Загреб…

Светската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката...