Македонија под опсада на „политички тролови и дронови“

Не знам зошто, но се ми се чини дека секогаш кога македонскиот народ низ својата историја ќе се најдел во, како што би рекле старите, зорт-ситуација или, народски кажано, во тесно, по правило ги наоѓал најмудрите мисли, кои на најдобар начин ја отсликувале состојбата во која се наоѓал тој.
Многупати уште како дете ги слушав зборовите на луѓето, кои кога им беше најтешко, наместо да паднат во очај и депресија, велеа „секое зло за добро“. Или, пак, многу често знаеја да речат „по дожд доаѓа сонце!“.
Добро ги паметам и зборовите на мојот покоен дедо, кој кога му беше тешко велеше „угоре високо, удолу длабоко“ или „од оваа кожа не може да се излезе“.
Сѐ ми изгледа дека во една таква ситуација деновиве се наоѓа Македонија, бидејки се наближуваат деновите кога ќе почне собраниската дебата за уставните измени… А сѐ уште нема обезбедено двотретинско мнозинство за започнување на процедурата за уставни измени, а камоли за да се влезе во материјална расправа за нив!? Ако нема такво нешто, тогаш каква било расправа во Собранието е противуставна, противзаконска, а ако сакате и спротивно на Деловникот на Собранието! Замислите ситуација: Законодавецот го крши законот! Каква иронија…
Натаму… Како што се наближуваат деновите за отворање на Уставот на државата, така сѐ повеќе се оддалечуваат политичките лидери и партии околу наоѓањето заеднички консензус за решавање на спорот со нашиот источен сосед Бугарија, која, покрај многуте услови и барања за симнување на блокадата кон Македонија, инсистира по секоја цена пред одржувањето на втората меѓувладина конференција во Брисел, која е закажана за ноември, да се отвори Уставот на државата во кој ќе влезат и Бугарите како народ.

И сега, кога власта се наоѓа, со шаховски речник кажано, во цајтнот-ситуација, се поставува прашањето зошто на првата конференција наивно се прифати условот на Бугарија за влез на Бугарите во Уставот или зошто во изминатата година во државата не се изгради заеднички политички став околу барањата на Софија.
Наспроти големиот оптимизам, каков што владееше порано, како што се наближуваат деновите за отворање на Уставот, така и Владата е сѐ помалку оптимистична дека ќе може да обезбеди двотретинско мнозинство од 80 пратеници и ќе го исполни барањето на Бугарија. А да размислеше претходно и да го исполнеше барањето првенствено на мнозинството на „граѓаните“ и да ставеше во пакет јасно и чисто дека тоа мнозинство е всушност главниот и носечки конституент на македонската држава, а тоа е МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, а сите други (автохтони) се – малцински заедници! И така, со еден удар, ќе завршеше две крупни работи со измените: и македонскиот народ ќе беше единствен носител на државноста, а наедно ќе беа внесени Бугарите, заедно со другите малцинства.
Засега, како што стојат работите, без успех е и шатл-дипломатијата на неколку европски земји, кои и даваа(т) поддршка на Владата да истрае во напорите да обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот, вака како што се поднесени измените од работната група на Цаца. Со застрашувачки (политичко- правно-лингвистички) фелер.
И додека власта не знае кој пат да го фати за да обезбеди двотретинско мнозинство и да го испорача она што им го вети на Софија и Брисел, ВМРО-ДПМНЕ се занимава со пишување на изборната програма за претстојните предвремени парламентарни избори.
Во последно време не е премногу голем оптимист дека ќе се дојде до приближување на ставовите на власта и опозицијата ни претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во Пустец, Албанија, изјави дека очекува во наредните неколку месеци да претстојат интензивни разговори помеѓу власта и опозицијата, во кои конечно ќе можат да се убедат дека ова е стратегиски момент што не смееме да го пропуштиме за иднината на државата….Што и да значи тоа…
Но, замислете, проблемот со Бугарија за некои експерти по меѓународно право е многу поголем отколку со Грција. Грците, кои мислат дека имаат право на монопол на името Македонија, бараа само да не сме Македонија.

Бугарите велат дека ние сме Бугари, што, во пакет со нашето претходно откажување од нашето исконско име, е веќе драстично и многу полошо.
Додека едни политичари тврдат дека освен внесувањето на Бугарите во Уставот нема други услови и барања на Софија, други велат дека Македонија треба да исполни сѐ од преговарачката рамка што ја прифатиле.
Претседателката на работната група за уставни измени, Маргарита-Цаца Николовска, пак, наместо да изнесува правни аргументи, во манир на владејачки политичар вели дека уставните измени воопшто нема да ги загрозат македонскиот идентитет и јазик.(!?) За внесувањето на Бугарите и другите народи сега наведени во преамбулата како дел од народи, Николовска појаснува (наоѓа политичко алиби) дека тоа е резултат на проширување на листата, а основа за тоа е и дадената можност во самиот текст во Уставот, односно преамбулата зборот „и други“ (читај: Други згрешиле не ние!).
За состојбата во која се наоѓа државата во моментов во однос на уставните измени, Николовска вели дека е однос меѓу државава и Европската Унија, а не Бугарија. Значи, странки во овој процес се Македонија и Европската Унија. Боже, какви ли правни судиски аргументи?! Изгледа затоа довербата на граѓаните во судството е тотално патосирана… тоа започнало уште многу одамна…
И да не заборавам уште ова…
Според уставните експерти, во меѓународното право, споменувањето на народите во преамбулата на Уставот на Македонија создава конфузија во делот на државотворноста и во делот на националната припадност. Затоа, неопходна е јасна дистинкција уште во преамбулата на Уставот, во која ќе се нагласи дека носител на државотворноста е македонскиот народ, додека сите други потпаѓаат под категоријата малцинства.

Едно нешто што е загрижувачко е тоа што во изминатите 32 години од македонската независност, на македонската политичка сцена се смениле многу влади, составени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и речиси сите помали политички партии, кои биле во коалиции и со едните и со другите.
Иако секоја од тие политички гарнитури се удирала в гради и себеси се промовирала како спасувач и патриот, сепак од независноста досега, постојано, од година на година се редуцираше државотворниот статус на македонскиот народ и се загрозува(ше) унитарниот карактер на државата Македонија. Но тоа никако не сакаат ни да го видат ни да го признаат од ниедна политичка гарнитура.
И наместо, како што е секаде практика за овие национални, идентитетски и државотворни прашања, да се изгради заеднички национален консензус, партиите и натаму продолжуваат со истите далтонистички политики.
Таквата поделеност досега нашите соседи знаеја умешно да ја искористат. Како ќе се одвиваат работите сега, со уставните измени, останува да покаже времето.
Но знаејќи го однесувањето на политичарите, кои се доследни единствено во својата недоследност, не ни се пишува добро.
Но, за разлика од други случаи, овој пат нема да важи мислата од почетокот на текстот „секое зло за добро“. Овој пат злото нема да ни донесе добро. Од нападот на овие политички тролови, кои користат политички дронови, сите ќе излеземе со длабоки лузни и душевни рани. За Македонија можете да претпоставите и самите.

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Трикратниот освојувач на ЛШ ќе игра и на 37 години

Поранешниот репрезентативец на Германија, Тобијас Рајхман, ова лето...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...

Колку заработија екипите што играа во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во изминатата сезона подели...