Нација во шок! – Нова Македонија

Како што нацијата се мобилизираше, така растеа надежите дека Вања ќе биде пронајдена жива. Дури и МВР се мобилизираше под јавен притисок, и кога објави дека конечно има нови информации, надежта порасна. И дојде лошата вест, наместо жива Вања, откриено двојно убиство

Во неделата доцна навечер едно соопштение на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) ја турна нацијата во шок! МВР и ОЈО соопштија дека е пронајдено безживотното тело на 14-годишнината Вања Ѓорчевска, која се водеше за исчезната од 27 ноември, во околината на Бразда, Скопско, а во околината на Велес е пронајдено и телото на 74-годишниот Панче Жежовски, кој се водеше за исчезнат од 24 ноември. За нацијата шок, за семејствата што изгубија дете и родител огромна непребол. Не постојат зборови на утеха што можат да се кажат, не постојат зборови што можат да ја опишат тагата по загубените животи. Нацијата во шок спонтано прогласи недела на тага, со откажување или одложување настани. А ова е нација што не е лесно да се доведе во шок. Ова е нација што преживеала многу војни и злосторства во подалечното минато, а во поблиското имала воен конфликт или, пак, свирепи случаи како Смилковско Езеро, или шокантни трагедии како случајот „Ласкарци“, „Дурмо турс“ или ковид-болницата во Тетово.

Со посветеноста на нејзината мајка, нацијата се мобилизираше за пронаоѓање на Вања, невино, чисто дете. Се чини дека таква мобилизација не само во Македонија туку и во регионот немаме видено со години. Како што нацијата се мобилизираше, така растеа надежите дека Вања ќе биде пронајдена жива. Дури и МВР се мобилизираше под јавен притисок и кога објави дека конечно има нови информации, надежта порасна. И дојде лошата вест, наместо жива Вања, откриено двојно убиство.

Нацијата во шок, доби доста штури информации дури утредента и следниот ден на пресови на МВР и ОЈО. Последниот прес на министерот Спасовски, надвор од триумфалистичкиот настап дека со апсењето на Љупчо Палевски МВР си ја завршило работата, не понуди многу одговори. Во моменти на тага на семејствата и блиските, коментирање на случајот е исклучително болно, а ако доаѓа од член на раководство на партија може да се толкува и како политизација на случајот. Но некои работи мора да се искоментираат, не со желба за стекнување политички поени, туку со силна желба за постигнување правда.

Во Македонија имаме ниска доверба во правосудството, така што јавноста многу од информациите што доаѓаат од МВР и ОЈО ги прима со недоверба. Дополнително има склоности кон конспирациски теории, кои без или со намера се споделуваат на социјалните медиуми. Имаме историја на полициски наместени случаи, како случајот „Ореше“ или подобро познат како случај „Кежаровски“, кога цел случај е базиран на изјава на „заштитен сведок“. Имаме обвинувања за такви местења и во други случаи, за кои одредени партии бараа и меѓународна истрага. Имаме случаи како Смилковско Езеро, каде што Зоран Заев и СДСМ ширеа недоверба. Во медиумите има многу написи за Љупчо Палевски, како удбашко-полициски проект. Доволно аргументи за загриженост и високо ниво на проверка на водењето на случаите.

Прво, завршена работа на МВР, за мене е пронаоѓање на исчезнатите лица. Случајот на 74-годишниот Панче Жежовски демонстрира со каква немарност МВР приоѓа кон исчезнување на возрасни лица. Тоа што МВР не знаело дека со Панче Жежовски исчезнал и неговиот автомобил, покажува колку лошо е водена истрагата за него. Второ, МВР мора да има детални објаснувања за мотивите, средствата и можностите за стореното злосторство. Не се доволни само исказите на соучесниците, мора да има солидни образложенија за мотивите и средствата. На пример, како кражба на стар автомобил како мотив објаснува убиство на далечна локација, кога автомобил може да се украде и без убиство. Или посебно климавото објаснување дека малата Вања е убиена во паника поради јавноста, а јавноста е мобилизирана часови потоа. Како МВР со сигурност го соопшти часот на убиство без чекање на патолошкиот наод. Да не редам, повторно МВР и ОЈО мора да имаат детални објаснувања за мотивите, средствата и можностите за стореното злосторство.

Понатаму, МВР мора да има сериозна внатрешна истрага, кој, како и зошто го штител Љупчо Палевски, кој има повеќе кривични пријави во Македонија и во Хрватска. Повеќе медиуми пишуваат дека Љупчо Палевски е удбашко-полициски проект, и тоа може да ја објасни неговата неказнивост. Луѓето што ја обезбедиле неговата неказнивост се овозможувачите на ова злосторство.

На крајот за Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, кој прес-конференцијата на која побара да не се политизира случајот ја претвори во партиски настан. Оливер Спасовски освен триумфалистичкото соопштување на пронаоѓањето на Љупчо Палевски и фалењето дека МВР ја завршило работата, одби да одговори или не знаеше одговори на повеќе прашања. Честитки на МВР за пронаоѓањето на Љупчо Палевски! За жал, тоа што пресот стана партиски настан го засени пронаоѓањето на Љупчо Палевски. Министерот Спасовски прво ги повика политичките партии да не прават поени на мртви души. Каков сарказам од него и неговата политичка партија СДСМ, која направи изборна кампања од сеење сомнеж во случајот „Смилковско Езеро“ и други случаи. Понатаму повика на дерегистрација на Десна, политичка партија на Љупчо Палевски. Тоа звучи популарно. Но во една демократија министерот за полиција е последен што треба да повикува на забрана на политичка партија. Тоа е работа на ОЈО и судот, или на Уставниот суд, и тоа за случаи на насилно уривање на Уставот, на територијалниот интегритет, на ширење омраза и на формирање паравоени структури. ОЈО и претходно можело да поведе постапка против Десна за поттикнување омраза, а сега може да работи на докажување на постоење на паравоени групи во Десна. Тоа е патот кон забрана, а не министер на полиција да повикува на тоа.

И најтипичното за оваа власт кога ќе се најде во тесно е повикување на странски влијанија, на кои се повика министерот Спасовски. Странските влијанија, читај руски влијанија, се редовни во бранењето на власта. Ако министерот Спасовски знаел и има докази за руските влијанија, зошто нема соодветни кривични пријави? Зошто впрочем нема кривични пријави и пресуди за такви незаконски руски влијанија во сите овие години. Доколку е точна тезата на министерот Спасовски дека Десна и Палевски се руски агенти, дали тоа што Палевски неколку години води жестока кампања против ВМРО-ДПМНЕ значи дека СДСМ и ДУИ имаат поддршка од Русија? Во истиот стил на министерот, дали тоа ги објаснува бизнис-релациите на СДСМ со Миодраг Давидовиќ-Дака, проруски олигарх, и Борче Марковски, конзул на Белорусија во Македонија.

Министерот Спасовски го нарече Љупчо Палевски монструм. Имам разбирање за јавноста, која по шокот разви атмосфера на линч. Но немам разбирање за министер за полиција, кој во трка по политички поени, за која обвинува други, ја гази претпоставката на невиност и поттикнува линч. Судот, а не полицијата, одлучува кој е виновен. И најголемиот монструм има право на одбрана, како што никој не ја оспори одбраната од адвокати за слични или пострашни злосторства. Министерот Спасовски со поттикнување на линч и барања за забрана на политичка партија гради можен случај за политички азил на Љупчо Палевски во Турција. Се надевам дека се минимални шансите за тоа, но министерот мора да дава изјави многу претпазливо знаејќи дека Љупчо Палевски има полициска заштита и еднаш има избегнато екстрадиција, а и ние како земја имаме историја на неекстрадирани лица.

И сето ова не е за стекнување на политички поени, туку жртвите, кога веќе не се спасени, да добијат правда!

Авторот е аналитичар* 

*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Француски документарен филм за конфискуваната колонијална уметност е победник на Берлиналето

Добитник на Златната мечка за најдобар филм на овогодинешното...

Дивата од модните писти слави 58 роденден: Се трудам да бидам добра

– Благодарна за уште еден сет роденденски свеќички –...

Големо невреме зафати делови од БиХ – училишта и болници останаа без покриви

Силно невреме придружено со силен ветер во текот на...

Димитриевски: ЗНАМ нема да поддржи избор на претседател во Собранието

Вакви барања секогаш доаѓаат во предизборен период, и наводно...