Научија ли нешто денешните фунционери од комитите и партизаните?

Колумна на Никола Тасев:

Помина уште еден празник. Ден на македонската револуционерна борба. Го прославивме ли како треба? Честитаа по некои од политичарите, претежно на фејсбук. Власта прати по некој заменик министер да однесат цвеќе на спомениците на некои од револуционерите. Се се чини како да се чекаше денот да заврши побрзо за министрите да тргнат во својата „револуционерна борба“ за Македонија. Но, научија ли денешните политичари, особено оние во власта, нешто од вистинските револуционери. Им даваат ли правец во раководењето со државата, нивните дела, патриотизмот и посветеноста кон Македонија и одбраната на националниот идентитет?

И Премиерот честиташе преку социјалните мрежи, но слушна ли тој дека на 30 Октомври во Благоевград ќе се отвара Македонски културен клуб? Тамошниот градоначалник дал дозвола за негово отворање. Ковачевски досега можеше да ја поздрави иницијативата на Македонците во Бугарија и да најави како македонската влада ќе ја даде својата поддршка, па и да каже кој ќе биде во официјалната делегација што ќе присуствува на свечениот чин? Како што бугарската делагација ја предводеше потпретседателката Јотова при отворањето на нивниот Клуб во Битола. Еве, ако премиерот е зафатен со бркање инвеститори по Блискиот Исток, а министерот Османи со создавање пријатели по светот, делегацијата на Македонија може да ја предводи вицепремиерот Маричиќ. И така се шутка на неважни настани и пробува да ја „оправи” ЕУ, барем нешто важно нека направи. Башка што во Благоевград има добра скара.

Или на Премиерот и на останатите од власта пак ќе им требаат неколку дена да ја „сварат” оваа информација, како што беше и со веста од минатата недела кога Советот на Благоевград првично донесе Декларација со забрана за отворање на Клубот. Се мислеа неколку дена, па на крај преку МНР напишаа млако соопштение каде што кажаа дека тоа „не е добро за добрососедските односи.”

Вака ли се трткаа и македонските револуционери чии дела вчера ги празнувавме?

Ако власта одлучи да го „преспие” отворањето на Клубот во Благоевград, уште еднаш ќе покаже дека не се грижи за својот народ во соседните држави. Ќе покаже и дека повторно ја лаже јавноста околу Договорот со Бугарија и т.н. реципроцитет во него. Та нели и Премиерот најави дека наскоро ќе се отвори Македонски културен центар во Бугарија – токму во Благоевград. Еве го Клубот – ќе се отвара! Се откажува ли Владата од таа идеја? Или воопшто немала намера да го направи тоа?

Или нашите од власта вака го сфаќаат реципроцитетот во односите. Бугарите во македонскиот устав, ама Македонците не смеат ни да постојат во Бугарија. Бугарите да отвораат нивни клубови кај нас со сите почести и со официјални гости, а нашите клубови во Бугарија скришум и ингонито, игнорирани и од матичната држава. Само за да не ги налутиме соседите.

Вака ли правеа Гоце Делчев, Даме Груев, Генералот Апостолски, Ченто…?

Ќе се правдаат можеби дека тоа би било мешање во внатрешните работи на друга држава. Не е точно! Па, не им се мешаме на Бугарите при избор на министри, при креирање на даночна политика или формирање на цена на енергенси, туку едноставно Македонија (како и секоја друга држава) има право и обврска да се грижи за својот народ – малцинство во соседна држава. Тоа е основно човеково право, гарантирано и јасно декларирано и во сите документи на ОБСЕ. Затоа што прашањата поврзани со национални малцинства, како и придржувањето кон меѓународните обврски и ангажмани за нивните права се од легитимен меѓународен интерес и грижа и не претставуваат исклучиво внатрешна работа на државите.

Зарем тоа што цела Европа е заинтересирана за руско – украинската војна е мешање во внатрешните работи на тие држави. Македонската влада прилично е грлата кога се работи за правата на Украинците, но молчи за правата на Македонците. И не само за нашето малцинство во Бугарија, туку и во Албанија.

Пак ќе прашам: научија ли денешните функционери од делата на комитите и партизаните како се брани македонскиот идентитет?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ