Огромна грешка е што во Македонија има систематско уништување на патриотизмот

Спокој, среденост, функционалност, предвидливост, организираност, задоволни луѓе – тоа на сите ни недостига во Македонија. Би одзела криминал, корупција, неправда, нереализирани и неспособни луѓе на функции, вели Андовска

Познатата македонска композиторка, пијанистка и универзитетска професорка, Дарија Андовска, опоменува дека во земјава има отсуство на визија и долгорочна стратегија…

 Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

Сонце што знае да пече и гали, мирис на мајчина душица, охридски цреши, зрела лубеница, свеж сочен домат, беровско сирење, тетовско гравче, ресенски јаболка, насмеани непознати луѓе, кои го отвораат својот дом и те честат кафе и слатко од смокви, солидарност, кроткост, љубезност, ајвар во септември, недопрена природа, неистражени археолошки богатства, звук на кавал, песна при радост и при тага, детство, пријатели, соништа, борба и издржливост.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30  години?

Отсуство на визија и долгорочна стратегија. Ова јасно е видливо и се рефлектира во внатрешните случувања и превривања, како и во надворешната политика, а дозволува учество на корумпирани луѓе во власта и политиката, кои се таму не е поради подобрување на општата состојба и развојот на Македонија, туку поради лични, краткорочни и лукративни интереси.

Систематско уништување на патриотизмот. Омаловажување на чувството на припадност на една нација – македонската нација, систематско поткопување на патриотските чувства, кои не пречат при развојот, туку напротив – ги поттикнуваат луѓето да го дадат најдоброто од себе за својата татковина. Ова особено е наметнато од т.н. интелектуална и урбана елита, која дури и спортската радост ја гледа со презир. Не знам и не разбирам зошто е тоа така, но, според мене тоа е огромна грешка.

Уставот. Принципот на кој е тој првично конципиран и неговиот третман понатаму  дозволи политички партии со етнички предзнак кои доведоа до етнички трибализам, наместо граѓанско општество базирано на меритократија, каде навистина сите би биле еднакви.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

Не знам што е доволно. Отсекогаш во се’ го давам својот максимум. Колку тоа наишло на соодветен прием во Македонија – веројатно недоволно, оти не може човек на сила да даде, може само да земе. Доколку ми се укаже можност, многу повеќе имам и можам да дадам. До тогаш совесно, ревносно и чесно ќе си ја работам својата работа и достојно ќе ја претставувам Македонија во светот.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Со непокорот, врутокот таленти, природниот раскош, богатата и долга историја.

Во каква Македонија сакате да живеете?

Свесна, совесна и зелена Македонија, со чист воздух, реки, езера, без отпадоци по улици, со хуман третман кон сите живи суштества, Македонија каде има лек за сите болести, Македонија во која селата се живи и активни, земјоделците задоволни, храната здрава, болниците опремени, образованието темелно, инфраструктурата оптимизирана, уметноста, културата, науката и спортот на пиедестал. Македонија која го почитува своето, го чува и го негува. Македонија која се почитува себе

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

Спокој, среденост, функционалност, предвидливост, организираност, задоволни луѓе – тоа на сите ни недостига. Би одзела криминал, корупција, неправда, нереализирани и неспособни луѓе на функции.

МAКЕДОНИЈА ЈА ПРЕТВОРИЈА ВО КОРУПТИВНО МАФИЈАШКО ДУВЛО

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

Обратно се поставени работите тука, криво се насадени. Власта треба да биде слуга на народот – власта е бирана од народот, платена од парите на народот, треба и мора да работи за доброто на тој народ. Нема што власта да дава на државата, власта ги респределува ресурсите согласно потребите, а народот е државата и суверенот. Власта треба да го слуша народот и мудро да ја води државата. Но тоа е сепак во здрава држава, а не во ова корумпирано мафијашко дувло во кое ја претворија Македонија.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Коралес ја „спушти“ ролетната – Веспрем со лекција за ПИК Сегед

Ракометарите на Веспрем славеа на првиот осминафинален дуел...

Поповски меѓу најдобрите, Цирих ја доби првата битка со Сент Гален

Екипата на Амичитија Цирих, во која настапува Мартин...

Дукоска оперирана, под знак прашалник настапот на СП

Ракометарката на Чаир, Теодора Дукоска, е успешно оперирана...

Фабрегас, Халгримсон и Фернандез ја засилуваат Барса!?

Според информациите на „Totcosta“ каталонскиот гигант Барселона планира...