- Нема формула за брзо збогатување што функционира долгорочно. Она што навистина функционира е нешто многу помалку атрактивно, но многу посигурно. Тоа се финансиска писменост, дисциплина, штедење и паметно инвестирање
- Во Македонија финансиската писменост сè уште е на незадоволително ниво. Голем број граѓани не ја разбираат основната разлика меѓу штедење и инвестирање, ниту пак ја користат моќта на сложената камата. Наместо тоа, доминира културата „од денес за утре“, каде што ризикот се потценува, а брзата добивка се преценува. И ова не е само индивидуален проблем. Ова е национално прашање. Држава не може да биде економски силна ако нејзините граѓани се финансиски неписмени
Во време кога светската економија се соочува со сериозни предизвици, пораките што доаѓаат од врвот на Соединетите Американски Држави не се однесуваат само на една нација. Предупредувањето на американскиот министер за финансии Скот Бесент за „замките на лесната заработка“ треба силно да одекне и во Македонија.
Лотарија, брзи кредити, криптошпекулации итн., на прв поглед ветуваат брз излез од финансиските проблеми. Во реалноста, тие најчесто се пат кон уште подлабока несигурност. Ова не е само американски проблем. И македонските граѓани сè почесто паѓаат во истиот маѓепсан круг. Надеж за брза добивка, проследена со разочарување, долгови и изгубена доверба во системот.
Суштината на пораката е едноставна, но моќна. Нема краток пат до финансиска стабилност. Нема формула за брзо збогатување што функционира долгорочно. Она што навистина функционира е нешто многу помалку атрактивно, но многу посигурно. Тоа се финансиска писменост, дисциплина, штедење и паметно инвестирање.
Во Македонија финансиската писменост сè уште е на незадоволително ниво. Голем број граѓани не ја разбираат основната разлика меѓу штедење и инвестирање, ниту пак ја користат моќта на сложената камата. Наместо тоа, доминира културата „денес за утре“, каде што ризикот се потценува, а брзата добивка се преценува.
И ова не е само индивидуален проблем – ова е национално прашање.
Држава не може да биде економски силна ако нејзините граѓани се финансиски неписмени. Не може да има стабилен раст ако домаќинствата живеат од кредит до кредит. Не може да има доверба во економијата ако граѓаните постојано бараат „среќа“ наместо стратегија.
Затоа, ако сакаме силна и богата Македонија, мора да почнеме од основата – образованието.
Финансиската писменост треба да стане составен дел од образовниот систем. Децата треба да учат што значи штедење уште од најмала возраст. Младите треба да разберат како функционираат каматите, инвестициите и ризикот. Возрасните треба да се охрабрат да донесуваат информирани финансиски одлуки наместо да се потпираат на среќа.
Пораката на американскиот министер за финансии Скот Бесент треба да одекне силно на само во САД туку и кај нас. И да генерализираме многу јасно: Да не играме „на среќа“ со својата иднина.
Секој денар вложен паметно е чекор кон стабилност. Секој денар потрошен во потрага по „лесна заработка“ е чекор назад.
Време е да престанеме да сонуваме за брзи пари и да почнеме да градиме вистинско богатство, почнувајќи од образованието на најмладите, преку самообразовањето, до целоживотното образование! Само така ќе изградиме силна и стабилна нација. И држава!
Авторот е бизнисмен во Германија и инвеститор во Македонија
Доне Прентоски