Постилинденска, подземна – Нова Македонија

Ова веќе навистина почнува да наликува на колумнистички серијал за Илинден: почнав со предилинденска, па илинденска, а сега и трета во која она што останало неискажано бара изблик. Како стерната на Конески, и јас се обидов мојата да ја затнам со бубаќ, со партали, со камења и карпи – за да крепи, за да крепи. Да не пушти крик, да не покаже што сè се беше насобрало, а да не сум ни знаела. Но на патот кон Крушево скршнав кон Смилево. Верувале или не, за првпат во животот. Го видов тоа славно село за кое само сум учела на часовите по историја, но не сум ни знаела колку е прекрасно, па и колку наликува на мојот Галичник и дебарската околија (од каде е семето на Ванковци). Не бев знаела ни дека Даме бил со мијачки корени; ете, и тоа сме го споделувале, а од семејните приказни јас само знаев дека мојата прабаба Билка била комита. Којзнае, на какви начини им се вкрстувале борбените патеки. Нејсе!
Стигнав таму пред Илинден, токму пред редицата политичари и „аскер“ што се грижи за нивната безбедност. Едвај и да имаше некого, па без сведоци и церемонии се поклонив на неговата костурница, пред неговиот споменик, но стерната ме победи среде Музејот на Смилевскиот конгрес, пред експонатите што го оживеаја тоа време и ги урнаа сите брани. Јас, која низ годините сум оддавала почит и пред Гоце и пред Јане и пред Карев и Питу, за партизаните и да не зборувам – неочекувано бев совладана од бран на таква неопислива тага, која мораше да се прелее и да се искаже само низ липање. Не знам… Можеби беше само миг на слабост, можеби дошло време да се олеснам и на таков начин. Плачев како во „тешкото“: во градите жал лута ме стисна, во очите ми навре река и ми дојде да плачам ко дете, па превив раце и прекрив лик. Не можев веќе да гризам усни и стегам срце клето – туку, пуштив вик. Никој не го слушна, освен оној до мене, кој ме разбра и самиот криејќи ги солзите за дедовците илинденци и за таткото партизан.
Се исплакав прашувајќи се: како е можно!? Како сме дозволиле да ни се случува сето ова? Какви џуџиња по џинови! Зарем по таа саможртва да станеме полоши од смачкано семе, да нè плашат со ова и она, да мислиме дека „тешкото“ е некое апстрактно минато од кое е родена македонската држава – и дека сега е време за т.н. чествување, за ритуали и говоранции. Дека главната работа е завршена, па сега треба само со празни зборови да лицитираме за трет, четврти, можеби и петти Илинден – а сепак, да не мрднуваме со прст, чекајќи нештата сами да се средат со некакви устави, под некакви уцени, со секакви будалаштини и со кловнови. Притоа дозволуваме некадарници, злобници, одродени и продадени души да ни го толкуваат Илинден, оној првиот, исконскиот. Сфаќаме ли ние дека од Илинден направија контејнер што го полнат со содржини какви што ним им одговараат? Тоа е теророт на живите врз мртвите, тоа е таа ароганција на Тачиња и Таљовци, кои си го земаат правото да зборуваат не само во наше туку и во нивно име (и име на нивните господари). Тие и такви, опкружени со обезбедување, подалеку од народ, да зборуваат за вредностите на оние великани на кои не сме им достојни и на кои ни колената не сме им стигнале.
Со недокрај засушени солзи стигнав во предилинденско Крушево, за да бидам она што сум – професор и научник што ќе презентира научен труд за Илинден и идејата на државата (во смисла на Копенхашката школа на безбедносни студии и на нејзиниот основач Бари Бузан). Но аберот за настанот веќе ме престигнал и опишал (заедно со другите учесници) како „тетка“, и тоа „од некои други факултети“ што се „меша во манџата“ (со други зборови, нема врска). Оцената ја дава еден т.н. политички аналитичар што „кисне“ во ТВ-студија и дебатира во својство на „политиколог“, а само господ знае што навистина работи. Сосема небитно, но индикативно за тоа со каков подбив секој незнајко оценува кој може, а кој не може да зборува компетентно за Илинден.

Многу позначаен е феноменот на конференцијата: организирана „на мускули“ и со многу добра волја и ум собран на едно место, а одржана речиси инкогнито. Местото на настанот не е скап хотел, туку старото училиште на Крушево: прекрасна зграда, реновирана како што доликува. Идејното решение на брилијантниот Ласко, кој го подари својот труд, зборува само по себе: јунакот од Мечкин Камен ги дигнал високо 120-те години, како распукани карпи. Симболично звучи да се каже дека настанот беше организиран од Матицата на иселениците од Македонија. Како што обично бива, по поздравните и свечени говори и неколку изјави за „сите два“ медиуми што се појавија (другите ја презедоа информацијата), останавме сами, ние колегите што требаше да си ги „прераскажеме“ трудовите што веќе беа отпечатени во зборникот. Некој ја беше споредил конференцијата со „подземна република“, јас ја нареков субверзивна, бидејќи ниту државата ниту академската заедница и универзитетите (слично како и лани за јубилејот на Гоце) не покажаа ниту желба да поддржат или да одржат таков настан, ниту да слушнат што имаат професорите да кажат за 120 години Илинден. За среќа, настанот го снимавме и го пренесувавме, а за уште поголема среќа печатениот збор нема да може да се избрише.
Некои колеги излегуваа на бината за да презентираат на проектор дел од своите наоди и тези, други со кратки текстови/извадоци. Јас, пак, се мислев дали да си земам марамче, плашејќи се стерната, проклетата, пак да не ме совлада. На 64 години, наука заради наука не ми е потребна, ниту трудови за т.н. си-ви. Науката стана бесмислена откако дел од научниците направија предавство (на својата, историската наука, па и сродните дисциплини), ставајќи се во функција на политиката, и тоа меѓудржавната. Се постави прашањето дали научната реч и емоциите (или, умот и срцето) одат заедно. Владее премолчан консензус дека науката е/треба да биде „оперирана“ од емоции, дека емоциите се по дефиниција лоша работа и ја девалвираат „чистата наука“. Јас не мислам така, следејќи ги мислата и делото на еден друг брилијантен историчар (Хауард Зин), но и на таткото на мировните студии Јохан Галтунг, кој отсекогаш зборуваше дека во мировните студии е императив да се спои срцето (емпатијата, хуманизмот, потрагата по човечко достоинство) со разумот, аргументите и доказите.
Нема потреба да зборувам на кое дереџе ни е науката, но со инсистирањето за нејзина божемна неутралност и објективност, академската фела е зомбифицирана! Замолчена, пасивизирана и (само)цензурирана. Во ред е ако работите за историска комисија и измислувате дрвено железо, па уште го филувате со европски идеолошки мантри, но ако ви капне солза (од мака или тага) за руината од држава во која славиме јуначка епопеја – тоа е ненаучно и недостојно. Простете, ама науката не може да се оддели од човечката суштина и од сите вредности и доблести. Тоа го мислам особено за општествените науки, кои мораат да бидат во функција на практиката (спој на теорија и пракса, или обратно) и да бидат „активистички“, факторизирани, во служба на општеството и да бидат неговата вертикала. Но не е поинаку ни за „вистинските науки“, т.е. природните, техничките, информатичките и сл. (Патем, се подготвувам да го гледам филмот „Опенхајмер“ (за кој сум убедена дека оваа морална дилема ја подигнува на повисоко ниво во време кога нуклеарната закана е реалност).

Туку, да се вратам јас на земја, на Крушево и Илинден – а во пресрет на една друга прослава за која државата (повторно) издвои 100 илјади евра, онаа за рамковниот договор. Во учебниците по историја веќе постои блага тенденција 2001 да се изедначи со Илинден (битка за социјална правда и човекови права против репресивен систем и сè во тој стил). Овој Илинден беше во знакот не само на делбите туку и на полициската палка и „строгоќа“. И крушевчани и сите други не паметат толку полиција во тоа мало гратче, толку легитимирања, проверки, подвикнувања и страв од народ. Прославата на рамковниот договор, претпоставувам дека ќе си остане партиска забава платена со народни пари (и платена за настан што треба да се оплакува, а не да се слави, настан за кој дури нема ни спомен-обележје на оние чии коски уште не знаеме каде „исчезнаа“). Но нешто ми кажува дека полициска „заштита“ нема да има колку на Крушево и другите илинденски места и обележја.
Мојата стерна (повторно) ќе ја затнам со бубаќ, со партали, со камења и карпи. Не знам до кога ќе баботи оздола. Но прашањето останува отворено: што е со другите? Зошто и како успеале толку добро да ги затнат своите стерни? До кога? До кога вака?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ваљадолид се збогува со Дарко Димитриевски

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во новата сезона ќе...

Хрватска со нов селектор против Македонија на ЕП

Младинската репрезентација на Хрватска ќе има нов селектор...