СЕДМЕРЕЦ: Ем традиција, ем убава најава

Четири силни меѓународни турнири неколку години по ред го одбележуваат македонското ракометно лето како најава за новата сезона

1.Турнирско загревање

Не ретко токму од „Женска плажа“ на отворено почнувале многу клупски подеми и падови, смени и проекти. Струшкиот турнир како прво излегување на мегдан, било и останува и една своевидна најава за тоа каков ќе биде односот на силите во претстојната сезона.

Турнирот со повеќе од половина век традиција, во последниве десетина години е и прва претсезонска пресметка на главните претенденти за титулата во Македонија, некогаш меѓу Металург и Вардар, потоа меѓу Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, сега меѓу Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид… Не ретко и титулата од Струга се врбојува во „официјалните“ . Она, кога ќе се сумира сезоната, па ќе добиеш одговор:  „Па, го освоивме турнирот во Струга и ја/ не ја освоивме шампионската титула…или Купот“

Некогаш дождот знае да ја поремети програмата, но струшкиот турнир низ годините успева да му одолее на времето и да ја задржи својата автентичност. Без разлика дали се лизгал теренот или од некоја страна дувал ветрот – како Струга нема друга! Настапот на струшкиот турнир останува посебно искуство, а трофејот престижен за да се освои.

Струшкиот турнир е најстариот, но не и единствениот како летно загревање пред стартот на новата сезона.

По Струга, доаѓа Охрид. Од лани е востановен меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, организиран во чест на долгогодишниот тренер и ракометен работник и на традицијата што ја продолжува најракометното охридско семејство со трета генерација ракометари. За две години, Охрид во август веќе стана и привлечна ракометна дестинација, за домашните, но и за реномирани странски екипи.

Во Прилеп претсезонски се одржува меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Уште едно натпреварување со кое се оддава почит на луѓето и се негува традицијата на ракометот во Прилеп. И уште еден турнир кој носи меѓународен предзнак и од година во година станува се поквалитетна претсезнонска проверка.

„Ѓорче Куп“ во Скопје е единствен во женска конкуренција од четирите летни претсезонски турнири што се одржуваат во Македонија. Таму од каде што потекна првиот македонски клупски европски шампион Кометал Ѓорче Петров и многу познати македонски ракометни имиња, сега новиот макеоднски шампион ЖРК Ѓорче Петров ја продолжува „лозата“, а турнирот заживеа со тенденција да ја сочува традицијата на македонскиот женски ракомет.

Убава насока и четири силни меѓународни турнири кои неколку години по ред го одбележуваат македонското ракометно лето како најава за новата сезона.

2.Враќањето на Вардар

Вардар го освои пехарот во Струга, Еурофарм Пелистер направи сефте како шампион во Охрид. Вардарци по едногодишна пауза поради ланската суспензија од ЕХФ се вратија на европската сцена. Но, не во Лигата на шампионите каде што застанаа, туку во августовски квалификации за Европската лига, ранг во кој падна Вардар по падот на третото место во домашниот шампионат.

Новата раководна структура, вардаровите легенди во нови улоги, летното екипирање играчки, кадровски и финансиски и настапот во Струга потврдија дека Вардар со упорноста како заштитен знак влегува и во овој нов предизвик.

Делумно, во одредени сегменти, се потврди тоа и во првата пресметка со германскиот Рајн Некар Левен. Во другите сегменти пак дојде до израз реалноста и моменталниот однос на силите. Вардар ја извлече можеби и најтешката од сите можни опции што уште по ждрепката ги сведе на теорија шансите на вардарци за евентуаелн пласман во групната фаза од второто по ранг европско натпреварување. Во дуелот во „Јане Сандански“, за Вардар прв европски по подолго време, само се потврди тоа што се знаеше. Вардар достојно парираше во првото полувреме, но тешко можеше до крај да се носи со бундеслигашките „лавови“ кои од Скопје си заминаа со комотни девет гола разлика и практично, веќе завршена работа. На Вардар му останува достојно да го доигра реваншот во Германија и потоа да се фокусира на домашната работа. Првата контролна пред новата суперлигашка сеозна ќе биде дуелот на стариот со новиот шампион во македонскиот Супер Куп. И За Вардар и за Еурофарм Пелистер можност да видат до каде се.

3.Шампионско сефте за битолчани

Еурофарм Пелистер во првата проверка летово настапи на реномираниот Турнир на шампионите во Добој. Како шампион дебитант, битолскиот тим во Добој многу не се прослави, но во вториот настап од Охрид го донесе победничкиот пехар. Што е за право, Еурофарм Пелистер и во Охрид одигра „топло-ладно“, но тамам дозирано да стигнат до пехарот.

Ќе има тандемот Јовиќ – Шундовски уште многу што да дотера во играта пред да истрча битолскиот тим меѓу елитата во Лигата на шампионите. И пред да почне одбраната на титулата на домашна сцена.

Битно, работите одат на подобро. И за почеток и тајм-аутите во Еурофарм Пелистер сега се на македонски, барем оние во Охрид. Па ете, се разбраа и титула освоија.

Ако може Јапонецот од Вардар да прозбори на македонски, ќе се разберат и овие што се дојдени во Битола.

 

 



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

СП младинки: Познати се осум учесници во главната фаза

Денеска на Светското првенство во Македонија беа одиграни...

Трикратниот освојувач на ЛШ ќе игра и на 37 години

Поранешниот репрезентативец на Германија, Тобијас Рајхман, ова лето...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...