Северна Македонија е мртва, да живее Македонија!

За Македонците, културен геноцид се сите документи во кои не научно, туку со политички притисок, се бара од нив самите да се откажат од македонството, од своите македонски корени, да се откажеме самите од себеси, од Македонците во Пирин и во Егеј, да се откажеме од македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постои илјадници години и продолжува да постои и денес, во Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците

Денешниов текст ќе го почнам, парафразирајќи го Џим Морисон: „Ова е крајот“ Македонци, „Ова е крајот, мој единствен пријателе, крајот / На нашите разработени планови, крајот / На сѐ што исправено стои…“ – почетни стихови од песната „Крајот“ (The End), но и од почетната сцена на филмот „Апокалипса денес“ (Apocalypse Now). Соочени со сегашната македонска апокалипса и со фактот дека Македонија не можеше да стигне подолу од таму каде што денес се наоѓа: бескрупулозно дивеење и грандиозен башибозук, мислам дека не ни преостанува ништо друго освен да извикаме: „Северна Македонија е мртва, да живее Македонија!“, а притоа да се потсетиме на веќе антологиските стихови: „Негде ќе те премолчат / негде ќе те сокријат / гроб со гроба ќе покријат / Само ти си бесмртна, жива вода подземна / Кај што тонеш ти извираш“.
Како понатаму? Пред 140 години почина Карл Маркс – еден од авторите на: „Пролетери од сите земји, обединете се“. Иако можеби звучи излитено, сепак се чини дека зборовите: „Македонци од сите политички провениенции: леви, десни или во центарот, од сите земји, обединете се!“, денес, нам ни се насушно потребни повеќе од кога било: обединувањето ни е потребно за да опстои Македонија, за да се крене од пепелта на беззаконието и за да оживее. Македонија веќе се доживува како разнебитена, опустошена, доведена до дното на сите дна држава, додека, пак, македонските владејачки елити немо ги поддржуваат катадневните зулуми, се плашат и да го изустат зборот „Македонија“ – тоа го прават нечујно, на приватни забави, порачуваат дека младите се малцинство и не прават разлика меѓу мултиетничко општество и мултиетничка држава. Граѓаните на Македонија си заминуваат не толку од економски причини, туку повеќе поради недостигот od владеење на правото и продукцијата на изобилство од лукративни владејачки подлизурковци. Ние треба самите да ја доведеме Македонија во ред – никој однадвор нема да ни помогне ниту денес ниту утре, дури ниту тогаш, кога во некоја, најверојатно, далечна иднина, Македонија ќе стане (!?) полноправна ЕУ-членка.

Европа – утопискиот идеал за светот, особено пред Првата светска војна – место каде што „секој граѓанин станува наднационален, космополит, граѓанин на светот“, најдобро се пресликува во животот и делата на Евреите, кои, истовремено, идентификувајќи се со националниот идентитет на државата во која живеат, не го отфрлаат своето еврејско етничко потекло. Така, на пример, Хана Арент го сакаше својот посвоен американски идентитет, но никогаш не го избриша своето минато, за да измисли нова сегашност, па, оттука, нејзиниот еврејски идентитет е „неспорен факт“ што таа „никогаш немаше желба да го менува или отфрла“. Арент беше фасцинирана од концептот „отфрлен, непожелен“ што го опишува еврејското искуство во Европа, па затоа, во „Потеклото на тоталитаризмот“, таа напиша: „Евреите секогаш мораа да плаќаат со политичка беда за социјална слава и со социјална навреда за политички успех“. За Арент, да се биде „отфрлен, непожелен“, не беше инхерентно негативна позиција – во серијата есеи напишани во 1940-тите, таа се осврна на отфрлените и напуштени поети и писатели: Хајнрих Хајне, Рахел Варнхаген, Бернард Лазаре и Франц Кафка, нагласувајќи дека тие никогаш не избегале од еврејството, но, исто така, ја користеле својата различност „за да ги надминат границите на националноста и да ги вткаат нишките на нивниот еврејски гениј во општата текстура на европскиот живот“.
Зборовите „Израел“ и „Македонија“ често се среќаваат во Библијата. Државите Израел и Македонија се формирани приближно истовремено: Израел во 1948 година, додека, пак, Македонија се формира, прво, во 1943 година, како федеративна република во рамките на државата Југославија, а во 1991 година, Македонија – една од наследничките држави на поранешна Југославија, прогласува независност. На временската скала на која е проектирана историјата на човештвото или, пак, постоењето на космосот, годините 1948 и 1991 се блиски, скоро коинцидираат. До 1948 година и до 1991 година, еврејскиот и македонскиот идентитет за (повеќето) Евреи и Македонци, насекаде во светот, се „неспорен факт“ што „никогаш нема да се менува или да се отфрла“. За жал, по 1991 година, за Македонците сè се смени во еден ден, па така, на 17 јуни 2018 година Македонија умре: да се потсетиме дека, пред Договорот со Грција, за осумдесет проценти, или за околу шест милијарди жители на планетата Земја, вклучувајќи ги десетте најмногубројни држави во светот и трите суперсили: Кина, Русија и САД, ние бевме Македонци од Република Македонија.

За Македонците, културен геноцид се сите документи во кои не научно, туку со политички притисок, се бара од нив самите да се откажат од македонството, од своите македонски корени, да се откажеме самите од себеси, од Македонците во Пирин и во Егеј, да се откажеме од македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постои илјадници години и продолжува да постои и денес, во Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците.
Срцевината на проблемите во ЕУ е неуспехот на концептот „секој граѓанин станува наднационален, космополит, граѓанин на светот“. Тоа е и единствена причина за смртта на Македонија: граѓанскиот концепт на државата соочен со национализмот на соседите, особено на ЕУ-членките, придонесе, за што исклучиво се виновни (дел од) македонските политичари, Македонија да се откаже од Македонците. Дали има излез од оваа состојба? Да – овој мој позитивен пристап ќе го поткрепам повторно со стихови: „Тука најсилно со векови / Ѕвонат црквите македонски“, па затоа „Ѕвонете со камбаните кои сè уште можат да ѕвонат / Заборавете на вашата совршена понуда“, заборавете на лажната и недостоинствена ЕУ понуда – „Во сè има пукнатина / Така влегува светлината“… така за навек влегува светлината на македонството.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ИЗБЕРЕТЕ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – ЖЕНИ (АНКЕТА)

Втора сезона по ред редакцијата на 24Ракомет, единствениот...

ИЗБЕРИ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – МАЖИ (АНКЕТА)

Зад секој успех на тимот стојат и поединци...