Таневски
- Примерот со камионџиите од регионот е уште една илустрација за европската (не)ажурност. Додека тие блокираа гранични премини, Брисел соопштуваше дека ќе размислува. Наводно им требало повеќе време за да се имплементира решение возачите да не се третираат како туристи. Прашањето е колку време е потребно за да се признае дека професионален возач не оди во шенген на разгледување знаменитости. Итна уредба можеше да ја затвори темата за еден ден. Но тоа би значело брзина, а брзината не е европска институционална доблест. Во меѓувреме ќе има вакуум. Компаниите ќе трпат загуби, ќе се бараат нови возачи, кои ги нема, а некои од фирмите ќе ги селат седиштата во земји членки. Генијално решение, регионалната економија да се „интегрира“ преку иселување
Состојбата во која денес се наоѓа Европската Унија, маргинализирана и љубезно оттурната од главните геополитички маси, не е резултат на некаква зла светска конспирација, туку на сопствената способност навреме да не препознае ништо. Освен, можеби, формата на нови регулативи за пластични капачиња и за потребата од укинување на летното и зимското сметање на времето, кое во пракса никако да се имплементира.
Бриселските бирократи не само што не ги препознаваат предизвиците кога се појавуваат туку, како по правило, ги забележуваат дури откако ќе се претворат во пожари. И тогаш, наместо визија, добиваме противпожарен апарат со истечен рок. Па почнува импровизирано гаснење, бавно, со бесконечни координации, работни групи и стратегии за стратегиите. А додека тие координираат, светот одамна ја сменил агендата.
Тезата дека Унијата е нефункционална само поради немање внатрешни реформи е премногу удобна. Вистинскиот проблем е што неолибералните елити со години ја туркаат кон технократска самодоволност, убедени дека самото постоење е доволна гаранција за влијание. И додека тие пишуваат декларации за вредности, земјите членки сè почесто си ја бараат сопствената надворешна политика, паралелно и без да чекаат зелено светло од Брисел.
Во таква констелација, Македонија навистина нема многу простор за илузии. Лекцијата со „сменете го името, па ќе почнете преговори“ останува како школски пример за европска креативна интерпретација на ветувањата. Некои и понатаму веруваат дека ни треба европски „камшикар“ за да се реформираме. Но изгледа дека и самиот камшикар сè уште учи како да се справи со корупцијата во сопствениот двор, пред да им дели лекции на другите.
Особено е „доблесно“ што Унијата одбива да даде гаранции дека нема да има нови условувања по евентуалните уставни измени. Барем тука има искреност, свесна е дека нема контрола врз процесите што ги иницира, ниту сила да ги спречи новите блокади кога ќе се појават. Искреност од нужда.
Примерот со камионџиите од регионот е уште една илустрација за европската (не)ажурност. Додека тие блокираа гранични премини, Брисел соопштуваше дека ќе размислува. Наводно им требало повеќе време за да се имплементира решение возачите да не се третираат како туристи. Прашањето е колку време е потребно за да се признае дека професионален возач не оди во шенген на разгледување знаменитости. Итна уредба можеше да ја затвори темата за еден ден. Но тоа би значело брзина, а брзината не е европска институционална доблест.
Во меѓувреме ќе има вакуум. Компаниите ќе трпат загуби, ќе се бараат нови возачи, кои ги нема, а некои од фирмите ќе ги селат седиштата во земји членки. Генијално решение, регионалната економија да се „интегрира“ преку иселување.
Ако погледнеме пошироко, листата на задоцнети реакции е долга. Од немоќта да се спречи војната во поранешна Југославија во 1990-тите, преку толерирањето билатерални блокади и условувања, до неспособноста да се изгради единствена геополитичка стратегија денес. Дури и кога војната ѝ се случува на европско тло, Унијата дејствува како да чита извештаи за временска прогноза, со загрижен тон, но без чадор.
Неодамна, на Минхенската безбедносна конференција, германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека проширувањето кон Западен Балкан е „многу важно“, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Важно, но очигледно не и итно. А во европскиот речник, она што не е итно најчесто останува вечно во фаза на стратегија.
Со политиките што ги спроведува, Унијата повеќе оттурнува отколку што привлекува. Наместо да го заокружи процесот на проширување со храбар модел, па дури и со тоа т.н. „обратно проширување“, прво членство па мониторинг, таа повторно избира да чека. Да анализира. Да координира. И потоа, кога ќе стане предоцна, да гаси пожари.
Затоа денес Европската Унија не е урнекот по кој треба слепо да се водиме. Повеќе е пример како не треба, односно како не се управува со кризи, како не се гради доверба и како се губи политичка тежина со административна прецизност.
Секако, Европа останува наша географска и историска судбина. Но ако веќе одиме по тој пат, тогаш треба да се држиме до вистинските европски вредности, владеење на правото, почитување на идентитетот, доследност кон принципите. Зашто ако и самата Унија ги заборава Копенхашките критериуми кога ѝ е незгодно, тогаш прашањето не е дали ние сме подготвени за Европа, туку дали Европа е подготвена за сопствените стандарди.