ВМРО-ДПМНЕ меѓу надежите и реалноста

Изборите се зад нас, очекувањата пред нас. Поминува времето на отрезнување на победникот, почнува директниот судир на новата власт со реалноста. Допрва ќе се подоткрива тепихот, ќе се дознава какво изненадување чека зад аголот. ВМРО-ДПМНЕ ја доби мнозинската гласачка доверба од македонските граѓани, ја доби последната шанса да покаже дека има административен капацитет и кадри да биде одговорна, чесна, морална, принципиелна и транспарентна партија. По две неуспешни и компромитирани владеења, сега е трета среќа што би рекле луѓето. Ако биде упропастена уште една надеж, тогаш ќе нема веќе надеж за овој народ, за граѓаните на Република Македонија (сега Северна).
Не треба да се верува дека Христијан Мицкоски од предизборен идеалист ќе се претвори во неочекуван песимист откако ќе дојде на чело на владата, но и да се живее во илузии дека тој го има волшебното ѕвездесто стапче со кое ќе ги реши проблемите преку една непроспиена ноќ. Државата, македонската државна администрација, институциите во неа, сликовито може да се објаснат со еден слон што треба да се турка со голи раце за да се движи напред. Лавиринтите на администрацијата секогаш го надминувале капацитетот на владата, тивката администрација го добива тој бој. Таа слика е прилика од осамостојувањето наваму, не било поинаку ни во комунизмот – социјализмот со чии остатоци сѐ уште се хранат државните служби.
Очекувањата дека испегланата коалиција ВМРО и Вреди ќе понуди новитети на политичката сцена не значи дека тој хибрид веднаш ќе направи квантен скок и ќе ја однесе Македонија во нова епоха. Долгата нива не се ора со еден заор, тој прост земјоделски факт ѝ е познат и на вештачката интелигенција, која, кај и да, ќе зачука и на македонска врата. Утре задутре или Македонија ќе владее со неа или таа ќе владее со Македонија. Мицкоски како енергетичар е природно научно задолжен да ја носи државата кон тие ветувачки сфери на иднината, судирајќи се во меѓувреме и со најбаналните проблеми.
Новата власт нема да се цени по тоа колку ќе гони, туку по тоа колку ќе создава.
Почетниот идеализам ќе дојде во допир со суровиот грабеж на националното богатство, со области во кои нема ниту политика ниту право и правда, со луѓе склони само кон лични интереси на сметка на државните. Ако не се расчистат таквите „авгиеви штали“, ако им се подлегне на „огнените браќа“ од партијата, ако не им се скратат крилјата на партиските јастреби, ако се задоволуваат апетитите само на тие што се движат во кругот на коалицијата и пошироко, ако се стекнува впечатокот дека не е допрена мафијата од сите национални бои, тогаш нема да се види „ништо од бизнисот“ на Мицкоски.

Не е далеку денот кога Мицкоски, вршејќи си ја работата, ќе почне да ги добива пежоративните титули бирократ, технократ, диктатор. Иако претседателот на владата има ограничена власт, неговата функција е ограничена од независното законодавство и независното судство, така пишува во Уставот, ако тој игра некаква доследна функција. Оној што седи на тронот на владата не е семоќен, освен ако не сака да биде таков во позиција кога има комотно собраниско мнозинство, послушни министри и партиски додворувачи што нема да му соопштуваат лоши вести, поставеност што на крајот од мандатот скапо се наплатува.
Испитите што ќе ги полага новата власт не се малку и невкусно би било да се очекува да ѝ се пишуваат само десетки. Има многу лекции ненаучени, материи непознати, професори строги, непослушни и поткупливи, а и факултетите се од непробивлив армиран бетон. Нема сомнение дека преку универзитетската професорска кариера владиниот лидер ја знае техниката на полагањето, но и тоа не е сигурна гаранција дека ќе погодува „од прва“.
Новата влада ќе носи на грбот повеќе товари, при што не може да се направи разлика дали ќе бидат потешки тие што се товарат надвор од државата или оние што државата сама си ги товари преку своите ставови по меѓународни и домашни прашања. НАТО, Вашингтон и Брисел, главните градови на хибридна Северна Македонија, ќе го вршат надзорот врз политичките инвестиции, ќе трубат во трубите кога ќе затреба и ќе ги смируваат страстите кога ќе видат дека се претерува. Нивниот интерес е стратегиски – не сакаат да ја загубат Македонија, не сакаат да го загубат она што го добиле на тацна без скршен долар.
Ако со НАТО, со Америка и со Брисел Македонија граничи воздушно, нужно е државата да одржува солидни врски и со копнените гранични пријатели – Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Косово, едно гранично соседство што наместо да го здружува, го нагризува целиот Балкански Полуостров. Исти би требало да останат само односите со Русија, која по налог на НАТО е прогласена за опасен непријател на Република Северна Македонија.
Една од најголемите опасности по ВМРО-ДПМНЕ и новата владина коалиција се крие зад завесата што власта ќе нема силна опозиција, а во таков случај ќе нема и соодветна опозициска и општествена контрола. А уште од Библијата е познато дека човек е најслеп кога мисли дека е најсилен, дека тогаш ги прави најголемите грешки. Во таква психосостојба ВМРО-ДПМНЕ се нашла во неколку наврати и била силно треснувана од земја.

Социјалдемократскиот сојуз не е ниту рамноправен ниту достоен противник, ако мерило се изборните резултати. Прашање е кога партијата ќе оди на ремонт и што ќе менува – каросеријата и моторот или само прозорците и шофершајбната за да може да гледа пошироко за разлика од минатите шест-седум години. Авионот за нејзиниот лет кон Европа во тешки временски услови доживеа хаварија, атерираше скршен на половина.
ДУИ, славниот губитник на изборите дојде во фаза кога, сакал-нејќел, полека-полека ќе ги примирува своите националистички, материјалистички и кадровски страсти и конечно ќе влезе во гардероба да облече цивилна униформа, да го оправда името на Демократска унија за интеграција. Нејзините реакции ќе имаат постземјотресен афект, амплитудата ќе се намалува, сеизмографот ќе покажува смирување.
Што уште ѝ останува како задача на новата влада?
Ѝ останува уште од денот на формирањето, претседателот на таа влада (Христијан Мицкоски) да им подаде рака на поразените партнери и да ги покани на заедничка платформа за Македонија. Не на начин како на оние понижувачки и недостојни средби во Клубот на пратениците, ниту како оние од Пржино 1 и 2, кога власта на Македонија имаше улога на крпа.
Да ги викне лидерите (и лидерките) на вечера, па макар се гледале и попреку два-три часа. Или на заеднички некаков вид „молитвен појадок“, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Кога може Америка, зашто да не може Македонија.
Имајте, бре, малку почит кон граѓаните и кога не е период на избори!

[email protected]

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...

Колку заработија екипите што играа во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во изминатата сезона подели...

United in Isolation, Putin and Kim Keep the World Guessing About Their Sanction-Busting Plans

Nearly a quarter-century after his last visit to Pyongyang,...