За сите валкања на поимот манифест, некогаш и сега!

Васко Шутаров

Драги мои, па кој денес сè уште чита и се занимава со манифести?! Таман помисливме дека манифестите се само историја, а посветените и систематични составувачи и читатели на манифести „типичен продукт на 20 век“, кога пред нос некој ни ставил некој нов манифест и тоа во Летово Господово 2023!

Мал трактат за манифестите низ историјата

Манифестите низ историјата се типичен европски продукт на 20 век, иако и порано имало слични колективни соопштенија од политичка или верска природа кои биле објавувани во други формати: петиции, повелби, апели, декларации, како Декларацијата за независноста на САД, на пример! Политичките партии и движењата од минатиот век, биле првиот поголем поттикнувач за пишување манифести, а втората група манифести се врзуваат за уметноста и културата на 20 век. Ако денес го изгугламе поимот manifesto, ќе се појават преку 20 милиони клика, во најголем дел врзани за писмени прогласи до јавноста, од политичко, културно или некое друго движење, со одредена програмска содржина, сите редум врзани за случувања во 20 век.

Освен еден, Комунистичкиот манифест кој е производ на 19 век и кој не само што го преживеал, туку имал исклучително влијание врз целиот 20 век! Од овој манифест, потпишан во 1848 година од Маркс и Енгелс, произлегуваат бројни стандарди кои се карактеристични за сите други подоцна објавени манифести.

Првата карактеристика е дека манифестите се групни прогласи кои претставуваат некакво колективно „ние“ (организирано или не!) кое се обраќа на друга множина, која се обидува да ја придобие.

Втората поважна карактеристика, како резултанта на комунистичкиот и сите подоцнежни манифести е, дека нејзини автори, најчесто биле нови, полетни, млади, а веќе изградени интелектуалци, кои биле убедени дека нивните нови идеи и концепции ќе ги менуваат сите дотогаш важечки принципи, стандарди и вредности во општеството.

Третата важна карактеристика за скоро сите манифести е дека содржински и структурно, покрај критиката кон актуелните состојби, во што и биле најубедливи, имало секогаш обид да се предвиди или прорекне иднината! А во таа замка и неволја, упаѓале, повеќе или помалку сите пишани документи што се занимавале со пророштва за иднината, бидејќи за иднината, единствено е извесно, дека, она што ќе го направиме денес, може да предизвика последици утре кои не сме имале ни намера да ги провоцираме!

(Како што од пророштвото на Комунистичкиот манифест, дека ќе има сеопшта пролетерска револуција и бескласно општество, остана само едно непоправливо девијантно практицирање на општествена дифренцијација, едно од проклетствата и во нашата земја, заробена во поделбите на „ние“ и „тие“)

Четвртата карактеристика, која е потесно врзана за манифестите од 20 век е дека тие секогаш мора да носат нешто ултимативно ново, придружено со ултимативно расчистување со минатото. И тоа не се предрасуди поврзани со манифестите, туку се сè уште живи пишани факти, кои можат да се проверат и докажат!

Како на пример, сите манифести на футуризмот, од првата половина на минатиот век (1909-1944) и тоа не само во еден, туку во 323 на број, каде ултимативно се декларира новото во уметничка и поширока социо-културолошка конотација. Футуристичките манифести, објавувани во тогаш читани списанија или печатени на летоци и расфрлувани на вечерни перформанси, на почетокот носеле сосем прозаични наслови, како што се: Манифест за основање на футуризмот, Манифест за футуристичкото сликарство или Манифест за футуристичката музика, но подоцна се појавиле и наслови како: Манифест против старовремска Венеција, Манифест против љубовта и парламентаризмот, Футуристичкиот манифест на разблудноста, Уживаме да бидеме исвиркани! или Да ја убиеме светлината на месечината!

Денес, првата асоцијација на зборот манифест, се поврзува токму со футуристичките манифести издавани од групата уметници од кругот на познатиот Маринети, кои во критиката кон бесмисленоста на животот од почетоците на 20 век, барале нова смисла преку еден нов пристап во уметноста и во животот, кој морал да расчисти со сè што било старо и кој морал да биде безусловно нов и по секоја цена оригинален! Шокот и шлаканицата кон тогаш доминантниот граѓански морал и општествен вкус, провоцирале една нова, не само уметничка, туку и општествено-културолошка енергија, која на почетокот била само екстремна, но набргу станала и крајно деструктивна, како општествена енергија на посилните кои ги презирале послабите и понемоќните! Футуризмот, во слепата потрага по новото (и тоа по секоја цена!), добива националистички и милитантен контекст, славејќи ги и војните како единствената радикална обнова на светот и како неминовна „општествена хигиена“! Корифеите, главните автори и пишувачи на футуристичките манифести во Италија, не случајно, многу бргу потоа, станале високопоставени државни апаратчици во ешалоните на италијанскиот фашизам!

Футуристите промовирале и свој специфичен јазик во меѓусебната комуникација, во кој единствено време што го користеле бил инфинитивот -несвршено, неопределено и недефинирано време. Интересно е како футуристите го третирале театарот како медиум, кој бил истовремено и едно од најмоќните инструменти за пропаганда на нивните идеи! Преку манифестите за театарот и театарските перформанси, футуристите најлесно ги постигнувале своите цели. Во театарските футуристички претстави, драмските ликови доживувале голема трансформација и се сведувале само на марионети, симболи или амблеми, а главната цел им била публиката да биде предизвикана, актерите исвиркани и мавани со скапан зеленчук, што претставувало кулминација на футуристичкиот театар.

Колкав бил презирот на футуристите кон сè што било вредно во минатото,  најубаво може да се илустрира преку еден футуристички хепенинг, во кој од Саат кулата на плоштадот Свети Марко биле расфрлени 100.000 летоци врз насобраната толпа од љубопитни граѓани на Венеција. Содржината на тие летоци била крајно „антивенециска“ и непримерно подбивна, а во нив можело да се прочита: „Овој стар смрдлив град треба да биде уништен, а заедно со малите смрдливи канали да биде затрупан во урнатините од околните стари, лепрозни палати и да се подготви раѓањето на една нова Венеција, индустриска и воена сила, која ќе доминира над Јадранот – тоа големо езеро на Италијанците!”

Крајот на манифестите на футуризмот, се совпаѓа со крајот на фашизмот во Италија и смртта на нивниот идеен творец Маринети, иако многу други  слични уметнички концепции одживеале прилично долг век, од комунистичка Русија (со Мајаковски, на пример), преку Полска, па сè до Бразил.

Во втората половина од 20 век, манифести пишува секој кога стаса и кога посака, најчесто и надвор од појмовната рамка за она што манифестот по својата суштина треба да биде: „јавен проглас од принципи, мерки или намери, особено од политичка природа“. Како и сè останато, што може да се претвори во своја спротивност или сопствена карикатуралност и манифестите, кои некогаш се пишувале за да креираат промени и ново во иднината, станале само средство за себепромоција и инструмент за стекнување внимание или просто, замајување на јавноста!

Крајот на 20 век значи и крај за манифестите, то ест креатурите од манифести, како „Манифестот за доењето“, на пример, па за „новото колективно пешачење“, за дивото градинарство, за ридовите и одгледувањето добиток  или надвор од контекстите за колективното ние, лични животни манифести како на легендарната британска модна дизајнерка Вивиен Вествуд, некогашна икона на панк движењето. Во 21 век, улогата на некогашните манифести ја презедоа неизбежните мисии и визии кои се дел од личната карта на секоја и малку сериозна организација!

(И како тоа, како од некоја стара временска машина, во една таква хиперпродукција од мисии и визии, залутува по некој пишан манифест ,во новиов век, па уште баш во Македонија и баш со наслов: Манифест за ЕУ?!)

Мал потсетник за македонската историја на манифести

Додека Европа и светот, во почетоците на 20 век, преку креирање манифести барале освојување на нови слободи под диктатот на тогашната доминација на новите машини и сеприсутната индустрија, во Македонија имало потреба од еден друг тип манифести, оние класичните политички прогласи, кои сакале да креираат иднина за еден од последните европските народи кој не живеел во слобода. Во сите три македонски манифести, кои временски коинцидираат со хиперпродукцијата на манифестите од европскиот футуризам: Крушевскиот Манифест од 1903 година, Мајскиот од 1924 година и Манифестот на АСНОМ од 1944 година, се промовираат најдобрите и најпосакувани европски и светски принципи и вредности, засновани врз сопствената традиција и борба за слобода, врз толерантноста кон различното и добрососедското и врз негувањето соработка со слободарското и најпрогресивното во светот тогаш.

Дали немаше да останеме живи, ако и по нив не удревме: преку исфрлање на Манифестот на АСНОМ од Устав, преку карикатуралното славење на Крушевскиот Манифест од тврдината Кале (фалеа само 100.000 летоци пуштени од владините – футуристи, па да заборавиме на сè старо и сè грдо!), преку проблематизирањето и дозволувањето сопствените манифести да ни ги толкуваат и спорат, што соседи што странци?! И токму тие што ги направија сите сквернавења на најважните македонски манифести, ни нудат нов манифест, диктиран и напишан меѓу четири ѕида, со рака која воопшто не затреперува при пишувањето – оти таа рака и не го слуша гласот на народот и неговите вистински потреби?!

Да биде карикатуралноста комплетна, како со сите европски манифести од 20 век и последниот македонски Манифест за ЕУ е еманација на врвна карикатуралност! Најнапред, затоа што наместо млади и полетни,  интелектуално потковани и политичари со нови идеи за слобода и иднина, овој манифест го потпишуваат истрошени и крајно непопуларни ликови кои се пред конечно и неповратно заминување од македонската политичка сцена. Второ, колективното манифестно обраќање со „ние“ е апсолутно диспропорционално, ако се има предвид мнозинството од најмалку 80%, кон кое се обраќа и кое не ги одобрува нивните политики за промена на Уставот, што е единствена мотивација овој манифест, да го види светлото на денот! Третата карактеристика за секој манифест, дека во суштина е критика на актуелните состојби и проекција на иднината, е исто така доведена до својата сопствена негација, бидејќи нема трага, ни од критичност, ни од самокритичност! И четвртата карактеристика, а тоа е ултимативното инсистирање само на ново или како што „скромно“ велат: „само на еден чекор напред“, само ја покажува нивната истрошеност, некадарност и невештост да направат и еден единствен исчекор во усвојувањето на новото и заживувањето на вистинските европски вредности дома, кое за време на нивното владеење во ниту еден сегмент, за жал, не успеа!

И што е следно од манифестите кои креаираат само нови поделби и нови диференцијации („ако не сте со нас, вие сте против нас, но сега сте и против ЕУ и против НАТО! “)?! Манифест за љубовта кон сонцето,… Манифест за безусловноста на родителската љубов,… Манифест за децата кои сакаат слобода и иднина,…Манифест за возрасните кои сакаат добри пензии и долг и спокоен живот?! Или, само еден финален Манифест за конечно збогување со генерацијата политичари 2017-2023?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Андоновски со два гола во финишот му донесе голем бод на Трст

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...

Андоновски повторно најдобар – му донесе голем бод на Трст!

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...