Зајакнување на климатските заложби таму каде што е најпотребно

Со оглед на стремежот за воспоставување државни капацитети кои се потребни за да се постигнат нето нула емисии до 2050 година, земјите во развој мора да соработуваат со развојните партнери на осмислување иновативни механизми за финансирање. Новата иницијатива на Египет за климатско финансирање овозможува корисен модел, со кој се обезбедува продолжување на економскиот развој и истовремено забрзување на климатските активности. Јазот што постои помеѓу ресурсите што се потребни за постигнување нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година и ресурсите што се достапни во моментов изнесува трилиони долари и постојано се зголемува. Со оглед на тоа дека голем број економии во развој беа ослабени за време на пандемијата, неопходно е мобилизирање на јавниот и приватниот капитал за да се мобилизираат и забрзаат напорите за ублажување и адаптација.
Сепак, ова нешто бара од државите да подготват кредибилни планови што ќе се остваруваат на глобалните цели за одржливост, потоа тие самите да ги осмислат и имплементираат овие политики и да обезбедат дека трошоците и придобивките од таквите стратегии се распределени на правичен начин.
Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени што се одржа во Египет (КОП27), во ноември минатата година, наречена „имплементација на КОП“, ја постави основата за еден поправеден и посилен систем за климатско финансирање. „Водичот“ на конференцијата ја повика меѓународната заедница да спроведува трансформациска агенда што ги зема предвид националните приоритети на земјите во развој и која обезбедува правичен пристап до финансиските и техничките ресурси.
Во својата дефиниција за климатската правда, водичот вклучуваше „праведен пристап до квалитетно и квантитативно климатско финансирање“, кој ја зема предвид „историската одговорност за климатските промени“ и кој „поддржува отпорни развојни патишта, не заборавајќи го притоа никого“.

Имајќи го предвид ова, за време на КОП27, Египет ја почна својата инвестициска програма наречена „Нексус од вода, храна и енергетика“, со што овозможи практичен и репликативен модел со кој се обезбедува праведна нето нула транзиција преку концептот на NWFE за „платформи на државите“. Овие платформи имаат цел да им помогнат на земјите да изградат државни капацитети и да ја нагласат важноста од дејствувањето на земјите во развој (или „сопственост“ т.е. „носител“).
NWFE (се чита „нуафиај“, што на арапски значи „исполнување на ветувањата“) се надоврзува на обврските што ги има Египет според Парискиот климатски договор од 2015 година и има цел да привлече финансиска поддршка за развојната агенда на земјата, истовремено забрзувајќи ја климатската акција. Некои од засегнатите страни се мултилатерални развојни банки (МДБ), како што се Европската банка за обнова и развој, Африканската банка за развој, Европската инвестициска банка и Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата. Платформата NWFE интегрира неколку проекти со висок приоритет, кои се однесуваат на вода, храна и енергетика. Сите тие се избрани од владата на Египет и се во вкупна вредност од 14,7 милијарди долари. Проектите имаат цел да ги заменат постојните неефикасни термоцентрали со обновлива енергија; потоа подобрување на адаптацијата на малите земјоделци кон климатските ризици; осовременување на земјоделските практики за да се зголеми ефикасноста на наводнувањето и да се зголемат приносите на земјоделските култури; зајакнување на отпорноста на ранливите региони; градење капацитет за десалинација на водата; и воспоставување системи за рано предупредување.
Преку користење иновативни механизми за финансирање, а за мобилизирање јавни средства, техничка помош и приватни инвестиции, државата Египет се обидува да ги искористи своите партнерства со мултилатералните развојни банки и со другите засегнати страни што се вклучени во развојот за да ја забрза својата климатска агенда. Тоа ќе ја поддржи зелената транзиција на земјата и ќе покаже дека климатските активности и економскиот развој меѓусебно не се исклучуваат.
Египет исто така може да се потпре на овие партнерства за постепено да ги елиминира „кафеавата“ нафта, гасот и минералните средства. На пример, делумната концесиска финансиска поддршка од Соединетите Американски Држави ќе ѝ овозможи на земјата да направи преквалификација (или да ги пензионира) работниците од секторот фосилни горива.

Сепак, најиновативен инструмент би можела да биде замената (swaps) на долг-за-клима, што со други зборови значи дека Египет добива делумно олеснување на долгот од страна на, да речеме, Германија, во замена за обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови. Овие типови финансиски инструменти што се поврзани со ефектот во работењето би можеле на голем број земји во развој и во подем да им отворат можности да го намалат товарот на долгови или за возврат на тоа да добијат финансиски средства со ниски трошоци. Поврзувајќи ја развојната помош со напредокот кон заедничката глобална цел, ваквите замени може да се покажат како значајни фактори во ублажувањето на најлошите влијанија од климатските промени.
Како што е наведено во извештајот на групата на Г20 составена од еминентни лица за глобално финансиско управување од 2018 година, колективната активност преку државни платформи има моќ да ги „отклучи“ јавните и приватните инвестиции за да може да се постигне одржлив развој, кој истовремено ќе биде и климатски отпорен. Ваквите инвестициски платформи можат да имаат различни форми. На пример, Партнерствата за праведна енергетска транзиција (JETPs), кои за првпат беа формирани за време на КОП26 во Шкотска во 2021 година, имаат цел да го насочат приватниот капитал кон остварување на целите за декарбонизација во енергетскиот сектор.
Откако беше почнато во Јужна Африка, дополнителни вакви JETP-партнерства беа основани и во Индонезија, Индија, Виетнам и Сенегал.
Египетската иницијатива NWFE обезбедува еден корисен модел за тоа на кој начин земјите во развој можат да го забрзаат спроведувањето на своите национални климатски агенди во согласност со глобалните приоритети. Со поттикнување на координацијата меѓу домашните и надворешните заинтересирани страни, ваквите програми би можеле да помогнат да се премости јазот во информирањето, да се воспостават заеднички стандарди и да се зголеми бројот на проекти што би можеле да бидат финансирани.
Сепак, мора да се потенцира дека успехот на платформата зависи од домашните активности, транспарентноста и одговорноста во управувањето со овие партнерства. Што е најважно, зелената транзиција мора да се сфати како праведна транзиција ако сакаме да биде одржлива.
Предвидливоста е особено важна за оние што се сиромашни, а правичноста има суштинско значење доколку сакаме да обезбедиме долгорочна јавна поддршка за климатските мерки. Во насока на постигнување на овие цели, државите мора да имаат водечка улога во климатското финансирање. Преминот кон нето нула емисии зависи од тоа.

Раниа ал-Машат е министерка за меѓународна соработка на Египет. Ерик Берглоф е главен економист на Азиската банка за инфраструктурни инвестиции.

(respublica.edu.mk)

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ИЗБЕРЕТЕ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – ЖЕНИ (АНКЕТА)

Втора сезона по ред редакцијата на 24Ракомет, единствениот...

ИЗБЕРИ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – МАЖИ (АНКЕТА)

Зад секој успех на тимот стојат и поединци...