- Нема мир за водечките функционери на ЕУ бидејќи тие не губат време во означувањето „наследник“ на Орбан, за кој стравуваат дека би можел да ги продолжи неговите попречувачки практики. Па така, поитаа за да тргнат во нов лов на вештерки, тројански коњи и разни други митски умислени закани. Притоа изгледа дека во инквизиторскиот поход на ЕУ колатерална штета ќе биде процесот на проширување на Унијата, а со тоа и земјите кандидати за членство од Западен Балкан
Водечките луѓе на Европската Унија веројатно помислија дека можат да здивнат и да се насочат послободно кон исполнување на нивната зацртана агенда, откако унгарскиот премиер Виктор Орбан ги загуби изборите по 16 години поминати на власт. Тој беше означен како главен попречувач во ЕУ по неговите закани со вето со кои ги блокираше клучните бриселски иницијативи, како што е поддршката за Украина или, пак, санкциите за Русија.
Но се чини дека нема мир за водечките функционери на ЕУ, бидејќи тие не губат време во означувањето „наследник“ на Орбан, за кој стравуваат дека би можел да ги продолжи неговите попречувачки практики. Па така, поитаа за да тргнат во нов лов на вештерки, тројански коњи и разни други митски умислени закани. Имињата што се спомнуваат во западните медиуми како следен трн во окото на Брисел се вообичаените осомничени, Роберт Фицо, Андреј Бабиш и Џорџа Мелони, но и политичари од нашето окружување, како што се Јанез Јанша и Румен Радев, кој се очекува преку неговото новоосновано движење Прогресивна Бугарија да оствари победа на општите избори во Бугарија што ќе се одржат викендов.
Но осомничените попречувачи на ЕУ се поврзани преку заедничка суверенистичка нишка, бидејќи водејќи се според сопствените национални интереси, честопати доаѓаат во судир со интересите на раководството на Унијата, па веднаш ја добиваат етикетата на непријатели, странски агенти, попречувачи…
На пример, во пресрет на изборите во Унгарија, во западните медиуми се известуваше дека озлогласениот во ЕУ Орбан има силна поддршка од неговите сојузници САД, Кина, Русија и Израел. А таквата огромна поддршка од светските сили (што сепак не му помогна да победи) всушност се должи на врските што Унгарија ги создаде со овие држави во текот на владеењето на Орбан. Унгарија се смета за „американски играч“ во ЕУ поради блискоста на Орбан со претседателот на САД, Доналд Трамп, додека Русија e главен унгарски снабдувач со енергенти, а Будимпешта беше означена и како клучна точка на Стариот Континент на новиот „пат на свилата“ за носење големи кинески компании на европскиот пазар.
Најново име на бриселската „црна“ листа би можела да биде италијанската премиерка Мелони, која либералните бриселски елити веќе извесно време се обидуваат да ја дискредитираат, откако почнаа да им пречат нејзиниот суверенистички пристап и остра реторика кон актуелното раководство на ЕУ.
Изгледа дека во инквизиторскиот поход на ЕУ колатерална штета ќе биде процесот на проширување на Унијата, а со тоа и земјите кандидати за членство од Западен Балкан. „Политико“ веќе известува дека проширувањето на ЕУ е тргнато од агендата на претстојниот неформален состанок на ЕУ на Кипар закажан за следната недела, иако беше предвидено да се разговара на оваа тема. А ваквиот потег е последица на внатрешни стравови, политички калкулации и отпор во јадрото на ЕУ, поточно во Франција, Германија, Италија и Холандија. Не можеме да кажеме дека сме многу изненадени.
Згора, внатрешниот скептицизам во ЕУ сега се подгрева со користење на терминот „тројански коњи“ со кој се обележуваат држави за кои се стравува дека по влезот во европското семејство би можеле да ги попречуваат идните одлуки. Мора да се напомене и дека е парадоксално да се шири страв за „тројански коњи“, кога во самата ЕУ постојано се истакнува дека бавниот процес на проширување може да ги однесе земјите кандидати во други сфери на интерес.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веднаш по изборниот пораз на Орбан сугерираше дека ќе дојде до промени во начинот на одлучување на ЕУ за да се избегнат попречувања на европските политики во иднина. Впрочем и белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево, кој неделава ја посети Македонија, при промовирањето реформи во ЕУ го вклучи и воведувањето квалификувано мнозинство при одлучувањето.
Но политичките аналитичари сметаат дека не може да се очекува брза промена во начинот на одлучување во ЕУ, а на неодамнешен неформален брифинг со бизнис-заедницата што има врски со Унијата, исто така беше посочено размислувањето дека Македонија ќе остане во „третата брзина“ во процесот на проширување.
Земајќи ги предвид актуелните околности, извесно е дека волјата во самата ЕУ е пресудна за забрзување на евроинтеграциите, наспроти сите други фактори. Без разлика дали станува збор за Македонија, Украина, Исланд или кој било друг кандидат за членство. И тоа е единствената суштинска пречка во овој процес.