Колономос Садикарио
- Кој и зошто се обиде да ги запали синагогата во Скопје и просториите на Еврејската заедница? Камерите снимиле сѐ, се знае трагата на бегство на двајцата сторители, но тие сѐ уште не се фатени. Можеби и нема, а тие ја испратија пораката, кажаа дека не дошле да убијат, туку дека се тука, меѓу нас. Кои се тие?
Се будам некни рано наутро, мамурлив, сопнат и сопругата ме прашува – „кој би можел да подметне пожар во нашата синагога?“ А јас сопнато велам „Хезбомак“ наместо Хезболах. Па и не згрешив многу – полни сме со џихадисти, може да нѐ викаат „Џихомак“, ама нам не ни пречи – како траперите во Алјаска полни со болви. Навистина, кој би очекувал терористички инцидент некаде „џенем?“ Се сеќавам на еден документарен филм за фамилијата Корлеоне, која велат дека е измислена, но е автентична. Тие живееле во градот Провиденс во државата Род Ајленд во САД – баш таму каде што бев во тоа време на Универзитетот „Браун“. Имаше еден документарен филм за Корлеоне и велеа дека мафијата секогаш бара мирно место, со „слаба“ полиција за да може мирно да вилаетува – па од Мајами се префрлувале во Провиденс. Е па, ете и ние сме некоја „провиденција“ за мафии, дрога, па сега и за џихадисти. Некои експерти, мои пријатели, велат дека во Македонија има центри за обука за Ал каеда, а регистрирани повратници од ИСИС има 350 (којзнае колку има нерегистрирани). Овде полицијата демек „поим нема“ за такви работи, си фаќа понекоја „гирица“, богами доста ги фаќа во задно време – а „ајкулите“ си имаат рај на земјата – како Провиденс. Понекогаш има демонстрации на џихадисти колку да им кажат на оние во светот „еј, гледајте бе, овде нѐ има“!
Значи пожар во синагогата и Еврејската заедница на Македонија (ЕЗРМ) е повеќе „покажување“ отколку да се уништат Евреите. Покажувачи се Иран, Хезболах, ама и наши. Има камери што снимиле – двајца, со кациги (не им се гледаат лицата), вешто се прекачуваат преку висока ограда, истураат нафта, ја потпалуваат, брзо се враќаат и со мотор бегаат. Ама следени биле со камери (преку „Сејф сити“), оделе до Чаир и таму ги снемува…. опаааааа! Еден документарен инсерт на европската телевизија Париз 24 покажува исто двајца со кациги, молскавично вршат напади и бегаат со мотор. Типчињата биле од Хезболах. Значи – двајца, обучени, вешти, брзи, потпалуваат со масло (нафта), кантата останува на местото и молскавично бегаат – со мотор. Па тоа е иста школа! Не верувам дека некого сакале да убијат, бидејќи го одбрале Велигден 12 април кога знаат дека нема никого внатре. Местото е критично, бидејќи од таму огинот тргнал кон критично место, но, за среќа, (Бог помогнал) сам се угасил. Од каде ја знаеле информацијата за каде да палат? Потоа некој пријавил, веднаш се нацртала полиција и направила детален увид и меѓу другото – ги следеле сторителите до Чаир. По мојата селска логика значи дека во Чаир има центар (Хезболах или контакт и соработник) каде што се среќаваат овие „мајстори“. Дали градоначалникот на Чаир знае дека кај него има таков центар?… Полицијата рековме ги брка „гириците“ и никој ништо не знае и сторителите фино ќе си киднат, можеби преку граница, па ќе си потпалат друго местенце – ова им е како вежба. А можеби полицијата знае – ама бидејќи ние сме големи пријатели на арабо-мафи-светот (уффф извинете) – не смее ни да писне, ни да врисне, ни да стисне, ни да мрдне, ни да п….дне, оти којзнае што и кој е вмешан во кашата.
Значи, нема намера за убиство, нарачка секако дека е – за да видите поиграјте си со Џемини или ЧетГПТ за пожари, подметнати бомби, атентати со логика на Шерлок Холмс или со „циркуларна концентрична“ логика и што ќе кажат. Сторителите се комбинирано наши и странски и веројатно се избегани во странство. Мотивот не е атентат (би употребиле во тој случај куршум) – туку политичко системско предупредување. Абе кој систем жити Бога? Е па, Евреи, Израелци, пријатели на Америка… Може и психоаналитичка анализа да извршите ама тоа не е важно овде. Многу е важно местото на стореното дело – да се испита до милиметар – ама ајде да не изигрувам инспектор сега. Значи – си имаме терористички центар (Хезбомак), соработници (ги заборавивме сиротите УЧК, кои се бутнати и во политиката), градоначалници и инспектори, кои поим немаат за таква работа – абе не биди досаден Семи, што има они тоа да знаат?… А антисемитизам? Па тој си постои отсекогаш, ама не бил до тој степен некој да потпалува. Се сеќавате на неврзаноста во титоизмот? Масовно обожавање на „сиротите“ Арапи, Иранци, папазјанци… денес нашите интелектуалци се вљубени (богами и Фројдовски) во Хезболах, Хамас, ајатоласите итн. – зар не се? Медиумите на целиот Балканот урлаат против „клетиот“ Израел и „клетите“ Евреи банкари, богаташи, владетели на светот, вонземјани – „го држат и гмечат светот“ – нели! Дури и мои пријатели ми го велат тоа. Значи јас сум милијардер-трилионер-зилионер, а ни сметките не можам да си ги платам. Не се секирајте, таа пропаганда е насекаде во светот. А неодамна баш во „Нова Македонија“ беше даден податок од шефот на државна безбедност во Германија дека има 32.000 регистрирани од Хамас (колку ли се нерегистрирани). А од Хезболах треба да има уште повеќе. Пред неколку години Хезболах имал над 300.000 ракети (книгите на Клифорд Собин), што е повеќе и од Европска Унија.
Во Америка врие, но засега се под супресија на Трамповата администрација. Во Канада исто така. Ама вие сѐ уште сте зацопани во Хамас и Иран – ај бидете искрени… барем еднаш! Заборавивте на УЧК и балистите. Верувајте – овој пожар е опомена за вас! Евреите во Македонија се практично исчезнати, а во светот богами има да страдаат. А вие? Ама многу-многу-многу ги сакате Хезболах (ајде-ајде, кажете). Нека се живи и здрави од полицијата, министерот е многу симпатичен, вреден и к’не, ама терористите нема да бидат фатени и што би рекле кумановци – „ќе се котеф“! Поентата овде е да ставите прст на чело и многу озбилно да размислете што да правиме сите. Утре пожарот може да биде на некој собир, црква и каде било. Уште една напомена – има огромна разлика меѓу исламот и џихадот! Често ги обвинуваме исламците за тероризам, мафии итн. – многу неправедно. Исламот е длабока верба во Господ (Алах), а џихадот е верба во бомби и убивање. Искуствено – џихадистите најмногу ги напаѓаат исламците. Заради вистината да кажеме дека „џихад“ не е правилниот термин, но тој е внесен од западните професионалци. Плус – насилниот џихадизам го измислија и воведоа западните служби (уште од време на агентот Хемфер, трговците со дрога, Филби-сениор, Бжежински итн.). Од мене толку, а вие размислувајте.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио