Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Обединети во разединетоста?! – Нова Македонија | KOLUMNI.mk

Обединети во разединетоста?! – Нова Македонија

  • Потребно е со искрени намери и со заедничка цел и визија за иднината да се работи на обединување. За да се оствари тоа, а не да остане само декларативно искажано во честитките на државните празници. Само со обединети политички претставници, кои ќе ги надминат партиските поделби, можеме да ги оствариме националните интереси и цели, да се справиме со сите предизвици и да го одбраниме националното достоинство

Партиски несогласувања деновиве повторно ја потресуваат домашната политичка сцена. Жестоки судири на партиските спротивставени страни, за битни и помалку битни прашања, во кои се разменуваат остри критики, а често и навреди, искажани на прес-конференции, во телевизиски емисии… на сите фронтови. Притоа, секоја од „завојуваните страни“ е длабоко вкопана во ров и не сака да се помести ниту за педа, бранејќи ги своите позиции.
На прв поглед, не е нешто несвојствено власта и опозицијата да имаат спротивни ставови. Затоа и тие по дефиниција се политички антипод во демократските општества. Но чудно е што тие постојано имаат конфликт за сите актуелни теми и прашања, поради што ги активираат сите механизми на општествена конфронтација. Забележуваме дека ваквата состојба е постојана со години, без разлика која партија е на власт, а која во опозиција, која е горе, а која долу, според рејтингот и поддршката од граѓаните.
А тие не препознаваат дека во нивните политики нема исклучиво различни елементи, туку е присутен и заеднички пресек со заемни разбирања, согласности и политики што се во функција на сите граѓани, а не само на симпатизерите и на членовите на партиите. Тие заеднички прашања се од национален карактер, и не се само идентитетски. Во сите тие „различности“ на политиките и програмите на политичките партии може да се најде НЕ една, туку повеќе заеднички точки, низ кои ќе минува една заедничка РЕЗУЛТАНТА, која ќе биде константа како вредност за сите граѓани на Македонија, за подобрување на квалитетот на животот во татковината: на економско-социјален, стопански, финансиски, културен, спортски и на сите други сегменти во нашето општество.
Сепак, согласувањата дека не се согласуваме за многу нешта ни се помили. Последен пример се несогласувањата на најголемите македонски партии околу укинувањето на техничката влада и изборните гаранции, како и предложените законски измени за прашањето за поседување двојно државјанство од страна на пратениците… Но, искрено, не сакам да преовладее песимистичката жичка во мојот текст. Затоа, рака на срце, морам да издвојам дека во морето од несогласувања, една капка на обединетост дава надеж дека е можно надминување на политичките односно партиските поделби. Станува збор за случајот со десетгодишната забрана за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиноски, изнесен пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што стана точка на обединување, каква што ретко се случува на македонската политичка сцена.
Иванка Василевска (од ВМРО-ДПМНЕ) во Стразбур упати директно прашање до генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во врска со десетгодишната забрана за влез во Бугарија за адвокатот Тони Менкиноски, по што набрзо доби поддршка од Бисера Костадиновска-Стојчевска (од СДСМ) за истото прашање. Генералниот секретар Берсе веќе најави темелна анализа и дополнителни консултации за изнесениот случај, што е директен резултат на оваа координирана акција. На тој начин двете дами испратија силна порака до меѓународната заедница, но и до домашната сцена, покажувајќи дека државните интереси се над партиските кога станува збор за заштита на македонскиот идентитет и човековите права, како во случајот на Менкиноски.
Покажаното заедништво на македонските претставници во Стразбур се претвори во дипломатска офанзива на заедничкиот фронт за спротивставување на обидите за обесправување на македонскиот народ во Бугарија. Затоа и нагласивме дека случајот на Менкиноски се јавува како симбол за општата борба за правда, на бедемот околу кој сите мораме да се обединиме.

А ваквиот натпартиски пристап во Стразбур треба да се пренесе и на домашната политичка сцена.
Во Македонија обединувањето на политичките партии досега најчесто не е резултат на зрел консензус, туку од немајкаде, односно кога партиите се притерани до ѕид, без разлика дали од страна на внатрешен или надворешен притисок. Прифаќањето на унифициран став доаѓа при соочувањето со криза, а заедништвото се распаѓа веднаш штом кризата ќе стивне.
Во прилог на ваквите тврдења можат да се земе потпишувањето на Охридскиот рамковен договор наспроти заканата од војна, односно Пржинскиот договор како производ на длабока институционална криза и силен меѓународен ангажман. Во двата случаја беше постигнат ограничен успех, бидејќи договорите привремено ја стабилизираа состојбата, но не успеаја да создадат трајна политичка кохезија.
Таквиот шаблон се повторува низ Балканот, како на пример со Дејтонскиот мировен договор, кој во Босна и Херцеговина наметнува институционални коалиции што функционираат од нужност, а не како плод на искрено партнерство, држејќи ја земјата во внатрешна политичка блокада.
Поуката што треба да се извлече е јасна. Потребно е со искрени намери и со заедничка цел и визија за иднината да се работи на обединување. За да се оствари тоа, а не да остане само декларативно искажано во честитките на државните празници. Само со обединети политички претставници, кои ќе ги надминат партиските поделби, можеме да ги оствариме националните интереси и цели, да се справиме со сите предизвици и да го одбраниме националното достоинство. Така и нашите аргументи ќе бидат посилни пред меѓународната заедница. Тоа е обврска кон народот и државата од која не смее да се отстапува.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ