Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Дали е УКИМ гимназиски универзитет? | KOLUMNI.mk

Дали е УКИМ гимназиски универзитет?

Фото: Приватна архива

Пишува: Михаил Гаревски, директор на ИСОГКП

Да не се лажеме, кога од универзитетскиот професор не се бара да истражува и да публикува, туку главно само да предава, тогаш таквиот универзитет по суштина станува гимназиски универзитет. Може да има долго постоење, тоги, сенат, комисии, и свечени говори, но ако не создава доволно ново знаење, тој ќе стане гимназија.
Јас со години ја повторувам истата проста, но суштинска реченица: гимназискиот професор и универзитетскиот професор не се разликуваат по тоа кој е поинтелигентен, па дури ни по тоа кој е подобар предавач. Сосема е можно некој гимназиски професор да објаснува појасно, поприродно и попедагошки од универзитетски професор. Но од универзитетскиот професор се бара нешто повисоко – да прави истражувања, да создава ново знаење и да публикува научни трудови. Тука е суштинската разлика. Ако таа разлика исчезне, исчезнува и универзитетот во вистинска смисла на зборот.
Затоа мојата оценка денес е директна УКИМ не смее да биде гимназиски универзитет, а токму во таа насока опасно се движи. И уште подиректно ваков УКИМ, со сегашната структура, со сегашната распроснатост и со вакви слаби резултати, нема да влезе во првите 1000 на Шангајската листа. Не во скоро време. А ако продолжи вака, можеби и никогаш.
Токму затоа на државата не ѝ треба уште една општа приказна за тоа дека УКИМ е најголем и прв универзитет во Македонија. И треба проект. И треба стратегија. И треба национална програма за тоа како УКИМ или нов, концентриран државен истражувачки универзитетски модел да влезе во првите 1000 според ARWU (Академско рангирање на светските универзитети ). Без таков проект, зборувањето за Шангај е само модна академска фраза.

Што навистина мери Шангајската листа

Шангајската листа не се импресионира од нашите титули, седници и формални структури. Таа гледа истражувачки резултат, публикации, цитираност, високоцитирани истражувачи, трудови во Nature и Science и научна продукција по академски вработен. Со други зборови, таа мери научна сила. Не административна маса. Не број на единици. Не број на свечени промоции и сликање.
Токму затоа е опасна илузијата дека е доволно само да се донесе нов закон и да се чека чудо. Законот може да биде алатка, но не е моторот. Моторот е стратешка концентрација на луѓе, пари, опрема, докторски школи и јасни годишни планови. Ако сакаме УКИМ да стане вистински истражувачки универзитет, тогаш државата мора да направи национален проект за влез во првите 1000. Не реторичка желба, туку проект со рокови, буџет, приоритетни области, докторски школи, меѓународна регрутација, јасни годишни клучни показатели на успешност.

Надворешни регионални репери: што покажува ARWU 2025

Кога се зборува за Шангај, не треба постојано да гледаме во Харвард и Стенфорд. Порационално е да ги гледаме Белград, Љубљана, Загреб и Солун. Токму тие универзитети покажуваат каков профил е доволен за влез и стабилизација во долниот дел на топ 1000. Пораката е јасна, не ви требаат нобеловци за старт, но ви треба силен и дисциплиниран научен погон, подобра цитираност и подобар учинок по истражувач.
Тоа значи дека целта е остварлива. Но само под еден услов да се концентрира научноистражувачката сила. Ниту една мала држава не станала видлива на вакви листи со распрснати ресурси и без јасен фокус. Напредуваат само оние што создаваат јадра на извонредност.

Дијагноза на состојбата. Што покажуваат бројките за УКИМ

Во анализата за УКИМ бројките се доволно гласни сами по себе: 910 редовни професори, 309 вонредни професори и 155 доценти. Тоа значи дека од вкупно 1364 лица во класичните наставно-научни звања, дури 1219, односно речиси 90%, се веќе вонредни или редовни професори. Оттука, зајакнатите критериуми за избор во звање реално би се однесувале на само околу 10% од кадарот, односно главно на доцентите и на новите кандидати.
Токму тука е суштинскиот проблем. Ако толку голем дел од кадарот веќе е на врвот на хиерархијата, а системот и законот не вршат доволно силен, постојан и мерлив резултатски притисок токму врз тие луѓе, тогаш како точно ќе се промени УКИМ? Како ќе расте аутпутот на цитираност ? Како ќе се зголемат публикациите? Како ќе се подобри учинокот по научник-вработен?
Формално, критериумите се исти за сите. Но суштински, преку преодните одредби, најголемиот дел од постојниот кадар е амнестиран. Тоа можеби може да се оправда како заштита на стекнати права, но проблемот е што системот е поставен наопаку: околу 90% од наставно-научниот кадар веќе се професори во повисоки звања, па новите правила ќе важат главно за младите што допрва треба да напредува. Така се добива парадоксален систем – иднината се стега, а минатото се штити.
УКИМ денес е гломазен систем со многу факултети, институти и организациски слоеви. Таков гломазен УКИМ, со релативно скромна меѓународна цитираност и без доволно концентриран истражувачки аутпут, никогаш нема да го исполни ни критериумот за број на научни публикации, ни критериумот за вистински учинок по научник-вработен. Голема институција со слаб пер капита резултат едноставно не поминува на Шангај.

Реформи се прават и на најпознатите универзитети

Кај нас секој предлог за поголема реорганизација веднаш се доживува како напад врз традицијата и воспоставениот поредок. Но тоа е погрешно. Реформи се прават и на најстарите и најпрестижните универзитети во светот. Доволно е да се погледне примерот со историскиот Универзитет во Париз – Сорбона. Таа не била оставена недопрена само затоа што имала славно име. Напротив, токму затоа што станала преголема, прецентрализирана и тешко управлива, била темелно реорганизирана.
По настаните од мај 1968 година и последователните законски реформи, стариот Универзитет во Париз престанал да постои како единствена институција, а од него произлегле 13 нови универзитети, меѓу кои и Paris 1 Panthéon-Sorbonne. Подоцна следеле и нови консолидирања околу брендот Сорбона универзитет. Франција не ја расцепкала Сорбона за да ја уништи, туку за да создаде поуправливи, поспецијализирани и посовремени универзитети.
Истата логика мора да важи и за УКИМ. Ако Македонија сака конечно да добие универзитет видлив на Шангајската листа, реформата не смее да биде козметичка. ARWU не бодува старост на универзитет, број на факултети, административна големина , туку мерливи научни резултати: високоцитирани истражувачи, трудови во врвни списанија, публикации во Web of Science, меѓународна видливост и перформанси по истражувач.
Затоа најразумниот модел не е рамномерно подигнување на сите, туку концентрација на најсилните истражувачки единици, кадар, инфраструктура и афилијација во еден јасно профилиран истражувачки универзитет. Тоа не значи укинување на УКИМ, туку негово фокусирање. УКИМ треба правно да остане УКИМ, но да се редефинира како концентриран истражувачки универзитет составен од најсилните научни јадра: природни науки, компјутерски науки, електротехника, делови од инженерството, фармација и други области со реален меѓународен научен капацитет.
На тој начин би се зачувале правниот идентитет, историскиот континуитет, институционалната афилијација, публикацискиот багаж и научната препознатливост што се важни за меѓународното рангирање. Шангајската листа не се освојува со ново административно име, туку со акумулирани научни резултати, цитираност и јасен истражувачки профил.
Деловите што нема да бидат дел од концентрираниот истражувачки УКИМ не треба да се третираат како маргинализирани или укинати. Тие можат да се оформат како нови универзитети или посебни високообразовни институции, со сопствена мисија и развоен пат — наставно ориентирани, професионални, применети, уметнички, хуманистички или регионално важни.
Затоа вистинското прашање не е дали УКИМ смее да се реформира. Вистинското прашање е дали Македонија има храброст да направи реформа што одамна ја направиле многу поголеми и пославни универзитетски системи. Ако Франција можела да ја реорганизира историската Сорбона за да создаде посовремени и поконкурентни универзитети, тогаш Македонија мора да може да го реформира УКИМ — не за да го избрише, туку за конечно да создаде универзитет што ќе биде видлив и признат во светот.

Што во новиот нацрт-закон помага, а што не е доволно

Новиот закон може делумно да помогне. Не е спорно тоа што се бара повеќе од доцентите и од младите генерации. Тоа е потребно. Спорно е што истите критериуми, поради преодните одредби, нема подеднакво да го зафатат целиот систем, иако токму лошата пропорција во кадровската структура бара реформата да има правилен опфта.
Таму мора да се каже нешто што можеби ќе звучи грубо, но без тоа нема реформа: на 60 години мерит-проверка; ако нема мерливи перформанси – веднаш пензија; ако има силна продукција, продолжување и над 67. Само така системот ќе почне да го наградува резултатот, а не статусот.
Тоа не е казна. Тоа е академска логика. Универзитетот не смее да биде доживотен комфор. Универзитетот е доживотна обврска кон знаењето. А каде што нема производ, не смее да има попуштање.

Каде е пропуштената шанса

И претходниот и сегашниот ректор повремено зборуваа за рангирања, за меѓународна видливост и за Шангајската листа. Но прашањето е едноставно, што реално може да се очекува од човек кој осум години бил проректор, а потоа уште три години ректор, ако во тој долг период УКИМ не направил никаков исчекор на Шангајската листа? Ако за единаесет години од врвот на универзитетската управа не се постигнал јасен напредок, тешко е да се поверува дека истиот модел, со истите луѓе и истата логика, одеднаш ќе донесе поинаков резултат.
Токму во тоа е проблемот не е доволно Шангај да се споменува спорадично, како знак на модерност. Тој мора да стане управувачка категорија. Тој мора да стане план. Без план – нема резултат.

Две реални патеки

Првата патека е радикално реформиран УКИМ со мал број приоритетни истражувачки области, концентрација на поголемиот дел од новото истражувачко-финансирање таму, централизирани докторски школи, стандардизирана афилијација и воведување годишни договори со факултетите, засновани на јасно мерливи резултати.
Втората патека е многу похрабра, но и многу поефикасна. Тоа е револуционерната варијанта на нов компактен државен истражувачки универзитет, односно наследник или консолидација на најсилните истражувачки јадра. Не празен гринфилд бренд, туку силно, концентрирано јадро што ќе има полза од цитираните трудови, научниот аутпут и најдобрите докторски програми.
Јас верувам дека токму таа втора варијанта, колку и да звучи револуционерно, дава вистински резултати. Малите држави не победуваат со популација, туку со резултати и претпознатливост.
На крајот, ќе повторам уште еднаш сосема е можно гимназиски професор да биде подобар педагог од универзитетски професор. Меѓутоа разлика е во тоа што за универзитетскиот професор, покрај наставата се бара истражување и научно објавување, а од гимназискиот не.
Затоа, ако од најголемиот дел од универзитетскиот кадар не се бара мерлив научен резултат, ако речиси 90% од системот не е ставен под вистински притисок за резултати, ако гломазноста се штити повеќе од извонредноста, тогаш не треба да се чудиме што Шангај останува далеку .
Мојот став е јасен законот е само дел од приказната и може и он делумно да помогне. Но, вистинската цел на владата мора да биде реформа на јавните универзитети и јавните научни установи и изработка на сериозна, државна стратегија за влез во првите 1000. Без тоа, УКИМ ќе остане голем по староста, но недоволно голем по научен резултат.
Во таа стратегија мора да има и годишна табела со јасни показатели, која ќе покаже дали УКИМ реално се движи кон Шангајската листа или само декларативно ја спомнува. Во неа треба да се следат публикации во Web of Science, трудови во Q1/Q2 списанија, цитираност, високо цитирани истражувачи, трудови во Nature и Science, продуктивност по истражувач и придонес по факултети и институти. Без такво мерење нема вистинска стратегија, туку само желба.
И затоа, на крајот, прашањето повеќе не е дали некој ќе се навреди од насловот. Прашањето е дали имаме храброст да си ја кажеме вистината која нема истрежување, нема публикации, нема цитираност, нема мерит-проверка и е без концентриран проект за Шангај, универзитетот по форма лесно станува гимназија по суштина.
Овој текст произлегува од анализата што ја изработи ИСОГКП, со цел да се идентификуваат конкретните мерки, институционални промени и научни приоритети преку кои УКИМ најбрзо може да се доближи до влез меѓу првите 500 универзитети на Шангајската листа.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ