Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Суверенизмот како исконска македонска мера | KOLUMNI.mk

Суверенизмот како исконска македонска мера

  • Формулата 3:6:9 на Прибе ја одведе Македонија во темницата на својот историски континуитет и направи една хибридна конструкција што не функционира, процес во кој Македонија ги продаде името и својот милениумски идентитет. Модел на Франкенштајн направен наменски и добро е што Македонија ќе го стави во архива и ќе го погреба. Како што е архивиран и моделот на формирање влада „победник со победник“. Нека учат идните правници (имаме доста правни факултети) како не треба да се менува држава во процес на странски експеримент
  • Па, ако влегуваме во некаква пролет на чистење на ѓубрето од минатото, тогаш нека оди работата за арно и со среќа. Ако крајната цел е да се создаде многу пофункционална прагматична држава со намален паразитски апарат без неупотребливи административци, пак нека ни е со среќа и нека оди чистењето напред

Има закони што се толку важни и имаат влијание во општествата што и не би можеле да се измерат со некој за нас познат аршин. Еден таков закон со голема мера е на пример тој во Народна Република Кина, каде што беше решено од многудетни семејства да се премине на семејства со само едно дете. Тоа е контролирана депопулација (1980-2015). Звучи чудно, но и неверојатно. Но Кина успеа со тој план.
Која е нашата македонска мера кога станува збор за законите, па би рекле за политиката? Имаме ли наша мера? Своја македонска стратегија или други ни ги правеле манџите? Знам дека веднаш се фаќате за глава, ама ако, иако е подобро секогаш да се става прстот на чело, што е знак дека размислуваме со своја глава. Затоа добро ќе биде да изложиме еден кус историски преглед, особено сега кога бијат камбаните за еден закон наречен за формирање техничка или преодна влада, па и популарно наречен влада на Прибе или пржинска влада. Леле колку влади, а?! Првата Влада на Македонија е формирана на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, во текот на Втората светска војна. Потоа во 1991 година и така до ден-денешен речиси 30 влади се смениле. Имаме прва влада на независна Македонија, па прва влада на независна и суверена Македонија, а се појави е еден троскот – првата техничка влада на Македонија, која беше формирана на 18 јануари 2016 година. Оваа влада, позната како „пржинска влада“, беше избрана 100 дена пред предвремените парламентарни избори, со цел организирање на изборниот процес, а премиер беше Емил Димитриев како кадар на опозицијата. Почнавме да глумиме демократија по теркот на Рајнхард Прибе, демек еве во преоден период ѝ ја предаваме власта на опозицијата. Жими мајка! Втората техничка влада беше формирана во 2020 година, додека третата и последна беше формирана во 2024 година, предводена од Талат Џафери, на голема среќа на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој еднаш пророчки кажа дека еден ден Албанците ќе имаат премиер, а во идно време и претседател на државата. Значи некои желби можат да се исполнуваат во Македонија како роденденски подароци и ние треба да го сметаме тоа за демократски процес?!
Како е формирана таа пржинска влада најдобро зборува оваа придавка – разговорите се водени во приватна резиденција во Пржино и понекогаш долго во ноќта (како да се подготвувала македонската кристална ноќ), а новинарите (кутри) чекаа надвор за еден или два грама информација (некаква надеж за спас на Македонија). Овој хибриден циркус изгледа оди кон својот крај и треба да оди. Која е смислата на изборниот процес за кој се трошат толку многу пари, а понекогаш и пари за чартер-летови за некој од дијапсората да гласа и притоа и поим да нема за што гласа, кога имаш некаква преодна влада што треба да ги подготви изборите. Цели 100 дена цела држава е во преоден период. Катастрофа за која било демократија. Добро е што се разбра и ќе се отстрани овој дефект, кој некој упорно не сака да го види и е решен да го тера возот со едвај два-три вагони, а напред нема пруга. Некои политички лидери имаат таква судбина да не можат да излезат од сопствениот тунел на лоши процени и анализи и лажна слика за сопствената вредност.
Дали со укинувањето на техничката влада, а рековме дека треба да се укине затоа што Македонија сепак е каква-таква демократија, која има долга историја, ќе се решат сите проблеми? Повторно еден историски приказ за да го видиме тој историски развој на македонската изворна демократија: прв македонски претседател на влада е Методија Андонов-Ченто (нека биде запаметено и тоа од 1944-1945), потоа следуваат Лазар Колишевски, Љупчо Арсов, Александар Грличков, Никола Минчев, Ксенте Богоев, Благој Попов, Драгољуб Ставрев, Глигорие Гоговски, Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски, Емил Димитриев, Зоран Заев, Оливер Спасовски, Димитар Ковачевски, Талат Џафери и Христијан Мицкоски. Во оваа низа имаме и плејада функционери што биле авторитети во своите области и ресори, реформатори, идеолози, академици… Првата влада и темелите од АСНОМ ги поставуваат Македонци што биле образовани, длабокоумни, луѓе што застанале на вистинската страна на историјата, основачи на современата македонска држава, кои имале не само патриотски дух, чесност, самопрегор туку и визионерство. Тие ја поставиле Македонија на демократски основи и тоа треба да се почитува и денес кога имаме дилеми и се прашуваме – што е тоа демократија. Денес се повикуваме на демократски избори, а што значи тоа? Едноставно кажано, тоа значи дека еден изборен процес е спроведен во согласност со изборните закони и другото позитивно законодавство, а конечниот исход треба да ја изразува волјата на мнозинството избирачи.

Токму пржинската влада е негација на овој принцип. Во тој контекст е и фамозното Бадентерово мнозинство, односно принципот на двојно мнозинство воведено како брана на мајоризацијата, но тој принцип е не само меч со две сечила туку гилотина за демократијата. Тој принцип е класична стапица поставена од етноцентристички флоскули и нема посериозна оправданост да биде применувана во парламентот. Мајоризацијата може многу подобро и поефикасно да се реши, но кај нас целата енергија (и многу пари) се троши на колективни права (сега па и на делови од народ) наместо на загарантирани индивидуални права во согласност со темелните акти на Советот на Европа, ОБСЕ и ОН.
Едно од клучните прашања, или предизвикот пред кој сите стоиме, е како да се постигне баланс на властите. Тешко прашање, но ова треба да се гледа надвор од теориите, зашто нив ги има и премногу, односно во пракса. Кај нас е јасна поделбата на властите и нивните ингеренции, но проблемот е кога ќе видиме дека Владата ја има акумулирано најголемата моќ (ова не е проблем само кај нас, убав пример е моќта на Урсула фон дер Лајен како претседателка на Европска комисија, како своевидна ЕУ-влада во однос на Европскиот парламент), иако според Уставот тоа би требало и би морало да биде Собранието, како највисок законодавен дом. Ако тука се успее, ние ќе отидеме многу, многу напред. На пример, нема во иднина да ни се случуваат инциденти како тој со поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој на своја рака со својата колешка од Бугарија договорил и потпишал фамозен втор протокол, со кој во име на државата Македонија (нема мандат за такво нешто!) ја обврзал повторно државата дека ќе почне преговори за членство во ЕУ откако ќе ги направи уставните реформи (фамозното ставање на Бугарите во Уставот, и не е само тоа). Проблемот, и тоа голем, е што Османи, а можел да биде и некој друг, е тој што со своја одлука поништил собраниска резолуција во која консензуално беше утврдена позицијата на Македонија за преговорите со ЕУ.

Па, сега да прашаме – кој кого контролира во Македонија? Како министерска одлука поништила собраниска резолуција? И има ли одговорност за такво предавство на државата? Има и многу други такви собраниски одлуки што се ставија и над законите, па и над Уставот, па затоа сега сме во „занданата на јазикот“ (позајмено од Фредерик Џејмисон).
Да заклучам: формулата 3:6:9 и помошта на Прибе ја одведоа Македонија во темницата на својот историски континуитет и направија една хибридна конструкција што не функционира. Модел на Франкенштајн направен наменски и добро е што Македонија ќе го стави во архива и ќе го погреба. Како што е архивиран и моделот на формирање влада „победник со победник“. Нека учат идните правници (имаме доста правни факултети) како не треба да се менува држава во процес на странски експеримент. Па, ако влегуваме во некаква пролет на чистење на ѓубрето од минатото, тогаш нека оди работата за арно и со среќа. Ако крајната цел е да се создаде многу пофункционална прагматична држава со намален паразитски апарат без неупотребливи административци, пак нека ни е со среќа и нека оди чистењето напред. Од тоа сите ќе имаме корист, а богами и ќе бидеме побогати и ќе нѐ почитуваат и другите. Зошто да не бидеме модел и за другите, а не само чергиче на кое другите ќе си ја бришат калта. Ете, тоа нека бидат македонскиот суверенистички одговор и мерката за сите процеси што се предизвик, но и за замките поставени за македонската опстојба и напредок.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ