Да се зборува денес за блокираните македонски евроинтеграции, а притоа да не се спомене амбисот наречен Нивици, е исто како да се обидувате некому да му објасните зошто куќата ви паднала, свесно игнорирајќи го фактот дека самите сте го урнале темелот само за да им угодите на соседите. Ако сме скарани со сите соседи, тогаш проблемот е во нас, ќе рече еден поранешен премиер без да го интересира или без да му е важно (што е далеку пострашно) зошто всушност е кавгата.
За жал, кај нашите политичари како да постои една колективна амнезија за тоа што довело до блокираните евроинтеграции, па сите сега си ја ишкаат мувата од капата. Оние што пред осум години се гушкаа, се смешкаа и ни го продаваат „ремек-делото“ од Преспа како експресна влезница за европскиот рај, денес одеднаш се најдоа „несреќни“ и изненадени од суровата реалност што сами ја скроија.
Имено, неодамна првиот човек на невладината „Солуција“, Никола Димитров, и поранешен министер за надворешни работи што активно беше вклучен во реализацијата на Преспанската спогодба, на дебата во Грција се спречка со еден бугарски претставник, кој му реплицираше дека Македонија е таа што треба да испорача кон Бугарија и дека затоа е застојот во македонските евроинтеграции. Потоа следуваше жестока салва од Димитров дека оваа преговарачка рамка ги направила проблемите и дека двата народа, македонскиот и бугарскиот, почнале да се чувствуваат како најголеми непријатели, дека консензусот ја направил само Македонија несреќна и слично. Не дека не е така, но и ова има свој историјат.
Коренот на целата оваа национална мизерија е токму таму, во тој асиметричен договор од Нивици со кој официјална Атина си ја исполни својата вековна географска желба со еден потег на перото. Но проблемот не застана кај Грција, како што нè убедуваа тогашните „визионери“. Проблемот е што тогашната влада, во наплив на дипломатски дилетантизам маскиран како прогресивност, му даде на целиот Балкан опасен преседан и готов рецепт за уцени. Официјална Софија, како и секој „добар сосед“ што внимателно набљудува од страна, само го зеде тефтерот и со хируршка прецизност го препиша грчкиот модел: вето по вето, уцена по уцена, сè додека не се стигне до сржта на македонското постоење.
Иронијата е комплетна, речиси доведена до точка на апсурд, кога ќе го слушнете Никола Димитров на луксузни меѓународни форуми како во својство на „невладин“ фактор објаснува дека Бугарија ни била најголем непријател. Човекот што со сопствена рака го стави потписот на „нултата точка“ на нашиот денешен дебакл сега нè подучува од дистанца дека компромисот требало да ги направи „еднакво несреќни“ двете страни. Тоа е вистина трогателна сцена, архитектот на урнатината и бетон-идентитетот сега се жали дека внатре дува промаја. Проблемот е што Грција и Бугарија се сè само не несреќни. Тие се еуфорични и победнички расположени, додека ние сме единствените што ја живеат трагикомичната илузија на „заедничката мака“.
Бугарските политичари, за разлика од нашите, не се ниту наивни ниту глупави. Кога видоа дека „црвените линии“ на Скопје се поместливи како ластик на стари гаќи, решија дека е вистинско време да го наплатат својот историски долг. Ако Атина изнуди промена на уставно име и ревизија на античката историја, зошто Софија да не удри по јазикот, по преродбениците и по средновековниот идентитет? На тој начин се става точка на македонското прашање и Македонците, така што трајно се бришат на Балканот. Нема антика, нема среден век, нема Гоце Делчев и Илинденско востание, ќе остане само бугарската теза за Македонци по 1944 година. Дополнително, Преспанскиот договор испрати уште појасен сигнал до Брисел – македонската страна е подготвена на сè, само притиснете ја доволно силно. Можеби затоа и потписникот на вториот протокол со Бугарија, на една неодамнешна расправа во Собранието околу евроинтеграциите, констатираше дека „не бил доволен притисокот врз земјава!?“ Човек просто да се запраша дали се ова домашни претставници или, пак, гости од страна што си ги гледаат своите интереси.
Како и да е, очигледно билатералните уцени станаа легитимно средство, а македонската историја и идентитет станаа редовна ставка на менито за пазарење под европското знаме. Поразително е што некои внатрешни политички фактори играат на картата на политиките на соседите наместо да бидат заеднички бедем пред надворешните уцени. Повторно со надеж дека ако ѝ се додворуваат на ЕУ, ќе бидат наградени.
Затоа денес сме во овој понижувачки ќор-сокак. Не сме блокирани поради недостиг од реформи, ниту поради корупцијата, која секаде ја има, а не сме таму ниту поради односот кон малцинствата, за што можат да ни позавидат и оние што сега нè блокираат. Туку сме таму затоа што една несреќно конципирана македонска дипломатија своевремено самата ги измисли и ги трасираше патоказот и протоколите по кои Бугарија сега само комотно се движи.
Илузорно е, па дури и безобразно, денес да се очекува дека Софија ќе се откаже од „грчкото оружје“, кога веќе со свои очи видоа колку лесно тоа оружје ја принуди државата на темелна идентитетска трансформација.
Секоја денешна дебата за некакво „фер решение“ веќе е контаминирана од преседанот поставен пред осум години. Тоа не беше дипломатија, туку стапица што самите си ја подмачкавме со надеж дека некој во Брисел ќе ни каже „браво“. Наместо аплауз, прво добивме француско вето, а потоа и нов список со желби од Софија. Додека „солуционерите“ сега ни објаснуваат колку се тажни резултатите од нивните сопствени политики, Пандорината кутија што ја отворија во Нивици останува широко отворена. На крајот, од „ремек-делото“ ни останаа само горчината и сознанието дека во политиката, исто како и во животот, кога еднаш ќе ја свиткате кичмата, секој следен пат ќе ви бараат да се поднаведнете уште пониско. Ама македонскиот народ не сака повеќе да се наведнува, има свое достоинство, кое не е за продажба, без оглед на цената.