проф. д-р Мимоза РАЈЛ
Легендите не умираат…
На 4 февруари 1972 година во Скопје, при полагањето венци на споменикот на Гоце Делчев, за неговиот лик и дело зборувал академик Блаже Конески. Тој својот говор го почнал со следните зборови: „Еден обичај не собра да се преклониме пред споменот на великиот син на македонскиот народ, Гоце Делчев. Нè собра за да почувствуваме веднаш дека со овој чин не изразуваме само респект спрема една заслужна личност, ами дека тој чин ни открива со остар интензитет колку е интимно вткаен во нашата душевност овој светол лик. Тој дејствува на нас со неодразимоста на легенда, без која нашиот дух би останал сиромашен“. Говорот под наслов „Создавање на легендите“ објавен е во книгата „Беседи и огледи“ (Скопје, 1972).
Молитва за апостолот
“Разбуди го Господи,
апостолот наш Гоце Делчев,
за сите преграб да рашири,
белки дома ќе нè собере,
белки духом ќе нè утеши
дека и малку сме токму за да имаме татковина”
„Молитва за Гоце Делчев“ (одломка)
Кога и најтенката и најтивката солза се раѓа во самотната борба на македонскиот очај, таа не се губи во океанот на ништожноста, туку запишана со мудрата рака на нашите најзнаменити револуционери, писатели и дејци останува да биде нашето ехо низ историјата и нашиот сенароден идентитет. Таа солза се слеала низ историскиот од на македонскиот народ, кога светнале двете најголеми искри, два џина на македонскиот непокор во една идејна вертикала што ги поврзува ликовите на Гоце Делчев и Кочо Рацин.
Тука револуцијата како да добила поетски клуч, во една единствена мисла, на заеднички ѕвездени светови, на една иста свест и исповед за трансисториските вредности слободата, непокорот и човековото достоинство. Таа вертикала започнува кај Делчев како визија за слободен, непокорен народ, продолжува кај Рацин како поетска болка и борба за една социјална вистина, а се заокружува кај Конески како културна меморија и духовна легитимација на народот, каде живее една легенда, која подоцна станува облик на нашата национална свест – Гоце Делчев.
Идејната вертикала што ги поврзува Делчев и Рацин претставува една од најдлабоките оски на македонската модерна мисла, во која националното ослободување, социјалната правда и културната еманципација се појавуваат како неразделни категории на историскиот развој. Делчев, како револуционер, стратег и интелектуалец, не ја разбира слободата единствено како политичко ослободување од туѓа власт, туку како сеопфатен процес на духовно, образовно и општествено издигнување на народот. Неговата визија за светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“ ја надминува рамката на тесниот национализам и отвора перспектива на хуманистичка универзалност, во која македонската борба за самобитност станува дел од поширокиот цивилизациски стремеж кон достоинство, рамноправност и културен напредок како изворни социјалистички идеи.
Токму таа Гоцева мисла ја отвора Македонија кон една повисока идеја за човештвото, каде луѓето не се уништуваат меѓусебно, туку се натпреваруваат во културата, знаењето и сопственото достоинство. Во неговото револуционерно вреднување, ослободувањето не може да биде подарок однадвор, туку чин на самосвест и саможртва, затоа што „ослободувањето на Македонија е и треба да биде дело на самите Македонци“. Во таа логика, борбата не е против другите народи, туку против тиранијата и неправдата на бил кој народ, затоа што неговата позиција е јасна: борбата се води против системот, не против човекот.
Кај Рацин оваа визија добива една длабока внатрешна сила. Во неговата поезија, особено во „Бели мугри“, Македонија станува простор на труд и страдање, а историјата е темна како густо тесто во непробојните маглини, чија зорина е далечна и непозната. Таму на самата сцена на историјата застанале тутуноберачите и копачите, во нивната мачна тишина и пот се испишува една трагична, македонска приказна. Неговата поезија не е естетика на епохата, туку нејзино целосно разобличување.
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа — цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце — порта највисока,
срце — куќа најширока.
„Цел свет братски ми е“ не е само поетска метафора како што мислеа во минатото поетските критичари, туку јасна поетска порака, на поетот кој пишуваше за судбината на човекот и неговата темно – мачна егзистенција. Тоа е поезија на крик кога човечкото достоинство ја брише и последната солза и робот станува да се бори за еден поубав и почовечен свет. Таму каде што Делчев ја формулираше слободата како право на народите на културен и политички развој, Рацин ја проширува во визија за општество засновано врз социјална правда, работничко достоинство и братство меѓу луѓето. Неговата поезија ја трансформира националната болка во универзален етички крик, крик пред самоуништувањето за еднаквост на сите под овој небесен свод.
Ако Делчев ја поставува идејата за слободата како фундамет, а Рацин ја претвора во поезија на една последна социјалната вистина, тогаш Блаже Конески ја заокружи токму таа вертикала во најмакедонската духовна меморија и културна свест. Конески ја нагласува суштината на легендата:„Во Гоце Делчев, простиот македонски човек виде не само идеолог… ами собрат што ја носи неговата судбина.Тој дејствува на нас со неодразимоста на легенда, без која нашиот дух не немаше да ги види своите величенствени височини.“
Во толкувањето на Конески, легендата не е мит што ја заменува вистината, туку духовна форма преку која народот ја чува сопствената историска свест. Конески нагласува дека овие легенди не се создаваат случајно, туку се резултат на длабоки историски, социјални и културни процеси, и токму затоа ликот на Делчев станува дел од внатрешната структура на народната меморија, а не само историски факт.
Така се затвора оваа вертикала: кај Делчев слободата е идеја и револуционерна стратегија, кај Рацин таа е поетска вистина на страдањето и братството, а кај Конески таа станува легенда, културна свест и духовна трајност. Делчев ја поставува реченицата дека слободата мора да е дело на самите поробени; Рацин ја претвора во поезија за човекот и неговиот стоицизам, но и непокор дека слободата еден ден мора да дојде; Конески ја претвора во меморија на народот што живее преку своите великани низ историјата, затоа што чуму историјата и слободата денес, без нив ката ден да ги воздигнуваме и на нивното дело да се навраќаме?
Македонија ни се пројавува како еден трагичен рефрен низ историјата, темнина во која легендите светат како фенери, како најсилни ѕвезди на опстојот, опстој како духовен континуум во кој револуцијата, поезијата и легендата е тријадата на македонската егзистенција и есенција: да се биде или да се умре – трето не постои.
Гоце Делчев – симболот на македонскиот револуционерен идентитет, симболот на борбата за македонизмот како непокор и симболот кој ги повика сите кои се најдоа во Македонија на културен натпревар.
Даскале, ти знаеше дека Македонија е широко поле на трудот и го повика секој Македонец да работи за неа и да ја сака својата татковина. Свесен за предавниците им порача дека не можат да бидат борци за Македонија и не ги сакаше во своите редови. Велеше дека револуцијата е за храбрите и за оние со интегритет и лојалност. Затоа што држава се добива со крв и жртви, а се чува со љубов и многу работа!
Дури сега сме свесни што всушност сакаше да ни кажеш.
Вечна слава на великанот кој ја обликуваше македонската историја и револуционерната мисла на македонскиот народ!