Математички, балканските нации се инверзни матрици во иреверзибилни процеси и затоа невозможна мисија е барањето одговор на прашањето што е постаро – јајцето или кокошката. Иако, за жал, сите се борат за монопол и ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија и македонскиот народ од Адам и Ева.
Ај што во политиката и науката важи правилото: никој нема монопол или ексклузивно право врз историјата, секој има право да ја толкува својата или чија било според сопственото уверување и убедување! И… „историското право“ не е признаена категорија во меѓународното право, па следствено – за историските прашања, политичките спорови и договори се невалидни!
Македонците се единствен носител на државното име Македонија во светот. Се разбира, Империјата Македонија од пред два милениума до Кина и Индија не може да се инкорпорира во Републиката Македонија денес. Сите нации држави на Македонскиот (Балканскиот) Полуостров биле делови на исти империи на овие простори и несомнено споделуваат исто или слично културно-историско наследство. И токму поради тоа, заради релаксација на „етничките“ тензии меѓу балканските метрополи по темата Македонија (што ќе остане од нашата култура и историја ако ова парче земја воспостави ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија), по дисолуцијата на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија во 1990 година, ние, Македонците, макар и еднострано, велиме: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици, како производ на современите политички нации. Впрочем, ако историјата ја читаме според актуелната геополитика, никогаш нема да дојдеме до вистината!
Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А, универзални вредности на македонската цивилизација на која сите заедно ѝ припаѓаме се: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам, кој значи интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција, но со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка. Британскиот колонијализам и американскиот империјализам за неколку века физички избришаа стотици етноси, јазици, религии и култури од платената Земја!
Не смееме да го занемариме и феноменот што владее на Македонскиот Полуостров како папок на светот: Секој ги обвинува другите дека му ги крадат културата и историјата. Сите тврдат дека од сите страни граничат со самите себе. Сите слават исти датуми, настани и личности, само зависи кој од која страна на границата е за да каже мои се. И, за Белград – Македонците се Срби, за Софија – Македонците се Бугари, за Атина – Македонците се Грци, за Тирана – Македонците се Албанци. Да биде иронијата поголема, кога Србија тврди дека Македонците се Срби – Софија, Атина и Тирана не коментираат. Кога Бугарија тврди дека Македонците се Бугари – Атина, Тирана и Белград не се спротивставуваат. Кога Грција тврди дека Македонците се Грци – Тирана, Белград и Софија молчат. Кога Албанија тврди дека Македонците се Албанци – Белград, Софија и Атина не демантираат. Само кога Македонците сами за себе тврдат дека се Македонци, сите околу Македонија се единствени во агресијата од сите страни по сите основи – не им признаваат име, народ, држава, јазик, култура, историја, црква, граници, територија… Ако Македонците истовремено се и Срби и Бугари и Грци и Албанци, заклучокот е дека и Србите и Бугарите и Грците и Албанците како политички нации во основа се етнички Македонци. Тогаш навистина никој од никого ништо не краде, секој граничи со самиот себе од сите страни, бидејќи сите се етнички Македонци. И покрај разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, не постои причина за војна и омраза!
Погледнете ја картата на Африка. Границите меѓу африканските нации, нацртани со линијар и шестар, поради интересите на колонијалните сили, а не заради африканските народи. Таа геополитика европските големи сили ја цртале и на Македонскиот Полуостров. Носеле суверени од свои династии, кои со себе донеле историчари за да им напишат историјата на територијата што ја владеат, и оттогаш и границите и разликите меѓу нас домородните. Отон Фридрих Лудвиг Први, принцот на Баварија, кралот на Грција од 1833 година, си го донел Јохан Густав Дројзен, германскиот историчар, кој напишал историја за Елада, го измислил хеленизмот – демек денес Грција – лулката на западната цивилизација…
А, никој не прашува, ако Македонија била српска, бугарска, грчка или албанска, зошто во Балканските војни (1912-1913 година) Србија, Бугарија, Грција и Албанија не војувале меѓу себе за да си ја зачуваат целината, туку се договарале на окупација врз делови од Македонија, вршејќи геноцид врз домородните Македонци со цел промена на етничката карта на Македонија?
Затоа, и денес, по Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, со протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година и Спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, како санкционирање на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, со цел Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија, не може да ги одбраниме името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ ако не одговориме на прашањето за окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година. Букурешкиот договор од 10 август 1913 година не бил за решавање на македонското прашање, туку за негово конечно затворање. Потоа следуваат геноцидот на земјите учеснички во Балканските војни врз Македонците во окупираните делови на Македонија и инкорпорирањето на културата и историјата од окупираните делови на Македонија како државна култура и историја на земјите окупатори врз македонскиот народ и Македонија.
Кое е решението? Итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, со протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година и Спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година! Итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја! И, итно и безусловно продолжување на членството во Организацијата на обединетите нации под единственото државно, историско и генеричко име, кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Сѐ друго е денационализација и асимилација на македонскиот народ и демонтажа на државноста на Македонија!
Да, за историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и договори за траен мир и добрососедство меѓу државата Македонија и соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Амин!
Тодор Петров