Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Важно е да ти чади оџакот, ако си направил оџак | KOLUMNI.mk

Важно е да ти чади оџакот, ако си направил оџак

  • Ковидот и глобалната стратегија на затворање покажаа дека тој експеримент е успешен (за тие што го смислиле) и дека затворени самите себеси ќе се истребиме по домовите. Зошто? Барајќи одговори за семејното насилство, пред очи имаме уште поголем проблем – малолетнички криминал (врсничко насилство). Можеме ли како општество да се справиме со овој проблем, со проблемот на уште една млада изгубена генерација со која ги скинавме врските? Според моите анализи на системот, шансите ни се минимални. Простете, но тонеме и ќе тонеме. За жал

Експериментот со ковидот и заклучувањето на светот беше успешен проект. Успешен за тие што го замислиле. За нас што бевме заклучени, како деца под казна (за оваа тема, секако, малку подолу) беше катастрофа во секој поглед. Ако Австралија беше пример за еден голем затвор, жртва на систем што наметна целосно заклучување, па да не можат луѓето ни заб да поправат, да не смеат да прошетаат надвор од својот круг, Македонија се истакна со бројот на жртвите. Нашиот експеримент никогаш не се истражи докрај, а треба. Дали ни требаат одговори зошто имавме рекордна стапка на смртност? Секако да, ама не ги бараме. Брзо забораваме. Не е доволно да им палиме свеќи на тие што заминаа засекогаш не по нивна волја, туку треба да бараме одговори, да бараме евентуална вина кај тие што придонеле за таа неверојатно висока смртност во болниците. Ќе молчиме? До кога?
Како изгледаше тој локдаун ќе ви наведам со мој пример. Поради семејни службени работи токму во екот на „пандемијата“ се селевме за Австралија. Првиот шок го доживеав на летот од Доха до Сиднеј. Во авионот, верувале или не, имаше точно 17 патници, во авионот на „Ербас“, најголемиот што го произвеле. Катарската компанија леташе за да не ги изгуби линиите. Во Австралија можеше да се влезе само со посебна дозвола од властите. На аеродромот нѐ пречекаа болничари, полицајци, цариници и војници. Во однапред договорено комбе, кое требаше да нѐ превезе до Канбера, нѐ испратија униформирани лица. До Канбера не смееш ни прозорец да отвориш. Потоа карантин… Интересен феномен, што викаме ние – гледај што ти прави стравот: никој не примаше готовина за да не се заразеле од парите. Така беше убиен митот на капитализмот дека парите се сѐ. Ете, не биле кога ќе ти дојде зорт.
Помина и пандемијата, ама последиците од затворањето останаа. Некој ќе ги почувствува дома, некој нема да сака да оди на работа во канцеларија, всушност многу има такви, некој повеќе никогаш нема да земе куче (и поарно кога немаш љубов за животно), некој повеќе никогаш нема да го има стариот живот. Последиците од тој локдаун се страшни и ќе траат. Некому сепак му се усреќи – на пример токму поради тоа што Австралија не дозволи летови многумина останаа „заробени“ во таа убава земја. Замислете некој странец да останел заглавен во Македонија? Не сакам да бидам погрешно разбран, но да ги гледаме разликите од една до друга држава. И да внимаваме на тоа дека некогаш треба да се има и среќа.
Насилното затворање дома, ставањето маски, закани од казни, вакцинирање, па и „бустирање“, сега гледаме дека било опасен проект. Останаа трајни последици, кои сега ќе треба да ги решаваме со многу пари, програми и враќање на старото онаму каде што е тоа можно. Старите велеа „важно е да ти чади оџакот“, зашто тоа значело не само топлина од шпоретот туку и семејна топлина, заштита, сила, здравје. Многу куќи сега се прават без оџаци (ако тоа го следи Ватикан, никогаш нема да избере папа), па тоа бегство од традиционалното гледаме дека си има свои последици. Затворањето секаде во светот покажа дека не сме подготвени за таков живот, а најмногу настрадаа семејствата. На површина излезе еден проблем за кој се сметаше или сметало дека треба да остане во четири ѕида – семејното насилство. Го има насекаде во сите култури, а го има и во западните земји, кои се сметаат за најнапредни. Кога станува збор за семејното насилство, тоа воопшто не е така. Западниот систем едноставно е неодржлив кога станува збор за насилство во домот, каде што најчесто директно страдаат жените, а најголеми последици трпат децата. Децата како заборавен дел од семејството, но и од општеството. Вториот феномен е поврзан со малолетничкото насилство или како што кај нас го нарекуваме врсничко насилство. Случајот со девојчињата насилнички од Ѓорче Петров излезе на површината, а што има под таа огромна санта мрза можеме да претпоставуваме. Но имаме проблем и тој не е изолиран, туку е општествен.

Тие што мислат дека „стапот е излезен од рајот“ сигурно грешат, зашто живееме во време кога никој не трпи стап како воспитна мерка. А зошто да трпи? Врсничкото насилство, односно малолетничкиот криминал е многу сериозна појава и малку општества успеваат да се справат со него. Малолетниците се податливи и како актери и како жртви, оти лесно можат да се заведат, а се во фаза кога ги следат своите локални или светски модели што ги имитираат. Мојата генерација го имитираше Тарзан (слободно смејте се, но така беше), потоа каубоите и Индијанците, па Траволта, Брус Ли… Каде сме денес? Да тераш своја соученичка да лиже измет од куче и тоа да го снимаш е патолошка појава, синдром на агресивност, показател дека сите црвени линии на социолошко однесување се преминати. Тие насилнички без никаков страв се појавуваат на социјалните мрежи и велат – еве сме, тука сме, ова го правиме. Ужас. Аларм. Сега е вклучен алармот, па какви ни се шансите да се справиме со овој феномен. Во САД особено во средните училишта имаат поставено скенери за случајно некој да не внесе оружје, а објектите се контролирани од полиција. Средните школи се како затвори од полуотворен тип, но тие сметаат дека така треба, инаку децата ќе се испотепаат меѓу себе. И еден пример од Австралија, поточно од Алис Спрингс, град во кој доминира абориџинското население, но и малолетниците на улиците. Во тој град во централна Австралија малолетничкиот криминал достигнал алармантни димензии и инциденти се бројат на час. Властите решија да преземат низа мерки, а една е особено драстична – ги затворија сите барови и се забрани точење алкохол. Апсолутна забрана затоа што е утврдено дека алкохолот е агенсот што го предизвикува тоа малолетничко насилство. Ефектите се добри, но проблемот не е решен докрај.
Рековме дека нашите предци сметале дека треба да ни чади од оџакот, ама некако не ни чади. Локдаунот и кај нас предизвика многу негативни последици, а семејното насилство само е индикатор дека сме залутано општество, дека сме се раздвоиле од традиционалните вредности и сме скокнале во некоја нова зона, за нас непозната. Нема наследни гени за новото, па лутаме во некои нови вредности. Домот стана претесен за едно тричлено или едвај четиричлено семејство. Се караме кој да ги однесе децата во градинка, затоа што сите брзаме, па купуваме за секого по еден автомобил, а децата наместо да ги носиме во градинка или на училиште, едноставно ги вадиме од автомобилот и, ај со здравје, други нека им ја мислат за нив. И тоа почнува уште од градинка, кога децата создаваат карактер, личност. Така успешно се кинат врските со децата, за жал. Потоа е доцна.

Какви ни се шансите, еве сега кога сме го вклучиле алармот? Многу мали, затоа што веќе имаме изградено систем што функционира во насока на натамошно ништење на сите вредности што ние сме ги познавале и практикувале, но забораваме на нив, па одиме по линија на помал отпор. Значи, нека оди како што оди, па нема јас да ја оправам работава. А кој? Одете по улици и забележувајте што е доминантно во државава. Коцкарници и обложувачници, нели. Таа нова индустрија што не може никој да ја заузда затоа што вработувала. Пазете, таа вработувала. Па, има слободни работни места и во земјоделството и во сточарството и во туризмот и како наставници и како столари… Не, не, таму има сигурна работа. Само таму? Денес секој малолетник може да купи цигари каде што сака без проблем, важно е да се продава. Пушат најмногу електронски. Уште од осмолетка. Има алкохол насекаде, дури им се нуди на каса во секоја продавница, на видливо место. Им се нуди нездрава храна околу училиштата и тоа се консумира. Дрога? Ја има на тони, на тони, драги мои. Можеме да се пофалиме дека сме наркодржава, произведуваме демек медицински канабис, но и создаваме нови генерации зависници. Па, децава не се ни кријат, дуваат и додека возат тротинет или додека шетаат или се шлаат од еден мол до друг или до некоја пекарница, новите „лендмаркови“ на градовите. И можеме да набројуваме до утре, поентата е дека сме организирани како општество што оди во пропаст, во ништење на сите вредности. Создаваме уште една изгубена генерација што ќе има дополнителни проблеми, а тоа значи дека ним ќе им биде потешко да создаваат каков-таков подобар систем, а со тоа и подобар живот.
И прашувам дали кај вас на училиште во осмолетката сте зборувале за проблемот со врсничкото насилство во Ѓорче, ми рекоа не, а што било тоа? Децава не знаат, тие се информираат не знам на кои канали, но проблем е што училиштата не зборувале за овој случај, не го анализирале, не кажале пораки, а морале.
И што научивме од сите случаи на насилства, тепачки, инциденти, сообраќајни несреќи, убиства, самоубиства…? Изгледа ништо. Дали повторно дозволивме да бидеме поразени?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ