Абе, ти ме донесе тука за да ме „работиш“ или да ме паркираш?!

Христос воскресе, навистина воскресе! Да ни е честит и вековит Велигден!

Искрено, пријатно се изненадив од нашиот премиер намесник Димитар Ковачевски. Од спроведувањето на контролата на замрзнатите цени на прехранбените производи разбрав дека бил домаќин, зашто ѓоа купуваше и полнеше торбичка пред камери.

И си плаќаше од свој џеб. Ама дека знае и јајца да вапца, навистина не знаев. А, да кажеше на време, ќе го замолев да им помогне на оние граѓани за кои и јајцата и бојата претставуваат луксуз.

Не дека ги има малку. Со еден мастраф. Зашто, болук времињата одамна поминаа и илјадници, илјадници граѓани денот го минуваат со 150 денари. А, со нив не можат да купат ни едно пакување јајца и боја, зашто тоа би значело дека еден цел ден ќе требало да останат без залак в уста.

Нејсе. Од велигденската честитка ми стана јасно дека премиерот намесник не се откажува од платената пропаганда. Отидоа јабана уште 260 евра, односно уште една минимална пензија или уште една за малку помала минимална плата. Некој може да забележи дека јабана ни отиде државата, а јас, пак, „ситничарам“ за една минимална пензија или минимална плата. И ќе биде во право.

Зашто, што е една велигденска видео-порака, со силна порака во која има шмек и приватниот бизнис на сопругата на премиерот намесник. Богами, Бирото за развој на образованието треба добро да размисли таа да стане и составен дел од образовната програма на првоодделенците.

Со нивните мозочиња сунѓерчиња веднаш ќе сфатат што значи зелената боја. Зелената боја е зелена иднина, а зелена иднина е зелена енергија, зелена енергија е поевтина електрична енергија. А, поевтина електрична енергија значи пониски сметки за мама и тато и затоа тие не треба многу да се вознемируваат, што сопругата на нашиот премиер намесник добила државно земјиште, таму некаде во „пизденци“, по цена за метар квадратен колку што чини килограм компир со замрзната цена.

Ама таа цена ја утврдила бившата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови бил и актуелниот градоначалник на општината на чија територија се наоѓала парцелата. Па што?! Премиерот намесник е повеќе од една година на власт и токму во таа година инфлацијата достигна астрономски височини, ама не дека не му текнало дека цената на државното земјиште е бесмилена, туку така му одговарало.

Од сопруга, балдска и кум нема поблиски. Уште поврзани со бизнис, за мерак. Се сеќавате како пееше „Калауз бенд“ во „Грабежот на Третиот рајх“? „Само ја свирам жицата ге, „изем“ ти живот без тебе, без тебе куме е како на робија, со жолта лента не сум човек јас …“.

Да, со жолта лента никој не е човек, а на робија оди тој што ќе заслужи.

И во оваа Страсна недела не можевме без страстна политика. Со договорот за изградба на делниците од коридорите 8 и 10д владејачката гарнитура на СДСМ и на ДУИ ни покажа две работи. Прво, како со пари на граѓаните, даночни обврзници, едноставно се прави обид да се купи власта и второ, како со еден договор бескрупулозно се краде сопствниот народ!

А, парите, што ќе треба да се дадат за делниците и само почетно се проценуваат на 1,3 милијарди евра, ќе треба да ги враќаат генерации и генерации македонски граѓани. И што попрво ќе треба да прават, да живеат или да ги враќаат долговите на Таче?!

Ако до сега бев длабоко убеден дека премиерот намесник Димитар Ковачевски е седнат во скутот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако изби скандалот со Бехтел и Енка сум на два ума. Дали покрај во скутот на Ахмети, нашиот Таче не седи и во скутот на првиот вицепремиер и главен координатор за контрола на изградбата на коридорите 8 и 10д, Артан Груби?!

Обајцата веќе отворено си поигруваат со него. А, во добар дел нивните релации потсетуваат на еден стар виц. Тоа е вицот во кој се говореше за тоа како „запалени“ сопружници одлучиле да водат љубов во сопствниот автомобил. Арно ама автомобилот си е автомобил, тесно во него. И сопругот ја замолува сопругата да се помести де малку понапред, де малку поназад, де малку лево, де малку десно…Се додека на сопругата не и дошло преку глава и не му свикала на сопругот-Абе, ти ме донесе тука за да ме „работиш“ или за да ме паркираш?!

Однапред му се извинувам на понежниот женски пол, зашто потсетувањето на вицот нема ни случајно за цел да си поигрувам со неговите чувства. Напротив. Сакам само да ја илустрирам политичката слика и немоќта, што ја остава пред јавноста премиерот намесник.

Зашто, не може истиот тој премиер намесник еден ден да има еден, а друг ден сосема друг став, идентичен со ставот на првиот вицепремиер. А, да не говориме за другите претставници и од Владата и од партијата СДСМ околу обелоденувањето на целата содржина на договорот за изградбата на делниците од коридорите 8 и 10д. Едноставно, апсолутно неприфатливо е интерсот на странските компании да се стави пред јавниот интерес во државата.

Оттука, крајно јалови, па дури и смешни изгледаат речиси секојдневните партиски соопштенија на СДСМ поврзани со уставните измени, во кои на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на самата најголема опозициска партија им се даваат улоги на заложници на Димитар Апасиев и на Левица како анти-не знам какви ти не политички субјекти. Едноставно, пропагандистичкото „заложништво“ на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ се неспоредливи со политичкото „паркирање“ на Таче и на СДСМ во скутовите на Ахмети, на Груби и на ДУИ!

Со кој образ излегува премиерот намесник Димитар Ковачевски и во Страсната недела да се прави голем мангуп и меѓу другото да каже:

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така да е нерелевантен за тоа прашање (вметнувањето на македонските Бугари во Уставот н.з.), а и многу често ги менува своите ставови.

Види мајката, што би рекол неговиот претходник. А, зошто мисли дека тој или уште десетици имиња, кои влегоа во т.н. работна група за промена на Уставот, се релевантни за таквите активности? Или, пак, смета дека само пратениците се одговорни за тоа?

Израз на немоќ Таче, немоќ! И ништо ниту помалку, ниту повеќе од тоа! Најмалку е некаков мангуплук смислен во твоите партиски пропагандистички лаборатории.

Напротив. Вината за тоа во каква состојба ги доведе Македонците и целосната поделност меѓу нив лежи само кај твојот ментор Зоран Заев и кај тебе лично. Зашто, обајцата презедовте обврски, што ниту еден разумен политичар не би ги презел.

Тргнувајќи од фактот, што за период од пет години, без никакви анализи, потпишавте два договора со иста држава-Република Бугарија, за иста цел-почеток на преговорите за членство во ЕУ. И сега чорба Македонче! Епа чорба!

Дали Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија го понудивте на изборите во 2016, или, пак, т.н. француски предлог на изборите во 2020 година? Не. Дали било која друга земја кандидат за членство во ЕУ имала исти критериуми за почеток на преговорите? Не. Дали билатералниот спор стана европски? Да. Дали направивте целосна анализа и истата сте им ја предочиле на граѓаните, што ќе значи практично внесувањето на македонските Бугари во Уставот? Не. Дали сте преземале обврски, без постигнат внатрешен консензус, што уставно, како извршна власт, не ви припаѓаат? Да. Дали целата европска свита, која престојуваше во Скопје пред уставните измени за промена на државното име, не не убедуваше дека тоа ќе биде последното барање за отстпки од Македонија? Да. Дали вметнувањето на Бугарите во уставот по влезот на Македонија во ЕУ не беше официјален ваш став при посредувањето на Франција? Да. Дали успеавте да се изборите за тоа? Не. Зошто? Затоа што сте неспособни да го одбраните националниот интерес. Ете затоа.

И сега вие ќе се продавате за релевантни, а сите други се нерелевантни. Море ај носете се со вашата релевантност!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ