Адреналин – Нова Македонија

Повеќе од извесно е дека меѓународната заедница, свесна за габаритот на легитимитетот што македонските граѓани ѝ го дадоа на новата власт токму поради ветувањата дека ќе ги среди состојбите дома, полека како да ја напушта мантрата прво уставни измени, па потоа сѐ друго. Сега има сосема нов наратив, прво средете ги работите дома, па потоа посветете се на евроинтеграциите, кои во средени држави се реализираат со молскавична брзина

Новата влада почна со работа и нејзина задача во перидот што следува е да ја оправда довербата што ѝ ја укажаа граѓаните, но уште повеќе да ги исполни дадените ветувања и на тој начин да ја врати земјата на вистинскиот колосек што води кон просперитет и развој, наспроти досегашната апатија, чувство на инфериорност и пониженост.
Очигледно кај овој народ проработе одбранбениот механизам, се активира последната доза адреналин, за да му помогне на македонскиот организам да се подигне и да не дозволи неколкумина политички авантуристи со потпис на обичен лист хартија да ги умртват македонството, неговиот јазик, историја и култура. Тој македонски организам се возобнови од агонијата во која беше западнал и испрати јасна порака до сите, дека нема цена по која ќе се откаже од сопствениот идентитет, колку и да се обидува некој да му го промени и модифицира.
Оваа порака ја примија сите, па, така, во честитките што деновиве стигнуваат до новата македонска влада од Вашингтон и од Брисел веќе никој не споменува уставни измени и не забележува дали некој функционер не кажал „северна“ додека се обратил пред група граѓани на некој локален панаѓур, туку она што странците го порачуваат сега, тоа со години го бараат македонските граѓани.
Имено, американската амбасадорка во својата честитка до новата влада бара од новите власти да се посветат на зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата на нејзиниот евроатлантски пат.
Ист или сличен наратив употреби и евроамбасадорот Гир, кој во честитката до Владата не заборави да истакне дека круцијални се реформите дома.
Обајцата високи дипломати како последни ги споменаа евроинтеграциите, што во дипломатската практика има посебно значење. Или, ништо не е случајно кога дипломатите нешто честитаат, секој збор е точно позициониран во согласност со редоследот на задачите што треба да се направат.

Повеќе од извесно е дека меѓународната заедница, свесна за габаритот на легитимитетот што македонските граѓани ѝ го дадоа на новата власт токму поради ветувањата дека ќе ги среди состојбите дома, полека како да ја напушта мантрата прво уставни измени, па потоа сѐ друго. Сега има сосема нов наратив, прво средете ги работите дома, па потоа посветете се на евроинтеграциите, кои во средени држави се реализираат со молскавична брзина. Конкретно, истиот наратив ЕУ го употреби пред големото проширување на Унијата, кога на сите земји кандидати им даде рок од пет години да си ги средат работите дома, а паралелно си течеше и преговарачкиот процес, по што во 2004 година се случи најголемото европско проширување.
Затоа во последните пораки од Вашингтон и од Брисел до новата влада се поставени јасни патокази по кои треба да се движи земјата, без да се оптоварува со неважни прашања, туку сета енергија да се насочи кон сеопфатен внатрешен реформски процес. Нема веќе простор за неработење, со ветувања дека беспоговорно ќе им се исполнуваат желбите на сите од страна, па дури и да се на штета на македонските национални интереси. Тоа беше досега, народот не дозволи и нема да дозволи да продолжи во иднина.
Тоа што евроинтегративните процеси се ставени на крајот на пораките на Агелер и Гир јасно покажува што треба да биде приоритет пред воопшто да се говори за каков било напредок на патот кон ЕУ, особено во услови кога Унијата и сама се наоѓа на крстопат дали ќе почне со суштински внатрешни реформи веднаш или и натаму ќе ја продава приказната за некакви европски вредности, во кои повеќе не веруваат ниту самите земји членки.

Во такви услови, Македонија мора паметно да го искористи стратегиското партнерство со САД за да бидат активно вклучени во процесите во земјава преку споделувања искуства, исто онака како што работат на мотивирање на македонските институции да почнат сериозна борба со корупцијата. Уште ќе се најде понекој што тврди дека преговорите со ЕУ ни биле потребни оти сами не можеме да спроведеме ниту една реформа, но ако Брисел продолжи да нѐ држи во чекалницата, тогаш која е алтернативата? Да нема реформи и да се одложуваат во недоглед? Еден доскорашен министер за надворешни работи постојано истакнуваше дека нема друга алтернатива, но човек што сака да наоѓа решенија, секогаш има по неколку алтернативи, кои не мора да значат какво било застранување од нашиот одамна утврден стратегиски курс. САД се тука, ги мониторираат сите процеси во земјава многу одамна, објективно и строго опоменуваат кога е нешто лошо, но и фалат кога е нешто добро направено. Тие внимателно ќе ги следат сите процеси и во иднина, а наше е да одработиме чесно, посветено и вредно.
Клучно за оваа држава е да се има волја да се спроведат потребните реформи од оние што ја бараа довербата од граѓаните. Тие им ја дадоа, сега е време да вратат со резултати. Прво нешто што се бара од новата влада, тоа е воспоставување вистинско владеење на правото. Граѓаните со децении го бараат тоа и не попусто довербата во судството се доближи до нула, ако не е отидена веќе и во негатива. Потоа, давање поттик на економијата за да земе здив по годините стагнација, како и сериозно посветување на изградба на енергетски капацитети што ќе ја направат земјава енергетски независна. Сето тоа треба да биде дополнето со проекти во инфраструктурата, како безбедни автопатишта и експресни патишта низ целата земја, брза железница конектирана со пристаништата и центрите на југ, север, исток, запад. За квалитетен здравствен и образовен систем воопшто и да не станува збор.
Кога на ова ќе се придодаде и социјалниот аспект, поточно повисоки плати и пензии, тогаш неминовно амбиентот во земјава полека ќе почне да се менува, од држава што сите ја напуштаат, во земја во која ќе почнат сите да се враќаат.
Тука на крајот доаѓаат евроинтеграциите. Откако ќе се потсредат работите дома, ќе профункционираат институциите како што ѝ прилега на една нормална држава, тогаш Македонија и без уставни измени и без кажана-некажана „северна“ во името ќе биде посакуван европски партнер и преговорите за членство ќе ги заврши брзо. Во средена држава и на граѓаните нема да им биде толку важно дали се во ЕУ или не, бидејќи ќе живеат европски дома. А кога домашната перцепција за Европа ќе стане таква, неидеализирана, тогаш никој повеќе нема да може да ја уценува оваа држава. Времето на уцени помина.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Филипче – најдобриот подарок од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ – Denesen.mk

Дарко ЈАНЕВСКИ Пред само една недела, во гостување во емисијата...

Претставена забранетата верзија на албумот „Битанга и принцеза“ на „Бјело дугме“

Најголемата дискографска куќа во регионот „Croatia Records“ ја претстави...

Разузнавачките служби ќе функционираат во една агенција

Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе...

Министерот за спорт Борко Ристовски пушти во употреба ново спортско игралиште во Василево

Денес, министерот за спорт Борко Ристовски, на покана на...