Екипата на Прилеп им се врати на победите во суперлигашката конкуренција, на свој терен славеше над Струга со 24:23 во натпревар од 20. коло. Прилепчани со двата бода ја презедоа 7. позиција на табелата, но и двете екипи по завршувањето на регуларниот дел ќе играат во плеј-аут фазата.
Прилеп до крајот од регуларниот дел треба да гостува во Велес кај дебитантот Борец ФЛ и да одигра на домашен терен против актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, па така прилепчани ќе се обидат во плеј-аут фазата да пренесат максимален број бодови.
Иако домаќините одлично го стартуваа натпреварот, сепак, младите ракометари на Струга не се предаваа и кон средината на првиот дел успеаја да израмнат на 6:6. Откако гостите се вратија во игра, тренерот Мојсов мораше да повика минута одмор, а по тајм-аутот Прилеп ја подобри играта, започна да води со 2-3 разлика и на пауза замина со резултатска предност од 14:12.
Во вторите 30 минути имаше бркотница на теренот и најчесто резултатот беше нерешен. Двете екипи направија безброј технички грешки, во еден момент Струга ја презеде предноста, на трипати водеше со плус еден, но домаќините не дозволија да бидат ,,шокирани” од младиот гостински тим.
Божидар Илиески на минути пред крајот им ја донесе победата на домаќините, а стружани не реализираа во последниот напад за реми.