Да правиме мали работи со многу љубов

Индивидуалните примери се можеби мал влог, мал чекор напред, но ако секој даде свој мал придонес, можеби ќе се афирмираме и потврдиме во светот како потомци на една стара култура и цивилизација, која заслужува почит и признавање. Затоа што во овие тешки времиња кога сме сведоци на негирање на сѐ што е македонско, насушна е потребата од ваков вид едукација и афирмација

Не сме сите создадени да правиме големи работи. Но затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.
Мајка Тереза

Минатата недела „Нова Македонија“ ја имаше една од најдобрите насловни страници, не само на нашиот весник туку воопшто во поновата историја на Македонија од независноста наваму. Ова го кажувам непристрасно, не само затоа што сум дел од редакцијата на весникот туку затоа што таква беше и реакцијата на читателите на насловната страница на празничниот број на весникот „Нова Македонија“, на која беше претставена личната карта на Илинденското востание со акцент на Република Македонија, името што земјава тешко го извојува, а многу лесно го изгуби во партиско-политичките пресметки и превирања пред неколку години. Насловната, која предизвика голем број позитивни реакции меѓу читателите, беше храбар чин во овие турбулентни времиња кога македонскиот народ се соочува со постојан притисок и негирање на неговата државност, име, јазик, народ, идентитет…
Идејата во илустрација ја вообличи македонскиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски, кој е наш редовен соработник, и ова беше само една од неговите заложби во одбраната на националните интереси. Во време кога негирањето на македонскиот јазик сѐ уште е незавршена тема, тој ревносно работи на создавање оригинални македонски кирилични фонтови, неуморен во тоа што го прави за зачувување и афирмирање на македонската кирилица. Еден од неговите најзначајни фонтови е автентичниот фонт направен според ракописот на Кочо Рацин, чие право на користење ни го отстапи за графичкото уредување на прилогот за култура ЛИК, со што првиот дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник започна да живее токму на страниците на првиот македонски дневен весник. Рациновиот фонт има 600 карактери и со него може да се пишува кирилично и латинично на 93 јазици.
Во овие турбулентни времиња кога од сите страни се негира она нашето, исконското, македонското“, од особена важност е да зборуваме на македонски јазик и да пишуваме на македонска кирилица, а за тоа е неопходно писмото, кое ни овозможува на оригинален начин да ја запишеме нашата историја, да оставиме пишана трага за нашите идни генерации. Затоа што јазикот не може да постои без писмото.

Денеска во куќата на Уранија на МАНУ во Охрид, на професорот Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго, САД, еден од најголемите американски и светски слависти, ќе му биде доделена Светската награда на хуманизмот за 2023 година. Акадeмик Виктор Фридман е вљубеник во јазикот, особено во македонскиот јазик. Децениите минати во изучување на македонскиот јазик биле „од мерак за јазикот“ како што самиот кажува. Фридман е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 г. Тој претставува своевиден амбасадор не само на македонскиот јазик туку и на Македонија во Северна Америка и во светот. Преку својата наставна, научна и професионална кариера повеќе од 35 години придонесува македонскиот јазик, литература и култура да станат попознати и признаени и во светот.
Овие примери се можеби мал влог, мал чекор напред, но ако секој даде свој мал придонес можеби, ако ништо друго, ќе почнеме да пишуваме и да зборуваме правилно и соодветно, ќе се афирмираме и потврдиме во светот како потомци на една стара култура и цивилизација, која заслужува почит и признавање. Затоа што во овие тешки времиња кога сме сведоци на негирање на сѐ што е македонско, насушна е потребата од ваков вид едукација и афирмација. А „Нова Македонија“ во континуитет го прави тоа.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Еве кои 16 ракометарки ќе настапат за Македонија на првиот дуел на СП

Денеска во Скопје ќе стартува Светското младинско првенство,...

Трампа меѓу Кил и Келце – Вулф во Германија, Беласен во Полска!

Според пишувањата на „Билд“, еден од најдобрите голмани Андреас...

Од Куманово во БиХ – Благојевиќ ќе им прави друштво на Граџан, Николиќ, Плех…

Довчерашниот член на Куманово, Милош Благојевиќ, кој во...