Достоинство или ништо – Република

Васко Шутаров

(Достоинството нема цена!)

Кога мислам за достоинството во нашите лични животи или во пошироки општествени и политички рамки, се сеќавам што учевме своевремено на Факултетот за политички науки и тоа уште на самиот почеток на студиите: „Достоинството се одредува како универзална, суштинска и безусловна вредност!“ Суштинска и безусловна вредност, колку моќно тоа звучи?!

Се потсетувам почесто, прелистувајќи по толку пати читаните книги од студиите, на она што сум го потцртувал за да остане некако трајно запаметено: „Во концептуалните рамки на теориите за политиката, достоинството се дефинира како неодвоив квалитет на политичките ентитети кој ним им овозможува да бидат третирани во склад со нивната природа: идентитет, карактер или функција“. Неодвоив квалитет на политичките ентитети-и тоа колку моќно звучи?!

За достоинството во јавната, политичката и посебно дипломатската сфера, тема која посебно ме провоцира и тера на размислување, пред 40-ина години сум потцртал и денес повторно се потсетувам: „Иако се претпоставува и одредува (преку низа од права), достоинството никогаш не е однапред остварено, тоа е само потенција која политичките актери мора да ја градат и да ја освојуваат преку свесни и целенасочени активности. Начинот на кој политичкиот лидер го покажува, изразува и чува достоинството ги одразува пошироките принципи во кои дејствува, а во овој контекст принципите на почитување на достоинството се најблиски со принципите на легитимитетот. Достоинството е потесно поврзано и со принципите на слободата и вистината, а достоинството преставува мерка преку која се изразува слободата на политичките актери“. Достоинството како мерка на слободата?! Помоќно од ова – здравје!

А покрај потцртаното, на маргините стојат сè уште запишани некогашни мои  студентски дилеми: „Овде се јавува и можниот парадокс – дали токму жртвувањето на достоинството како мерка на слободата, може да биде начин да се одржи идентитетот и создадат основи за идна слобода! И каква треба да биде потребната вештина, како да се најде правата мерка во одбрана на достоинството, а на другиот крај од континуумот никогаш да не се премине линијата на понижување?!“

(препрочитувајќи ги овие мисли за достоинството, легитимитетот слободата и вистината и кога воопшто не сакам, пред очи ми се појавува министерот за надворешни работи, го гледам како претура како од шупливо во празно, те од едната, те до другата рака-и ми станува уште толку јасно, колку тој, а и сите ние покрај него, во моментов сме најдалеку од универзалниве концепти за достоинството, слободата и вистината во областа на политиката, а во дипломатијата посебно).

На подоцнежните години од студирањето, на специјализираните предмети од дипломатијата и сега со леснотија можам да се потсетам во кои клучни меѓународни документи беше запишано достоинството на граѓаните и народите како врвен принцип, како на пример во еден од најважните документи на повоената меѓународна политичка архитектура, „Општата декларација за човековите права на ОН“ во која уште во чл.1 беше запишано дека:„луѓето се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата“.

Се потсетувам и на толку многу вежби на кои симулирајќи и практикувајќи политичко-дипломатски перформанси, учевме како се стекнуваат вештини за дипломатските игри во секакви потенцијално можни политички и дипломатски околности и услови и со секакви меѓународни политички актери. Учевме колку е исклучително важен дигнитетот на политичкиот перформанс што произлегува од титули, звања, процедури, посебни протоколи, обичаи на облекување или посебни дипломатски жаргони. Она што најпрво научивме е, дека достоинството и дигнитетот на националниот и државниот интерес, сам од себе нема да го одбрани добро скроениот костим („Облечи го костимот и улогата сама ќе се игра!“) и дека без мудрост, знаење и умеење, без жар, без посветеност и без постојан фокус, политичките а посебно дипломатските перформанси можат, дури да трепнеш, да станат карикатурално-смешни и трагично-поразителни, како за политичкиот актер, така за државата и интересите кои ги застапува!

(неминовно, повторно како пред очи да ми излегува министерот за надворешни работи како промислено трепка, стокмен во перфектен крој, небаре, од најдобрите француски дипломатски школи од Ришелје наваму излегол, и без оглед што редовно го бањаат не еден, туку сите бугарски министри за надворешни, редум….не се збунува, значајно трепка а дипломатскиот костим за чудо трпи сè! Браво, министре!)

Но, што се старите добри универзитети во споредба со школото на животот во кој човек може да се изнагледа на сè и сешто од доменот на губењето на достоинството и на слободата, од газењето на вистината и на легитимитетот, преку практикувањето на секакви згодни и помалку згодни политичко-дипломатски перформанси и практики и тоа не само од домашни невешти политички актери, туку и од добро обучени светски политички  актери. И добрите стари школи не мора да значат ништо, ако само за момент се изгуби фокусот и згасне жарта од врвните принципи на кои почиваат високата политика и дипломатија: достоинството, легитимитетот, слободата и вистината-кои навистина немаат цена и се тргне по полесниот пат на додворувачка и аминувачка дипломатија, која отсекогаш имала и ќе има добра цена!

(…повторно како пред очи да го гледам министерот за надворешни, како уште претура од шупливо во празно, од едната во другата рака, барајќи како да изжонглира соодветна дипломатска фраза за бесценетото и она лукративното што има цена, махинално ставајќи ја раката во џеб, онака баш дипломатски лежерно…?!)

А примери и од високата дипломатија, во кои достоинството „отишло на кино“, само последниве неколку години, колку ви душа сака. Пред неполни две години, чинам, кога се случи онаа непријатна заедничка конференција за медиумите, на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеф Борел, истата веднаш стана лекција која може да се изучува во секој иден учебник како пример за класично дипломатско понижување. Се сеќавате на Борел, кој прилегаше на неспремен ученик во основно училиште натеран во ќош, лошо подготвен и неспремен да му парира на дипломат од калибарот на Лавров, (познат по тоа што на своите преговарачки партнери ништо не им подарува!). Се сеќавате на овие руски дипломатски плотуни изречени преку устата на Лавров: „Европа е непостојана и несигурна; Франција и Германија се арогантни кон Русија и одбиваат размена на важни информации за случајот Навални; во Шпанија постојат политички мотивирани судски пресуди против каталонските сепаратисти“? На оваа канонада од оптужби, Борел тивко си одмолча и со дипломатски-наместена љубезна насмевка се обиде да го покрие страшниот дипломатски срам!

(Па добро, на секој може да му се случи тоа“, ќе каже тивко како за себе, но толку убедливо министерот за надворешни работи, еве, само колку пати јас сум бил доведен во таква ситуација само со бугарските министри за надворешни, дури и кога ми кажувале пред камери дека во Македонија се враќаат традициите на палење, пукање и стрелање“, еве мене ни бисер ми се одрони, ни круна ми падна од глава, нели?!“)

Претпоставувам ќе се сетите и на оваа изјава: „Дојдовме во Турција да дадеме замав на нашите односи“, од април 2021 година, кога претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен заедно со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел беа во официјална посета на Анкара и претседателот Реџеп Таип Ердоган. Но, тој нов замав остана во длабока медиумска сенка од скандалот предизвикан со распоредот за седење, според кој, на „султанскиот стол“ до Eрдоган седна Шарл Мишел, а претседателката на Европската влада како по казна дискретно беше седната на прилично одалечен кауч од домаќинот на средбата. Две дипломатски понижувања во еден замав, прво Турција се повлече од Истанбулската конвенција и второ ја смести претседателката на Европската комисија на смешен дипломатско-протоколарен кауч и истовремено ја изложи на потсмев на целата светска јавност.

(Па добро, ќе додаде на ова министерот за надворешни работи, понекогаш се случува и тоа, еве мене како искусен дипломат(?!) и човек со мисија(?!) ми се има случено високи гостинки од Словенија и Словачка да седнат на стол наспроти мене, да седат покрај погрешни знаменца на нивните држави и не се осетија понижено-и што ни фалеше?!“)

Школски пример за дипломатски перформанс во кој дигнитетот беше подложен на брутално подбивање и понижување беше секако средбата на која српскиот претседател Александар Вучиќ, беше наместен да седи на столче пред претседателското биро на Доналд Трамп. И покрај „хвалоспевите за историската посета и за добиеното пенкало, печат и клучеви од Белата куќа“ српскиот претседател стана предмет на подбив на социјалните мрежи и овој школски пример на дипломатско понижување може слободно да влезе во секој учебник за несоодветни и крајно непримерни дипломатски практики, во кои еден од актерите е подложен на ситуации за секаков потсмев.

(Зошто никој не спомнува колку пати Владимир Путин така ги има седнато нашите партнери од Западот, тој седнат во Москва, а нашите пријатели чиниш во Сибир на маса ги седнал?! Еве, јас ветувам дека дури ни како претседавач со ОБСЕ нема да си го дозволам тој луксуз на понижување и нема да седнам со Путин на иста маса, никогаш! А Вучиќ се разбира, не би коментирал“- ќе каже отмено и надмено министерот за надворешни работ, без око да му трепне…)

А што се овие три амблематични примери од лошата практика во светската дипломатија, во споредба со непрегледната серија од лоши дипломатски практики на македонскиот министер за надворешни работи?!

…………………………………..

П.С. Македонски министре за надворешни работи, Бујар Османи, оди си! Оди си онаму каде што можеш да бидеш добар – најнапред меѓу своите пациенти и таму биди добар! Доста беше, премногу беше! Достоинството нема цена и преголема е цената што ја плаќаат сите граѓани заради понизно-додворувачката дипломатија што ја промовираше, само себепромовирајќи се!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Драчево со гол од пенал ги освои бодовите против Младост Богданци

Ракометарите на Драчево на свој терен успеаја да...

Веспрем повторно му одржа лекција на ПИК Сегед

Екипата на Веспрем денеска уште еднаш му покажа...

Магдебург гази се пред себе – на чекор до титула во Германија

Во дерби дуелот од 29. коло во Бундес...

Ustavni sud se ponio kukavički

POSTIZBORNI cirkus ulazi u svoj...